Како ја завршуваме годината и што нè чека понатаму?
На прагот на новогодишните и божиќните празници, кога сите подготвуваме нови планови и цели, решивме да погледнеме назад и да ги собереме највредните мисли од професионалците кои беа дел од нашите интервјуа оваа година.
Во овој специјален празничен серијал на 24hr.mk, им поставуваме едно инспиративно прашање на HR професионалците:
„Кога би биле Дедо Мраз за вашата компанија или за HR професијата во целост, кој „подарок“ би го донеле оваа година – нешто што ќе ги исправи грешките, ќе извлече лекции од минатото и ќе создаде подобра иднина за сите?“
Нивните одговори ќе ве поттикнат да размислувате, да се инспирирате и да извлечете вредни лекции за годината што помина и за тоа што допрва следува.
Ќе ги објавуваме низ неколку серии, за да ве инспирираме во текот на празниците и да ви дадеме нови идеи за годината што доаѓа. Без разлика дали сте искусен HR професионалец или сте на почеток на вашата кариера, овие искуства и размислувања ќе ве потсетат на важноста на човечкиот фактор и ќе ве мотивираат да продолжите да правите разлика во светот на работата.
Следете нè во наредните денови и уживајте во празничната рефлексија на инспиративните личности од HR светот!
Во денешниот серијал ги претставуваме одговорите на Бјанка Катру, заменик генерален директор на М Кеш.
„Како Заменик генерален директор на М Кеш, ако би бил Дедо Мраз, не би донела симболичен подарок –би донела еден стратешки подарок за целата компанија 🎁
👉 култура каде што луѓето се ценети, а целите се јасно дефинирани.
Тоа е подарок што:
- им дава сигурност на вработените дека се слушнати и поддржани;
- им дава јасна насока – што мора да се постигне и зошто;
- создава одговорност, фокус и дисциплина во резултатите.
Во М Кеш знаеме дека грижата за луѓето е инвестиција,а исполнувањето на целите е обврска.
Кога овие две одат заедно, компанијата расте, тимот победува,а резултатите не се случајност – туку последица.
Тоа е „подарокот“ што не трае една година,туку ја гради иднината на М Кеш.“
