Storytelling: Раскажување приказна во процесот на регрутација

од 24HR

Од почетокот на времето, ние луѓето сакаме да раскажуваме и слушаме приказни преку кои се споделува некоја идеја, настан или знaење. Истото се случува и денес на пазарот на трудот – кандидатите се презаситени од монотоноста во огласите за вработување и, наместо тоа, сакаат да дознаат нешто суштинско за своите идни компании. Прочитајте како „раскажувањето приказни“ може да ви го отвори патот до најдобрите таленти за вработување во вашата компанија.

Раскажувањето приказни (storytelling) е еден од најстарите начини за зближување на луѓето. Во времето кога не постоеше ТВ, интернет и други извори на информации и забава специфични за нашето современо општество, луѓето порано се собирале и раскажувале приказни за она што го виделе, слушнале или доживеале.

Иако современиот живот е многу поразличен од оној на нашите предци, сепак една работа остана непроменета. Ние сѐ уште уживаме додека слушаме добра приказна, а овој факт ќе ви помогне да ги привлечете најдобрите таленти и да ги вработите најдобрите луѓе во вашата компанија.

Раскажувањето приказни е најавтентичен начин за да искомуницирате кои сте навистина и што е тоа што го нудите. Вештините за раскажување приказни им даваат на регрутерите предност што може да ја искористат за да го привлечат вниманието на кандидатите и да ја „продадат“ можноста што тие ја нудат. Одличните раскажувачи на приказни имаат голема конкурентска предност пред останатите затоа што ќе регрутираат многу подобро од другите.

Што е Storytelling?

Дали постои некој што не ужива во добра приказна? Сите ние уживаме во повеќето приказни што ги слушаме. Добрите приказни им помагаат на луѓето да ги запомнат работите полесно и поприродно. Доколку сакате да оставите впечаток и да бидете сигурни дека некое лице ќе впие колку што е можно повеќе од информациите што ги давате, тогаш приказната е најдобриот начин да го направите тоа.

Статистиката покажува дека една приказна им помага на луѓето да запомнат повеќе. Во 1969 година, професори од Стенфорд направија серија на тестови преку кои од студентите беше побарано да запомнат и да се присетат на десет групи на неповрзани зборови. Едната група се обиде да ги запомни зборовите по случаен редослед, а другата група направи приказна која ги содржи сите зборови. Кога од двете беше побарано да се присетат на зборовите, студентите кои создадоа приказна меморирале 6 до 7 пати повеќе зборови од првата група.

Покрај тоа, луѓето имаат тенденција да направат релација помеѓу личноста што ја раскажува приказната и тоа што го слушаат во неа, што може да помогне содржината да се претвори во лично искуство. Сите знаеме дека бројките и графиконите нема да го направат истиот ефект.

Од друга страна, добрата приказна го предизвикува процесот на размислување на читателите, ќе го разбуди нивниот интерес и, пред сè, ќе ги натера да му дадат значење на тоа што го слушаат. Така, раскажувањето приказни може да биде лесен и моќен начин за креирање на нови релации со кандидатите и нивно привлекување во компанијата.

Моќта на добрата приказна

Добрите приказни не можат да се најдат насекаде и затоа треба да имате на ум неколку аспекти доколку сакате да бидете сигурни дека вашата приказна ќе го привлече вниманието на публиката.

На крајот на краиштата, секој од нас сака да пренесува информации, но не на досаден и неинтересен начин. Така на пример, доколку измешате статистика во вашата приказна, луѓето ќе успеаат да ги запомнат тие бројки.

Друга работа што треба да ја имате предвид при раскажување на приказна е важноста да имате јасна структура за самата приказна во вашиот ум. Заборавете на нејасни и магливи почетоци бидејќи тие ќе го оттргнат интересот на секој што сака да ја слушне вашата приказна. Наместо тоа, обидете се да најдете нешто што ќе ја направи вашата приказна возбудлива уште на самиот старт.

Одличен пример за добро раскажана приказна се SpaceX и Tesla. Станува збор за две успешни компании, а една од причините за тоа е и привлечната приказна која што стои позади нив. Сите ние бевме сведоци како Tesla во соработка со SpaceX испрати во вселената автомобил во кој седеше Ѕвездениот човек (Starman), а запознаени сме и со приказните за Елон Маск и неговите амбициозни планови за освојување на вселената.

Па, во која компанија би сакале да работите? Во компанијата која вели „Ние сме меѓународна компанија со фокус на вселената, со канцеларии низ целиот свет и со цел да им овозможи на луѓето да патуваат до други планети“ или во втората компанија која вели „Нашата компанија е основана на верувањето дека иднината каде човештвото ги истражува ѕвездите е фундаментално повозбудлива од онаа каде што не го прави тоа. Денес активно развиваме технологии за да го направиме тоа возможно, со крајна цел да се овозможи човечки живот на Марс“.

Нешто ни кажува дека ќе ја одберете втората компанија. Но, да бидеме искрени, и двете компании се SpaceX, само што првиот пример е напишан на начинот на кој голем дел од компаниите сѐ уште ги опишуваат своите организации; текст без никаква приказна во него и минимален потенцијал да ги возбуди идните кандидати.

Сега, откако се уверивте како добрата приказна може да претвори пасивен кандидат во активен, прочитајте како техниката за раскажување приказни може да ја примените во вашиот процес на регрутација.

Како да раскажете добра приказна?

Постои тесна врска помеѓу раскажувањето приказни и процесот на регрутација. Се разбира, не е потребно да зборувате за сите значајни настани што сте ги доживеале во компанијата, туку гледајте да пронајдете нешто што е интересно, а ќе го опише тимот или компанијата на начин што ќе создаде возбуда и позитивни реакции кај останатите. Запомнете дека она што може да се чини како обична приказна за настан во компанијата може да се претвори во нешто одлично доколку се поврзе со некој позначаен и посуштински аспект (тоа што го направи SpaceX).

При раскажувањето приказни важно е да користите елементи што ќе му помогнат на слушателот да се поврзе со вашата приказна. Користете соодветна синтакса така што тоа што сакате да го пренесете ќе им звучи познато на тие што ве слушаат. На овој начин, слушателите поефикасно ќе се поврзат со вашата приказна и ќе запомнат поголем дел од неа.

Не чекајте го интервјуто за работа за кандидатите да ја слушнат вашата приказна. Првото место каде што можете да ги тестирате вашите раскажувачки техники се огласите за вработување и објавите на социјалните мрежи кога регрутирате за некоја нова позиција.

Голем број компании објавуваат статични, досадни и непривлечни огласи за работните места што ги нудат. Додека овие огласи ќе го привлечат вниманието на луѓето кои бараат работа, тие можеби нема да го привлечат вниманието на талентите што сакате да ги пронајдете. Затоа, бидете сигурни дека огласот што ја рекламира отворената позиција во вашата компанија раскажува одлична приказна што прво ќе го привлече вниманието на луѓето, а потоа и ќе ги натера да аплицираат.

Кога комуницирате со кандидатите, секогаш треба да споделувате приказни, без оглед дали комуницирате преку телефон, е-пошта или лице в лице. Ако само ја погледнете нивната кратка биографија и им поставувате прашања како робот, тогаш немојте да бидете изненадени ако нивната желба за работа во вашата компанија исчезне некаде по пат.

Ова се случува затоа што не сте направиле ништо за да ги натерате кандидатите да и дадат значење на вашата компанија и работата што ја нудите. Сето тоа може да се промени со моќта на раскажување приказни. Можете да споделите приказни што ги вклучуваат вашите вработени и вашата компанија, па дури и лични приказни кои се поврзани со вашите постапки и искуства.

Само ставете се во чевлите на кандидатите. Зарем не би сакале да слушнете некоја добра приказна за компанијата или тимот за време на интервјуто за работа наместо да ви ги поставуваат старите монотони прашања од типот: „Каде се гледате себеси во следните пет години?“.

0 коментар
3

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...