Како ја завршуваме годината и што нè чека понатаму?
На прагот на новогодишните и божиќните празници, кога сите подготвуваме нови планови и цели, решивме да погледнеме назад и да ги собереме највредните мисли од професионалците кои беа дел од нашите интервјуа оваа година.
Во овој специјален празничен серијал на 24hr.mk, им поставуваме едно инспиративно прашање на HR професионалците:
„Кога би биле Дедо Мраз за вашата компанија или за HR професијата во целост, кој „подарок“ би го донеле оваа година – нешто што ќе ги исправи грешките, ќе извлече лекции од минатото и ќе создаде подобра иднина за сите?“
Нивните одговори ќе ве поттикнат да размислувате, да се инспирирате и да извлечете вредни лекции за годината што помина и за тоа што допрва следува.
Ќе ги објавуваме низ неколку серии, за да ве инспирираме во текот на празниците и да ви дадеме нови идеи за годината што доаѓа. Без разлика дали сте искусен HR професионалец или сте на почеток на вашата кариера, овие искуства и размислувања ќе ве потсетат на важноста на човечкиот фактор и ќе ве мотивираат да продолжите да правите разлика во светот на работата.
Следете нè во наредните денови и уживајте во празничната рефлексија на инспиративните личности од HR светот!
Во денешниот серијал ги претставуваме одговорите на Наташа Алексовска, основач и постар деловен консултант во Вивендум Ратио Солушнс.
„Оваа година би посакала четири меѓусебно поврзани подароци за сите нас во HR професијата.
Секој од нив е суштински, а заедно отвораат простор за вистински личен и професионален раст, како и за подлабока човечка поврзаност.
Прво, тишина. Тишина наспроти секојдневната бучава што нè опкружува – бучава од обврски, состаноци, Viber, WhatsApp и SMS пораки, сообраќај, социјални медиуми, настани и бескрајниот проток на вести што постојано ни го одвлекуваат вниманието. Тишина во која конечно можеме длабоко да учиме, да размислуваме, да градиме нови концепти и да ја негуваме љубопитноста кон вистинското знаење. Само во тишината можеме длабоко и критички да размислуваме и логички да носиме одлуки.
Второ, интегритет. Простор за автентична саморефлексија – да се прифатиме онакви какви што навистина сме, без маски, лажни слики или нереални очекувања од себе. Во ред е да згрешиме, но само ако преземеме целосна одговорност за грешката и вистински научиме од неа. Во ред е да бидеме несовршени, доколку искрено се стремиме кон континуирано подобрување, личен раст и поголема зрелост. Интегритетот значи постапките да ни бидат во склад со зборовите и со вредностите кои ги носиме во себе – тој е клучна одлика на емоционалната интелигенција и вистинска основа за кредибилитет и почит.
Трето, емпатија. Способност навистина да ги видиме другите онака како што тие сакаат да бидат видени – со полно внимание, разбирање и отворено срце. Да се фокусираме на суштината наместо на формата, како во работењето така и во меѓучовечките односи. Само преку суштинско поврзување со луѓето можеме да создадеме вистинска конекција и долготрајни, значајни резултати.
Четврто, скромност. Скромност како подготвеност да признаеме дека не знаеме сè и дека секогаш постои простор за ново учење и раст. Таа нè штити од ароганција и нè отвора кон вистинска мудрост – мудрост што доаѓа од постојано преиспитување на сопствените уверувања. Моите размислувања и ставови континуирано се инспирирани и обликувани од големи автори, истражувачи, научници и успешни луѓе од кои учам со години. Денес особено ме инспирира Џордан Петерсон, кој вели: „Подобро е да претпоставиме незнаење и да поттикнеме учење, отколку да претпоставиме доволно знаење и да ризикуваме последователното слепило.“
Кога тишината, интегритетот, емпатијата и скромноста ќе се спојат во еден единствен начин на постоење и работење, ќе создадеме организации во кои луѓето не само што растат и се инспирираат, туку и длабоко се поврзуваат и заедно градат нешто убаво, вистинско и трајно.“
