Интервју со Митка Мојсовска сертифициран тренер и партнер на германскатa Controller Academy од Минхен
Оваа година ја организирате 5-та јубилејна Меѓународна конференција за контролинг, што ја прави оваа конференција посебна и како дојдовте до темата „Оптимизација на ресурсите: Како Рубиковата коцка го одразува процесот на контролинг“ ?
Митка: Навистина ни претставува огромна чест што ја организираме петтата јубилејна конференција, што само потврдува дека овој настан стана традиција и референтна точка за сите кои се занимаваат со контролинг, финансиски менаџмент и стратешко управување. Секоја година се стремиме да донесеме иновативни теми и релевантни содржини, а оваа година темата е инспирирана од сложеноста и логиката на Рубиковата коцка – симбол на аналитичко размислување, оптимизација и стратешко планирање.
Контролингот, исто како и решавањето на Рубиковата коцка, бара внимателно планирање, правилна алокација на ресурсите и стратешко усогласување за да се постигне целосен баланс и функционалност. Нашата цел е да им покажеме на учесниците како да ги применат овие принципи во реалниот бизнис свет, користејќи модерни алатки и методологии.
Минатата година конференцијата исто така привлече големо внимание. Како помина настанот и какви беа реакциите од учесниците?
Митка: Минатогодишната конференција беше исклучително успешна, со присуство на над 200 учесници од различни индустрии, вклучувајќи финансиски менаџери, контролери, директори и претприемачи. Учесниците ја истакнаа вредноста на практичните знаења, актуелните теми и можноста за вмрежување. Имавме инспиративни предавања, интерактивни дискусии и панел сесии кои понудија конкретни решенија за реални деловни предизвици.
Она што особено ги воодушеви учесниците беше можноста директно да разменат искуства со водечки експерти и компании. Благодарение на позитивните реакции и интересот кој го добивме, оваа година решивме да ја подигнеме конференцијата на уште повисоко ниво, со уште порелевантни теми и говорници кои ќе го обликуваат идниот развој на контролингот.
Голем интерес предизвикува и фактот што конференцијата ќе ја отвори министерката за финансии м-р Гордана Димитриеска Кочоска. Што значи тоа за важноста на контролингот како професија?
Митка: Навистина ни е чест што министерката за финансии, која воедно е и контролер и поддржувач на оваа професија, ќе ја отвори конференцијата. Ова е силен сигнал дека контролингот има значајна улога не само во приватниот сектор, туку и во јавните финансии и државното управување. Ваква пракса на поддршка од страна на министер за финансии има и на останатите меѓународни конференции како во Хрватска итн. Важно е да се истакне дека транспарентноста, анализа на податоци и структурирано управување со ресурсите се темели на секоја успешна економија.
![](https://24hr.mk/wp-content/uploads/2025/02/DSC_2164-1024x680.jpg)
Кои се клучните теми што ќе бидат обработени на овогодинешната конференција?
Митка: Годинава подготвивме содржини релевантни за модерниот бизнис, а некои од најзначајните теми се: Mastering Pricing односно одредувањето на вистинската цена како еден од најголемите предизвици за секоја компанија. Ќе дискутираме за различни модели на формирање на цените, стратегии за управување со маржите и како компаниите можат да го оптимизираат својот прајсинг без да ја загубат конкурентноста. Понатаму, ќе дискутираме за иновативно лидерство и комуникација односно ако компаниите можат да ја подобрат корпоративната култура преку подобра финансиска транспарентност и контролинг процеси. ИТ решенија остануваат и понатаму актуелни како услов за правилно поставен контролинг и секако успешна приказна за имплементација на контролинг во домашна компанија. Имаме и панел дискусија на која ќе дискутираме „Контролинг како мост помеѓу CFO, CEO и целата организација“
Каков е интересот на македонските компании за контролинг? Дали гледате зголемена свесност за неговата важност во последните години?
Митка: Да, дефинитивно забележуваме сè поголем интерес кај македонските компании за имплементација на контролинг. Додека порано оваа функција главно се поврзуваше со финансиско известување, денес компаниите го препознаваат како суштински стратешки партнер во носењето на деловни одлуки.
Сè повеќе организации инвестираат во имплементација на контролинг функцијата, ERP системи, Business Intelligence алатки и дигитализација, што овозможува подобра анализа и управување со податоците. Особено голем интерес има од големите корпорации, производствените компании, банкарскиот сектор и малопродажбата, каде што контролингот директно влијае на оптимизацијата на ресурсите и подобрувањето на профитабилноста.
Она што исто така го забележуваме е дека средните и малите компании почнуваат да разбираат дека контролингот не е луксуз, туку неопходност за раст и одржливост. Затоа, конференцијата има за цел да ја подигне свеста за неговата важност и да понуди конкретни решенија и примери од пракса кои можат да им помогнат на компаниите да станат поефикасни.
Кој би имал најголема корист од учеството на конференцијата?
Митка: Конференцијата е наменета за контролери, финансиски менаџери, директори, HR професионалци, ИТ менаџери, претприемачи и аналитичари, односно сите кои работат со финансиско планирање, управување со ресурси и стратешко донесување одлуки. Нашата цел е да понудиме конкретни решенија и практични знаења што веднаш можат да се применат во работењето.
Детали за конференцијата:
📅Датум: 04.04.2025
📍 Локација: Double Tree by Hilton
Котизација за настанот: 9.100 МКД, со вклучен ддв
- за рана пријава и уплата до 28.02.2025, следува -20%
- за три пријавени слушатели од иста компанија, следува една карта гратис
- за пет пријавени слушатели од иста компанија, следуваат две карти гратис
- за секој пријавен управител од компанија, следува една карта гратис ( не е дозволена замена на карта за управител)
- за сите членови на ICV и слушатели на Академијата за контролинг, следува -20%
Пријава на: info@controlling.mk; mitka@controlling.mk
Инфо: 071 334 845
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.