Како ја завршуваме годината и што нè чека понатаму?
На прагот на новогодишните и божиќните празници, кога сите подготвуваме нови планови и цели, решивме да погледнеме назад и да ги собереме највредните мисли од професионалците кои беа дел од нашите интервјуа оваа година.
Во овој специјален празничен серијал на 24hr.mk, им поставуваме едно инспиративно прашање на HR професионалците:
„Кога би биле Дедо Мраз за вашата компанија или за HR професијата во целост, кој „подарок“ би го донеле оваа година – нешто што ќе ги исправи грешките, ќе извлече лекции од минатото и ќе создаде подобра иднина за сите?“
Нивните одговори ќе ве поттикнат да размислувате, да се инспирирате и да извлечете вредни лекции за годината што помина и за тоа што допрва следува.
Ќе ги објавуваме низ неколку серии, за да ве инспирираме во текот на празниците и да ви дадеме нови идеи за годината што доаѓа. Без разлика дали сте искусен HR професионалец или сте на почеток на вашата кариера, овие искуства и размислувања ќе ве потсетат на важноста на човечкиот фактор и ќе ве мотивираат да продолжите да правите разлика во светот на работата.
Следете нè во наредните денови и уживајте во празничната рефлексија на инспиративните личности од HR светот!
Во денешниот серијал ги претставуваме одговорите на Mирјана Цветковска, генерален директор на Инфинум Македонија.
„Мојот новогодишен подарок за компаниите, а воедно за HR професионалците, би било нешто што не се пакува, но се чувствува секој ден – јасност.
Јасни цели и очекувања. Јасни улоги. Јасна комуникација.
Голем дел од конфликтите на работното место не произлегуваат од недостаток на добра волја, туку од недоволна усогласеност. Кога луѓето знаат кон што се движат, што се очекува од нив и како нивната улога придонесува кон поголемата слика, соработката станува полесна, а довербата се гради природно.
За HR, пак, јасноста е навистина моќен подарок. Намалувајќи ги конфликтите, овозможува поквалитетни и позначајни разговори и создава основа на која и луѓето и организацијата можат да напредуваат заедно, а на HR професионалците им дава нешто непроценливо – време и простор за вистински стратешки придонес, наместо постојано „гаснење пожари“.
