Вашата кариера зависи од она што ќе можете да го правите утре

од 24HR

Која е вашата вредност за организацијата во која работите?

Сте се прашале ли која е вашата суштинска вредност за организацијата во која работите? И ако да, како ја мерите?

Без разлика на тоа дали сме на почетничка, менаџерска, експертска или помошничка функција, сите на работа се стремиме кон достигнување на чувството дека нашиот придонес е важен и дека можеме да го дадеме најдоброто од себе, а притоа и да добиеме признание од околината и фер награда. Токму тоа чувство го дефинира нашиот кариерен успех. Всушност, поедноставено, нашиот кариерен успех има две компоненти – задоволство од сопствениот личен развој „денес сум подобар од вчера, денес мојата вредност е поголема„ и задоволство од применливоста на нашата вредност „придонесувам за некаква цел„.

Организацијата во која работите обезбедува рамка на услови во кои вие можете да ја градите и докажувате вашата вредност. О, не, платата и позицијата ни оддалеку не се единствените мерила на вашата вредност. Сигурноста, довербата, задавањето важни задачи, поттикнувањето на вашиот личен развој, условите кои ви се ставени на располагање се вбројуваат во повратот што го добивате кога организацијата знае колку вредите за тимскиот успех.

Иако склопот на околности што ви се нудат на работа понекогаш може да ве забрза или успори, сепак, ниту една организација нема моќ комплетно да влијае на нечија кариера. Главен управувач на вашата моментална и идна вредност, а со тоа и на вашата кареира, сте самите вие.

Вашата кариера зависи од она што ќе можете да го правите утре

Вештините, искуството, ангажираноста и односот кон околината се четирите столба на кои се темели вашата кариера. Тие ја одредуваат вашата вредност за организацијата, а со тоа и вашиот статус, шансите за напредување, примањата…

И додека се обидувате да си потврдите дека вие ги имате сите четири столба и сигурно имате поголема вредност од она што ви се враќа…. внимавајте на тоа дали се проценувате себеси денес или во иднината. Поставете си уште прашања:

Дали сум сигурен/сигурна дека и за пет години од денес ќе имам висока вредност? Колку сум подготвен/а да се прилагодам и да бидам подеднакво добар/ра, искусен/на, ангажиран/а кога ќе се смени мојата работа, кога ќе се воведе нова технологија или кога ќе се зголемат барањата за квалитет и квантитет од моето работно место? Дали сум подготвен/а да работам на друго работно место кое ќе биде уште попотребно за организацијата од сегашново?

Ако на овие прашања одговоривте со ДА, тогаш вие имате многу висока вредност за организацијата. Затоа што она што на вашиот менаџмент му треба се луѓе кои ќе и помогнат на компанијата брзо да се адаптира на нови услови, успешно да воведе промени, да направи оптимизации, да го зголеми квалитетот, да дигитализира. Способноста на компанијата да ја задржи својата конкурентска предност во иднина и да обезбеди деловен успех лежи најмногу во подготвеноста на вработените да учат и применуваат ново. И така, кога денес споредувате двајца вработени со исти задачи, образование, вештини, искуство и учинок, поголема вредност за организацијата има оној кој згора на се активно учи, има отворен ум кон промени, иницира подобрувања. Запаметете, вредноста на вработениот за организацијата не се заснова само на она што сте го правеле во минатото или го правите денес, таа уште повеќе зависи од она што можете за организацијата да го правите утре.

Утрешнината е неизвесна, но вие морате да се подготвувате за неа

Забрзаното темпо на промени во сите индустрии не ни дозволува да успориме со личниот развој. Природата на работата во сите сегменти се менува. Ако во скоро минато нешто не се сменило на вашето работно место, бидете сигурни дека тоа ќе се случи во скора иднина.

Тоа од вас бара да ги прилагодувате своите вештини. Секоја вештина има свој „рок на траење„ кој се мери во „време на преполовување“ (half-time). Време на преполовување е времето по кое вредноста на вештината на пазарот на труд ќе се смали за половина. На пример, ако имате искуство како инженер или техничар во градежништво, вредноста на вашата вештина за рачна изработка на технички цртежи по одреден временски период опаднала за половина, додека се зголемувала вредноста на вештините за цртање во некој софтвер. Ако сега користите некој софтвер, бидете сигурни дека секој ден вредноста на оваа вештина се намалува за сметка на некоја друга која станува покорисна за вашата работа. Во 80-ите години, просечното време на преполовување на вредноста на вештините се проценувало на 30 години. Во 2017 година Светскиот економски форум објави студија во која тврди дека времето на препопловување на вредноста на вештините е паднато на 5 години, а оттогаш до денес, во 2022 година, се проценува на помалку од 4. За 4 години, она што го умеете денес ќе биде половина вредно. За другата половина, ќе мора да научите нешто ново.

Едно решение за многу кариерни дилеми

Бидејќи сега знаеме дека вие сте шеф на вашата кариера и сами ја одредувате вашата објективна вредност како вработен за иднината, ви преостанува само да повтете по единственото решение кое ќе ве донесе поблиску до посакуваната слика за себеси: учењето.

Клучот е во вашите раце – опремете се со вештини од иднината и ќе ја зголемите вашата вредност за себе и за организациите кои сакаат да ве имаат како вработен.

Учењето е едно решение за многу кариерни дилеми:

  • Сакате да си обезбедите сигурност на сегашното работно место? Учете. Докажете дека сте подготвени да сработите се што носи иднината, дека ќе останете експерт во својата професија, што тоа и да биде утре, водете ги промените на вашата работа и ќе останете незаменлив.
  • Сакате да го промените работното место во компанијата? Отсекогаш сакавте да работите во другиот сектор? Учете. Докажете им на сите дека и таму можете да бидете подеднакво добар, можеби и подобар од другите, затоа што вие знаете како работата ќе се одвива утре.
  • Барате покачување на платата? Бидете подготвени да ја дефинирате вашата вредност како некој кој не само сега, туку долго во иднина може да помогне во остварување на целите. Учете за да имате преговарачка позиција.
  • Отсекогаш сонувавте за менаџерската функција и очекувате унапредување? Учете. Покажете иницијатива да совладате менаџерски вештини, покажете дека разбирате дека менаџирањето е посебна професија и вие ја сфаќате озбилно.
  • Сакате да основате сопствен бизнис? Учете. Покрај најновото стручно знаење од бизнисот, ќе ви треба цела низа претприемачки вештини за основање и водење компанија.
  • Размислувате да смените работодавач? Учете. Покрај искуството, со себе на интервју донесете вештини кои ќе ве направат повреден кандидат од другите.

Учете со намера. Почнете денес.

Учењето е вештина. Тоа е една од најважните вештини што ќе ви обезбеди одржлива конкурентска предност во кариерата. За да можете полесно да учите, најдобро е да ги применувате техниките на учењето со намера. Учење со намера е став кон личниот развој, во кој човекот во секое искуство гледа шанса да се научи нешто ново. Ако го применувате, учењето за вас нема да биде потрошено време, туку се повеќе ќе станува составен дел од она што го правите вообичаено.

Еве што можете да почнете да правите уште денес:

  1. Дефинирајте го овој став како ваш водечки принцип: „она што ќе го научам денес ќе ми помогне да станам она што сакам во иднина„ (Се недевам дека овој напис ќе ви помогне во овој чекор)
  2. Утврдете кои се вашите шанси за кариера за 5 години од денес? Како ќе изгледа работното место на кое ќе бидете тогаш? Што е ново, кои вештини ќе бидат неопходни? Разговарајте со вашите колеги, менаџери, пребарајте по интернет.
  3. Откако ќе знаете што треба да научите, тргнете секој ден со намера да осознаете нешто на таа тема. Најпрво прашајте на работа дали постои понуда за обука за нови вештини. Ако да, пријавете се, побарајте обука од вашиот менаџмент. Или можеби имате колега кој е добар во тоа што сакате да го научите и можете да организирате менторство со него? Користете го времето на интернет да читате, најдете бесплатен курс, разговарајте за новите вештини со што повеќе луѓе.

Кога ќе научите нешто ново, не застанувајте. Учете постојано, држете чекор со времето. Така ќе растете вие, вашата вредност и организацијата во која работите. Запомнете: учењето никогаш не престанува и се што е научено ќе ви користи!

Со среќа!

Текстот е преземен од skills4future.mk
Линк до оригиналната објава на англиски јазик:
https://skills4future.mk/your-career-depends-on-what-you-will-be-able-to-do-tomorrow/

За авторот:

Ивана Дојчиновска-Стојановиќ е консултант за менаџирање со луѓе, професионалец за кариерен развој и лидер на корпоративни оддели за менаџирање со човечки ресурси со повеќегодишно искуство. Преку нејзините улоги како HR директор, таа ги докажа своите компетенции за стратегиски менаџмент со човечки капитал, организациски развој и менаџирање со промени. Нејзината експертиза ги опфаќа областите организациско структурирање, HR инфраструктура, ангажираност на вработените и менаџирање таленти преку кариерен развој. Ивана длабоко верува во развојот на индивидуите и системите: секој вработен и секоја организација имаат потенцијал кој може да се поттикне кон остварување цели.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...