Како ја завршуваме годината и што нè чека понатаму?
На прагот на новогодишните и божиќните празници, кога сите подготвуваме нови планови и цели, решивме да погледнеме назад и да ги собереме највредните мисли од професионалците кои беа дел од нашите интервјуа оваа година.
Во овој специјален празничен серијал на 24hr.mk, им поставуваме едно инспиративно прашање на HR професионалците:
„Кога би биле Дедо Мраз за вашата компанија или за HR професијата во целост, кој „подарок“ би го донеле оваа година – нешто што ќе ги исправи грешките, ќе извлече лекции од минатото и ќе создаде подобра иднина за сите?“
Нивните одговори ќе ве поттикнат да размислувате, да се инспирирате и да извлечете вредни лекции за годината што помина и за тоа што допрва следува.
Ќе ги објавуваме низ неколку серии, за да ве инспирираме во текот на празниците и да ви дадеме нови идеи за годината што доаѓа. Без разлика дали сте искусен HR професионалец или сте на почеток на вашата кариера, овие искуства и размислувања ќе ве потсетат на важноста на човечкиот фактор и ќе ве мотивираат да продолжите да правите разлика во светот на работата.
Следете нè во наредните денови и уживајте во празничната рефлексија на инспиративните личности од HR светот!
Во денешниот серијал ги претставуваме одговорите на Ивана Дојчиновска Стојановска, основачки партнер во SynapseHR Consultants Collective, основач и главен HR консултант во Prudens Consulting, инструктор во HR Academy во Brainster, член на Управен одбор во Association of Career Counselors
„Вештини за работа со луѓе за сите менаџери! Јас на сите компании би им подарила ефикасни алатки за интензивно оспособување на линиските менаџери за секојдневна работа со луѓе – како да водат разговори, да даваат фидбек, да поставуваат очекувања, да следат перформанс и да развиваат тимови.
Без овие вештини, HR процесите остануваат формални и тешко применливи. Кога менаџерите се оспособени, HR конечно може да функционира како систем, а не како сервис за гаснење пожари.“
