Совети за успешно интервју за работа

од 24HR

Колумна на Изабела Шкоф-GCDF сертифицирана кариерна советничка

Изреката „Подготовката е клучот за успех“ на познатиот американски научник Александар Грејам Бел, изумител на телефонот, е тоа што прво ми паѓа на памет кога разговарам со клиентите за тоа што е најважно откако ќе бидат повикани на интервју. Со цел да и зголемат своите шанси за оставање на добар впечаток на интервјуто и добивање на работната позиција за која аплицирале им советувам да се обрнат внимание на следниве аспекти.

Пред интервјуто

Информирање и истражување – Истражување на историјата на компанијата и производите/ услугите кои ги нуди, нивна мисија, визија и вредности, но исто така и детално запознавање со огласот за работа и вештините кои се бараат на работното место а сесовпаѓаат со нивните вештини и претходни работни искуства.

Подготовка за интервјуто – Вежбањето на одговорите за најчесто поставувани прашања на интервју е можеби и најважниот чекор доколку сакате да оставите добар впечаток. Со цел да го дадете најдобриот одговор кога ви е поставено прашање користете го STAR методот секогаш кога ви е поставено прашање поврзано со вашето искуство, однесување, или пак техничко прашање. На пример „Можете ли да ни дадете пример за одредена грешка која сте ја направиле на претходното работно место и како сте се справиле со истата?“.

1. S (Situation) Објаснување на пошироката ситуација или контекстот на проблемот со кој сте се соочиле. Пр. Во претходната улога на лидер на тимот, се соочивме со обемна задача која требаше да се заврши во краток рок и да се презентира пред клиентот.

2. Т (Task) Објаснете ја задачата или целта која сте се обидувале да ја постигнете. Пр. Мојата задача беше да го координирам тимот за дизајн, да ги соберам сите информации на едно место и да ја подготвам финалната презентација. Меѓутоа, сфатив дека не сум искомуницирал/а ефикасно со тимот дека рокот е критичен, а голем дел од тимот истовремено работеше и на други проекти на кои им ставиле приоритет пред презентацијата.

3. A (Action) Објаснете каква акција сте презеле за да ја решите ситуацијата.Пр. Со цел да се реши проблемот, договорив состанок со тимот, им го објаснив проблемот и заедно направивме реорганизација на работните задачи со цел да ја завршиме презентацијата на време. Потенцирав колку е важна јасната комуникација и им објаснив како можеме сите да се подобриме во иднина.

4. R (Result) Објаснте кој бил резултатот на вашиот труд, дали сте ја постигнале целта и што сте научиле од процесот. Пр. Како резултат на тимската работа успеавме да завршиме со презентацијата во предвидениот рок, но и научив како подобро да комуницирам со својот тим и појасно да делегирам задачи.

Со вас понесете неколку примероци од вашата професионална биографија (CV) за да обезбедите дополнителни копии ако се потребни, копија од вашето мотивационо писмо, листа на лица кои можат да дадат препорака за вас и нивниот контакт, портфолио и примери од вашата досегашна работа (особено важни за кандидати кои бараат работа во креативни професии).

Размислете кои прашања би ги поставиле вие бидејќи целта на интевјуто е компанијата да добие повеќе информации за вас, но и вие добиете повеќе информации за компанијата.

Техничка подготовка за виртуелни интервјуа – Осигурајте се дека вашиот компјутер, камера и микрофон работат и дека документите кои ви се потребни се веќе отворени на вашиот компјутер.

Бидете приспособливи и подготвени за различни формати на интервју и тоа лице в лице, виртуелно, бихејвиорално, техничко, студија на случај. Доколку чувствувате несигурност за време на овој процес, корисно е да побарате помош од кариерен советник кој ќе ве подготви за интервјуто.

За време на интервјуто

Бидете точни – Toa ќе покаже дека сте заинтересирани за работата и го почитувате времето на оној кој ве интервјуира.

Облечете се соодветно – истражете го дрес-кодот и компаниската култура на компанијата и прилагодете ја гардеробата според тоа со цел да покажете почит кон компанијата. Доколку сте несигурни дали дрес-кодот на компанијата е формален или понеформален, одлучете се за поформална гардероба. За мажи тоа би значело добро прилагодено одело во конзервативна боја (сиво, сино, црно и сл.) со кошула, кравата и класични затворени обувки кои се во добра состојба. За жени тоа би значело пригодно одело со панталони, здолниште или фустан со должина под колена, кошула, обувки со затворени прсти и минимален накит.

Внимавајте на говорот на телото – ракувајте се самоуверено (ниту премногу силно, ниту премногу лабаво), седете исправено, гледајте во оној на кој му се обраќате, внимавајте на тоа како ги користите вашите раце додека нешто објаснувате и секако, имајте насмевка на вашето лице.

Активно слушајте – избегнувајте да го прекинувате оној кој ве интервјуира и осигурајте се дека вашите одговори директно се однесуваат на поставеното прашање.

Поставувајте прашања и истакнете го вашиот ентузијазам – Поставете ги прашањата кои однапред сте ги подготвиле, но и останатите кои можеби ви паднале на памет за време на интервјуто со цел да покажете ентузијазам и да дознаете повеќе за компанијата.

Бидете свои – автентичноста е многу важна и често е пресудна кога одредена компанија избира одреден кандидат.

По интервјуто

Испратете мејл за благодарност во кој повторно ќе го изразите вашиот интерес за работната позиција, но и ќе изразите благодарност кон лицето кое одвоило време за да ве интервјуира.

Не се обесхрабрувајте доколку не ја добиете работата – секогаш има нови работни позиции за кои може да аплицирате.

Размислете за тоа како можете да се подобрите на следното интервју – не заборавајте дека многу може да се научи и од самиот процес на интервју, следниот пат можете да се покажете во уште подобро светло.

Професионалноста е двонасочна улица

Како што вие треба да внимавате на вашето професионално однесување, така треба да внимава и оној кој ве интервјуира. Еве неколку примери за непрофесионално однесување од страна на оној кој ве интервјуира:

Доцнење – Како што доцнењето е непрофесионално за кандидатот, исто така е и непрофесионално за интервјуерот.

Недостаток на подготовка – Доколку оној кој интервјуира не е добро запознаен со информациите кои ги доставил кандидатот.

Прекинување на кандидатот – Може да создаде непријатна атмосфера и на кандидатот да му даде до знаење дека неговите одговори не се толку важни.

Поставување на прашања кои немаат врска со конкретната работна позиција и искуството на кандидатот – Прашања поврзани со возраст, пол, раса, брачен статус или религијата на кандидатот се несоодветни во професионалниот свет и на истите можете да одговорите со пренасочување. На пример на прашањето “Дали сте оженети/ омажени? Дали имате деца?” можете да одговорите со: “Го ценам вашиот нтерес за мојот личен живот, но би сакал/а да се фокусираме на разговарање за моите квалификации поврзани со оваа позиција. Можете ли да ми кажете повеќе за тимот со кој ќе работам?”

Недостаток на транспарентност – Недостатокот на јасни информации заработата, компанијата или процесот на интервју од страна на оној кој го води процесот на интервју може да остават лош впечаток за целата компанија.

Лоша комуникација по завршување со интервјуто – Професионално е да се известат сите кандидати кои поминале низ процесот на интервју за резултатот од интервјуто без разлика на тоа дали ја добиле конкретната позиција или не.

За авторот:

Изабела Шкоф е магистер инженер архитект, сертифициран советник за кариера според интернационалната методологија GCDF, тренер за работа со млади за развој на вештини за вработливост и основни животни вештини со Афлатоун методологијата, и личност која смета дека никогаш не е доцна за да се направи промена.
Како кариерен советник работи со тимови и поединци и им пружа поддршка при процес на вработување, планирање на кариера и кариерни транзиции, но работи и со наставници со цел имплементирање на кариерното советување во образованието.Од 2022 година е и Еврогајденс амбасадорка и како резултат на тоа работи на промовирање на кариерното советување на национално и европско ниво, организира работилници на теми поврзани со кариерно советување и моментално подготвува публикација за имплементирање на кариерното советување во основно образование.Забележувајќи ја потребата од рана детекција на талентите на децата, го продолжува своето образование на Педагошки факултет „Св. Климент Охридски – Скопје“ на катедрата за предучилишно воспитание. Во следниот период сака да работи на истражувања за тоа како кариерното советување би можело да се имплементира кај децата од најрана возраст се цел детектирање на нивните таленти.
Телефон: 076 477 404
Мail: hristovskaizabela@gmail.com

LinkedIn account: https://www.linkedin.com/in/izabela-hristovska-shkof/

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...