Како ја завршуваме годината и што нè чека понатаму?
На прагот на новогодишните и божиќните празници, кога сите подготвуваме нови планови и цели, решивме да погледнеме назад и да ги собереме највредните мисли од професионалците кои беа дел од нашите интервјуа оваа година.
Во овој специјален празничен серијал на 24hr.mk, им поставуваме едно инспиративно прашање на HR професионалците:
„Кога би биле Дедо Мраз за вашата компанија или за HR професијата во целост, кој „подарок“ би го донеле оваа година – нешто што ќе ги исправи грешките, ќе извлече лекции од минатото и ќе создаде подобра иднина за сите?“
Нивните одговори ќе ве поттикнат да размислувате, да се инспирирате и да извлечете вредни лекции за годината што помина и за тоа што допрва следува.
Ќе ги објавуваме низ неколку серии, за да ве инспирираме во текот на празниците и да ви дадеме нови идеи за годината што доаѓа. Без разлика дали сте искусен HR професионалец или сте на почеток на вашата кариера, овие искуства и размислувања ќе ве потсетат на важноста на човечкиот фактор и ќе ве мотивираат да продолжите да правите разлика во светот на работата.
Следете нè во наредните денови и уживајте во празничната рефлексија на инспиративните личности од HR светот!
Во денешниот серијал ги претставуваме одговорите на Лилјана Бојковска, менаџер за човечки ресурси, Флекс груп
„Кога би била Дедо Мраз за мојата компанија и за HR професијата, подарокот што би го донела би бил HR на масата каде што се носат клучните одлуки – како вистински стратешки партнер на бизнисот.
Зад секоја стратегија, бројка и план стојат луѓе. Затоа е неопходно HR да биде вклучен во стратешкото планирање, не само во имплементацијата. Каде човечкиот капитал се гледа како вредност што се гради и развива, а не како трошок што се менаџира, додека компаниите сами носат поодржливи и попаметни одлуки.
Мојот втор „подарок“ би бил да научиме подобро да го мериме влијанието на луѓето врз резултатите. Инвестициите во развој, лидерство и добросостојба да се гледаат низ призма на долгорочена инвестиција, а не како краткорочен трошок. Само така HR може целосно да ја покаже својата стратешка улога.
Лидерство кое го препознава HR како партнер и вложувањето во луѓето е најсигурна инвестиција за одржлив раст и успех. Тоа е лекцијата што ја носиме од годината што изминува – и патоказот за иднината што ја градиме.“
