Проклетството на сонот “Програмер” и системското уништување на насоченото средно образование

од 24HR

Колумна на Татјана Давчев

Секоја година, на одбележувањето на Денот на младите, два-три дена се зборува за плановите како да се задржат младите во Македонија.


Е па нема да се задржат само со тие два-три дена зборување.


И се започна со “Знаењето е сила, знаењето е моќ”, кога во неколку генерации, се наполнивме со високо образована младина. И не само факултетски образовани, туку и магистри, со магистерски трудови напишани без ден работно искуство. Затоа и во сите тие трудови, нема квалитетни магистерски тези (како што е редот, нели), туку само бедни компаративни анализи на состојбите во некоја област во Македонија и регионот или ЕУ. Но, во потписот задолжително стои М-р.


Во исто време, насоченото средно образование пропадна. Тие средни училишта станаа “дувла”, не произведувајќи никаков кадар. Кадарот кој е потребен за фабриките што се отворија/отвораат во слободните економски зони, но и за домашните производствени капацитети, сега го нема. Зошто, магистер нема да работи на производствена лента. И затоа, доколку се направи една анализа на стапка на обрт на вработени, сигурна сум дека во овие компании ќе биде највисока.
Сонот на секој средношколец(ка) е гимназија, па уште ако има математичка насока, уште подобро; полесно ќе се запише на Финки или Електро и чекор поблиску до сонот – Програмер, и вработување во ИТ фирма која работи за странски пазар, и со тоа чекор уште поблиску до исселување од Македонија. Значи, тој/таа Програмер, школуван(а) во домашна образовна институција, воопшто не придонесува во ИТ развојот на домашни компании. Ете, тоа би бил циклусот.
А пак, да се стане добар Програмер, не е едноставно. Па оние ентузијастите кога ќе сфатат дека далеку е дипломата, плаќаат за курсеви (оние популарните, тестер, фронт-енд….). Да, плаќаат. Зошто, логиката е дека се е подобро, отколку да се биде РАБОТНИК. Некогаш најценетите, оние кои имаат најголема додадена вредност во општеството, РАБОТНИЦИТЕ, сега се најмаргинализирана класа. Маргинализирана и од системот и од поединците; дојдовме до степен кога срамота е да се работи во фабрика, во маркет, во хотел….. Ама не е срамота да се работи истото тоа во странство!


Работите ќе се подобрат кога Работникот ќе го заземе местото и почитта кои ги заслужува!

Заб: Морав да генерализирам заради доловување на реалноста.

За авторот:

Татјана Давчев-Омилени теми корпоративно управување и етика. Крајна цел: воведување на критичко размислување, двигател на идниот развој.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...