петок, март 6, 2026
Почетна КолумниПризнанието не се организира, се практикува Employee Appreciation Day

Признанието не се организира, се практикува Employee Appreciation Day

by 24HR

Колумна на м-р Ана Салтирова Давидовски-Основач на Кампања #ЛиченИЗБОР www.AnaSaltirova.mk, Автор, Член на УО на МАЧР, Искусен HR професионалец, NLP Тренер и Coach, Тренер за личен развој

6 март е Employee Appreciation Day. Ќе има честитки, ќе има објави на социјалните мрежи, ќе има фотографии од насмеани тимови и пораки за „нашите највредни луѓе“. И сето тоа треба да се одбележи – да се искаже благодарност, да се оддаде признание и да се покаже дека вложениот труд се вреднува.

Но ако признанието се сведува на еден ден во годината, тогаш не зборуваме за култура, туку за површна employee branding кампања.

Признанието не се случува од HR канцеларија, туку во директниот контакт помеѓу лидерот и вработениот – во секојдневниот разговор, во редовниот фидбек, во реакцијата на грешка и во начинот на кој се поставуваат очекувањата. HR може да постави рамка, да иницира процес и да предложи алатки, но културата не се создава преку објава, иницијатива или алатка; тие можат да го започнат процесот, но мора да заживеат во секојдневието за навистина да станат дел од организациската култура.

И тука започнува вистинската приказна.

Не затоа што лидерите не се грижат, ниту затоа што нема добра намера, туку затоа што многумина никогаш не добиле систематизирана обука за управување со луѓе. Менаџерската позиција доаѓа со титула, но компетенцијата за лидерство и управување со човечки потенцијал не доаѓа автоматски. Позицијата може да биде менаџерска, но лидерската компетенција се учи. Кога се под стрес микроменаџираат, кога се фрустрирани стануваат остри, а под притисок ја губат емпатијата. Во таква средина признанието звучи како формална порака, но не се чувствува како вистина.

И токму затоа еднодневното признание не може да ја компензира 364-дневната несвесност.

#КакоМОЖЕ да изгледа поинаку?

Наместо прашањето „што ќе организира HR за Employee Appreciation Day“, можеби е поважно да ги внесеме следниве прашања во самата стратегија на компанијата: #КакоМОЖЕ јас како лидер да создадам средина во која луѓето се чувствуваат вреднувани секој ден? #КакоМОЖЕ да реагирам поинаку кога сум под притисок? #КакоМОЖЕ да дадам признание што е искрено и заслужено, а не формално?

HR не е оддел за родендени и објави; HR е бизнис функција, исто како финансии, операции или продажба. Кога HR се сведува само на „убави активности“, а лидерите немаат систематизирано знаење за мотивација, фидбек и психолошка безбедност, тогаш градиме куќа од втор спрат. Кога организацијата повеќе инвестира во објава отколку во лидерски компетенции, тогаш признанието станува позиционирање, а не култура.

Благодарноста има огромна вредност; таа е црешката на тортата, но само кога тортата постои – кога има јасни очекувања, развој, почит, психолошка безбедност и свесно лидерство. Тогаш #Благодарам е моќна порака. Но кога е замена за систем или стратегија за социјални мрежи без вистинска работа со луѓето, тогаш зборуваме за недоволно разбирање на HR како бизнис дисциплина.

Затоа, среќен Employee Appreciation Day – но уште повеќе, среќни 364 дена свесно лидерство. Затоа што признанието не се организира, се практикува. Признанието не е збор, тоа е однесување.

Related Posts

Leave a Comment