Важноста на психолошката сигурност на работното место

од 24HR

Колумна на Афродита Кермичиева Пановска –HR Директор во Teleperformance Germany

Времињата се променуваат, а со нив и потребите на нашите тимови. Како професионалци во областа на човечките ресурси, го разбираме значењето на психолошката сигурност за нашите колеги, тимови и компании. Кога нашите вработени се чувствуваат психолошки безбедни на работа, тоа им овозможува да се изразат слободно, да ги споделуваат своите идеи и мислења, и да се чувствуваат поддржани во случај на грешка од која може да научат.

Денес компаниите мора да бидат подготвени за работа под огримен притисок. Психолошката сигурност е соодветен одговор на VUCA и BANI светот.

Студиите непрекинато го потврдуваат влијанието на психолошката сигурност врз ефикасноста на тимот и иновативноста на компанијата. Креирањето на овој вид на култура не само што подобрува задоволството и ангажираноста на вработените, туку и го поддржува растот и успехот на компанијата во целост.

Ејми Едмондсон во 1999 година ја опиша психолошката сигурност како еден од најважните елементи за успешната работа на тимот. За нашата заедница на професионлаци во областа на човечки ресурси, ова значи обезбедување на околина во која секој член има право да изрази своите мислења, дури и ако се разликуваат, и каде што отворено се разговара за грешки и предизвици.

Според истражувањата на Google, тимовите кои го негуваат чувството на психолошка сигурност имаат поголем креативен потенцијал и веројатност за успешни иновации. Од друга страна, компаниите кои имаат отворена и поддржувачка комуникација и ги охрабруваат вработените да изразат своите мислења и идеи, често постигнуваат подобри резултати и задржуваат таленти во своите редови.

Истражувањата покажуваат дека постојат многу придобивки, вклучувајќи:

  • Повеќе идеи од различни перспективи што ја поттикнуваат иновативноста и креативноста во тимот.
  • Помалку грешки и инциденти, што го подобрува работниот процес и резултатите.
  • Повеќе слобода за истражување и подобрување на идеите, што води кон подобри производи и услуги.
  • Подобрена способност за спроведување на експерименти и ризик од “интелигентни неуспеси”, што овозможува иновативност и раст на компанијата.
  • Помалку прашања за безбедност и неусогласеност, што ја зголемува ефикасноста и довербата во организацијата.
  • Зголемена вклученост и различност во тимовите, што креира динамично и вклучувачко работно окружение.
  • Поголемо споделување на учењето меѓу членовите на групата, што креира култура на континуирано учење и развој.
  • Подобрена репутација, што го подобрува брендот и конкурентноста на компанијата.
  • Подобрена способност за привлекување на најдобрите таленти.

Препознавањето на тим кој нуди психолошка сигурност е критично за поддршка на здрава и продуктивна работна средина. Еве неколку карактеристики кои можат да ви помогнат во препознавањето на тим која нуди психолошка сигурност:

  • Охрабрување на рамноправност во говорот т.е. отворена комуникација. Во овие тимови, членовите се охрабрувани да споделуваат свои идеи, мислења и предлози без страв од негативни последици. Тоа сигурно не е тим каде што менаџерот говори 80% од времето на еден состанок.
  • Создавање на средина која е отворена за изразување на различни ставови и мислења, отворено разговарање за грешки и креирање на околина каде што сите можат да бараат помош. Таа отвореност кон критика и грешки е многу важна. Критиката тука се гледа како можност за подобрување и учење.
  • Тимовите кои се фокусираат на индивидуалниот раст и развој на нивните членови, креираат околина каде што секој се чувствува поддржан и поттикнат да го развие својот потенцијал.
  • Кога членовите на тимот се поддржуваат и се одговорни еден кон друг, се креира средина каде што секој се чувствува дел од тим и има доверба во соработката и тимската ефикасност. Тимска одговорност и поддршка мора да биде дел од агендата на менаџментот и проектниот лидер.

Во работниот свет кој се менува со брзо темпо, психолошката сигурност игра клучна улога во создавањето на адаптивни и резилиентни тимови. Ние како професионалци за човечки ресурси мораме да бидеме подготвени да ги поддржиме нашите тимови во справувањето со комплексноста на современиот работен свет.

Давајќи приоритет на психолошката сигурност на работното место, не само што ги засилуваме нашите тимови, туку и го создаваме просторот за исклучителен раст и напредок на компанијата како целост. Наша задача е да продолжиме да ја градиме културата на психолошка сигурност и да го овозможиме растот и успешноста на нашите тимови

За авторот:

Афродита Кермичиева Пановска –HR Директор во Teleperformance Germany

0 коментар
2

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...