Како ја завршуваме годината и што нè чека понатаму?
На прагот на новогодишните и божиќните празници, кога сите подготвуваме нови планови и цели, решивме да погледнеме назад и да ги собереме највредните мисли од професионалците кои беа дел од нашите интервјуа оваа година.
Во овој специјален празничен серијал на 24hr.mk, им поставуваме едно инспиративно прашање на HR професионалците:
„Кога би биле Дедо Мраз за вашата компанија или за HR професијата во целост, кој „подарок“ би го донеле оваа година – нешто што ќе ги исправи грешките, ќе извлече лекции од минатото и ќе создаде подобра иднина за сите?“
Нивните одговори ќе ве поттикнат да размислувате, да се инспирирате и да извлечете вредни лекции за годината што помина и за тоа што допрва следува.
Ќе ги објавуваме низ неколку серии, за да ве инспирираме во текот на празниците и да ви дадеме нови идеи за годината што доаѓа. Без разлика дали сте искусен HR професионалец или сте на почеток на вашата кариера, овие искуства и размислувања ќе ве потсетат на важноста на човечкиот фактор и ќе ве мотивираат да продолжите да правите разлика во светот на работата.
Следете нè во наредните денови и уживајте во празничната рефлексија на инспиративните личности од HR светот!
Во денешниот серијал ги претставуваме одговорите на Стефан Јовановски директор за човечки ресурси и култура на А1 Македонија.
Почитувани, пред се, Среќни празници и најискрени за успех, среќа и добро здравје во 2026!
Јас би се обратил до ХР професијата во целост затоа што сите делиме исти предизвици.
Оваа година, наместо материјални подароци, би побарал нешта што долгорочно ја градат една здрава,продуктивна и човечна работна средина.
Подароци што не се ставаат под елка,туку се чувствуваат секој работен ден.
Би побарал култура на отворена и искрена комуникација, каде што информациите се споделуваат навреме, очекувањата се јасни, а различните мислења се слушаат со почит. Средина во која прашањата не се доживуваат како слабост, туку како желба за разбирање, а недоразбирањата се решаваат преку разговор, а не преку молк.
Би побарал меѓусебна почит и доверба меѓу колегите, без оговарања, без непотребни тензии и без чувство дека некој мора постојано да се докажува.
Почит кон различностите, кон улогата и трудот на секој поединец, и кон времето што сите го вложуваме.Би побарал препознавање и вреднување на трудот, не само преку бројки и резултати, туку и преку напорот, посветеноста и континуитетот.
Понекогаш едноставно „фала“ или искрено признание може да биде посилен мотиватор од било кој формален бенефит.
Би побарал поддржувачко и одговорно лидерство, кое води со пример, покажува разбирање и знае кога да насочи, а кога да даде простор. Лидерство што гради доверба, а не страв, и што ги гледа вработените како луѓе, а не само како функции.
Би побарал реален баланс помеѓу работата и приватниот живот – почитување на работното време, реални рокови и свест дека одморен, задоволен и психички здрав вработен е и поефикасен и покреативен.
Би побарал можности за учење и развој, каде што луѓето се охрабруваат да растат, да учат нови вештини и да ја гледаат својата иднина во рамки на организацијата.
Би побарал и тимски дух и чувство на припадност, средина во која успесите се споделуваат, предизвиците се решаваат заедно, а секој се чувствува како важен дел од целината.
Но, покрај сите овие очекувања од организацијата и менаџментот, би побарал и нешто подеднакво важно -свест дека здравата работна култура е илична одговорност.
Понекогаш е неопходно секој од нас да застане, да се сврти кон себе и искрено да си ги препознае сопствените потреби, граници и капацитети. Да си дозволиме моменти кога ќе кажеме дека ни е потребна пауза, појаснување или поддршка, без чувство на вина или страв.
Да бидеме свесни за сопственото однесување, комуникација и реакции под притисок, затоа што и тие се дел од културата што секојдневно ја создаваме. Да знаеме кога да побараме помош, но и кога да понудиме разбирање и поддршка на другите. Да прифатиме дека грижата за менталното и емоционалното здравје не е слабост, туку предуслов за одржлив успех.
Само кога ќе постои баланс помеѓу организациска грижа и лична самосвест, можеме да зборуваме за навистина здрава, стабилна и човечна работна средина.
Ако Дедо Мраз може да ни донесе вакви „подароци“, тогаш следната година нема да биде само поуспешна, туку и поисполнета — за сите нас.
