среда, јануари 7, 2026
Почетна СтатииСЕРИЈАЛ ЗА ПРАЗНИЧНА РЕФЛЕКСИЈА: ЛИЛЈАНА КОЧОСКА, ЗВРШНА ДИРЕКТОРКА НА UNITY HR CENTER

СЕРИЈАЛ ЗА ПРАЗНИЧНА РЕФЛЕКСИЈА: ЛИЛЈАНА КОЧОСКА, ЗВРШНА ДИРЕКТОРКА НА UNITY HR CENTER

by 24HR

Како ја завршуваме годината и што нè чека понатаму?

На прагот на новогодишните и божиќните празници, кога сите подготвуваме нови планови и цели, решивме да погледнеме назад и да ги собереме највредните мисли од професионалците кои беа дел од нашите интервјуа оваа година.

Во овој специјален празничен серијал на 24hr.mk, им поставуваме едно инспиративно прашање на HR професионалците:

„Кога би биле Дедо Мраз за вашата компанија или за HR професијата во целост, кој „подарок“ би го донеле оваа година – нешто што ќе ги исправи грешките, ќе извлече лекции од минатото и ќе создаде подобра иднина за сите?“

Нивните одговори ќе ве поттикнат да размислувате, да се инспирирате и да извлечете вредни лекции за годината што помина и за тоа што допрва следува.

Ќе ги објавуваме низ неколку серии, за да ве инспирираме во текот на празниците и да ви дадеме нови идеи за годината што доаѓа. Без разлика дали сте искусен HR професионалец или сте на почеток на вашата кариера, овие искуства и размислувања ќе ве потсетат на важноста на човечкиот фактор и ќе ве мотивираат да продолжите да правите разлика во светот на работата.

Следете нè во наредните денови и уживајте во празничната рефлексија на инспиративните личности од HR светот!

Во денешниот серијал ги претставуваме одговорите на Лилјана Кочоска, поранешна корпоративна HR директорка, денес основач и  извршна директорка на компанијата Unity HR Center https://unityhrcenter.com/

„Да ми беше оваа година доделена улогата на Дедо Мраз, за една компанија или уште поамбициозно, за HR професијата во целина, мојот подарок немаше да биде ниту софтвер, ниту нов пакет бенефиции, ниту уште еден прирачник за „best practice “.

Ќе донесев нешто многу поедноставно, но и многу потешко: зрелост.

Зрелост во начинот на кој носиме одлуки за луѓето, зрелост во односот кон работата и зрелост во признавањето дека грешките што денес ги плаќаме, се резултат на избори кои со години сме ги толерирале.

Денешната HR  професија, одамна живее во раскол помеѓу формалната улога и реалната моќ. На хартија, HR е „стратегиски партнер“. Во пракса, често е администрација, медијатор и тампон-зона помеѓу менаџментот и незадоволните вработени. Премногу се навикнавме на реактивност. Реагираме кога луѓето си заминуваат, кога инспекцијата ќе затропа на врата, кога платата веќе не е доволна за да се задржи вработениот.

Да бев Дедо Мраз, мојот прв подарок ќе беше храброст да се прекине со реактивноста.

За жал, на потежок начин научивме дека регионот нема луксуз да ја игнорира демографијата, миграциите и глобалниот пазар на труд. Одливот на работна сила повеќе не е инцидент, туку системска појава. А одговорот на тоа не може да биде само жалење за „нелојалноста“ на вработените.

Вториот подарок што би ѝ го донела на HR професијата е искреност. Искреност да признаеме дека со години ја потценувавме важноста на планирањето на работната сила. Дека се потпиравме на импровизација, лични мрежи и краткорочни решенија. Дека често вработувавме „најблиску достапни“, а не „најдобрите можни“. И дека денес, кога локалниот пазар повеќе не може да одговори на потребите на стопанството, мораме сериозно и професионално да се свртиме кон регрутација од странство и од регионот.

Токму тука ја гледам една од клучните лекции од минатото. Регрутацијата на странски работници не е нужно знак на слабост на пазарот, туку тест на зрелоста на системот. Тест дали знаеме да управуваме со различноста, администрацијата, интеграцијата и очекувањата – и на работодавачите и на кандидатите. Како некој што со години работел во корпоративен HR, а денес води компанија што се занимава со овие предизвици, јасно гледам колку е важно HR да излезе од зоната на комфор.

Третиот подарок би бил враќање на достоинството на HR професијата. Тоа значи дека HR мора да престане да биде само „сервис“ и да стане советник со став, знаење и одговорност. HR кој ќе му каже на менаџментот кога одлуката е лоша, неодржлива. HR кој подеднакво добро ги разбира правото, бизнисот и луѓето.

Ако нешто мораме веднаш да исправиме, тоа е илузијата дека проблемите со луѓето можат да се решат без инвестиции во знаење и во долгорочни стратегии.

Затоа, да бев Дедо Мраз, мојот подарок немаше да биде завиткан во сјајна хартија и црвена машничка. Ќе беше малку предизвикувачки и обврзувачки. Подарок што ќе тера да погледнеме наназад без сентименталности, да ја перципираме сегашноста без изговори, а иднината без страв.

Зашто само таков подарок навистина вреди да се задржи.“

Related Posts

Leave a Comment