Како ја завршуваме годината и што нè чека понатаму?
На прагот на новогодишните и божиќните празници, кога сите подготвуваме нови планови и цели, решивме да погледнеме назад и да ги собереме највредните мисли од професионалците кои беа дел од нашите интервјуа оваа година.
Во овој специјален празничен серијал на 24hr.mk, им поставуваме едно инспиративно прашање на HR професионалците:
„Кога би биле Дедо Мраз за вашата компанија или за HR професијата во целост, кој „подарок“ би го донеле оваа година – нешто што ќе ги исправи грешките, ќе извлече лекции од минатото и ќе создаде подобра иднина за сите?“
Нивните одговори ќе ве поттикнат да размислувате, да се инспирирате и да извлечете вредни лекции за годината што помина и за тоа што допрва следува.
Ќе ги објавуваме низ неколку серии, за да ве инспирираме во текот на празниците и да ви дадеме нови идеи за годината што доаѓа. Без разлика дали сте искусен HR професионалец или сте на почеток на вашата кариера, овие искуства и размислувања ќе ве потсетат на важноста на човечкиот фактор и ќе ве мотивираат да продолжите да правите разлика во светот на работата.
Следете нè во наредните денови и уживајте во празничната рефлексија на инспиративните личности од HR светот!
Во денешниот серијал ги претставуваме одговорите на Томида Караиванова Алаѓозовска, HR стратег, консултант и обучувач за HR и лидерство.
„Кога би била Дедо Мраз за HR професијата и за компаниите во целина, би донела еден многу практичен подарок: појасен фокус на тоа што навистина создава вредност.
Во многу компании, HR и лидерите се фаќаат за алатки, иницијативи и брзи решенија, а помалку за суштинските прашања – како се носат одлуките, како се водат луѓето и каде навистина се трошат енергијата и вниманието. Понекогаш HR премногу се труди да „покрие“ системски слабости, а лидерите очекуваат културата сама да ги поправи работите.
Подарокот што би го донела е враќање кон основите: јасни улоги, реални очекувања, отворена комуникација и лидерство што презема одговорност за своите тимови.
Кога и HR и лидерите ќе вложуваат повеќе внимание во суштината, а помалку во формата, компаниите имаат многу поголема шанса да градат стабилни тимови и здрава иднина.“
