Колумна на Христина Велковска, коуч за развој на лидери и менаџмент консултант. Директор на Вита Институт за едукација, менаџмент консултанство и коучинг. Претседател на Македонската асоцијација за човечки ресурси, МАЦЕКС
Во современите организации, лидерството не е само сет на вештини или техники, тоа е култура, стратегија и искрена посветеност на високото раководство. Истражувањата и практичните искуства покажуваат дека организациите кои сакаат да постигнат вистинска трансформација мораат да ги следат неколку критични принципи.
Промената започнува од врвот
Вистинската промена започнува со примерот на лидерите од високиот менаџмент. Без нивна ангажираност и кредибилитет, дури и најнапредните лидерски програми не можат да предизвикаат трансформативен процес и реален ефект. Честопати, ако целта на лидерските програми е да создадат промена во организациската култура, а високиот менаџмент не биде активно вклучен, истите може да бидат третирани како формален трошок, без посакуван ефект.
На пример, компанија која сака да воведе култура на иновации не може само да организира работилници за креативно размислување за средниот менаџмент. Доколку CEO-то и директорите не покажуваат отвореност кон нови идеи, не прифаќаат ризик или не ја наградуваат иновацијата, вработените ќе гледаат на тоа како на формалност и промена на ниво на организациска култура нема да се случи.
Средниот и оперативниот менаџмент не можат сами
Развивањето на вештини кај средниот и оперативниот менаџмент е важно, но само по себе не доведува до трајна трансформација. За да се постигне континуирана промена, сите нивоа мора да бидат усогласени со визијата и вредностите кои ги промовира високото раководство.
На пример, во една финансиска институција, средниот менаџмент беше обучуван за коучинг вештини, но без видлива поддршка од страна на директорите од високиот менаџмент, примената остана површна. Само кога CEO-то активно го воведе коучинг-пристапот во своето водење и на состаноците, средниот менаџмент почна систематски да го користи овој пристап, со видливи резултати кај тимската динамика и перформансите.
Улогата на консултантите и коучевите за лидерство
Консултантите и коучевите за развој на лидери, се клучни партнери во трансформацијата. Тие ја поддржуваат организацијата во дефинирање на лидерскиот стил, поттикнуваат саморефлексија кај лидери од високиот менаџмент и ја подобруваат усогласеноста со корпоративната стратегија.
Во една мала финансиска институција, консултантите помогнаа на CEO-то да ги идентификува личните вредности и лидерскиот стил кој најдобро се вклопува во стратегијата на компанијата. Како резултат, комуникацијата со тимот се подобри, а довербата и иновациите се зголемија за повеќе од 30% во рок од една година.
Од друга страна, во една производствена компанија, консултантите воведоа лидерски програми за средниот менаџмент на иницијатива на ЧР директорот, без активна поддршка од CEO-то. И покрај примената на новите техники, ефектот врз организациската култура беше ограничен – довербата и иновациите немаа видливо зголемување, а одливот на кадри остана висок.
Ова покажува дека без пример и ангажираност од врвот, дури и најдобро дизајнираните програми и најдобрата поддршка од консултантите имаат ограничен ефект.
Мерење на влијанието на лидерските програми и ROI
Компаниите бараат начин да се измери влијанието и повратот на инвестиција во лидерски развојни програми. Финансиските показатели како RODI (Return on Development Investment) се важни за да се измери повратот од инвестирање во ваквите програми, но вистинскиот индикатор за успешноста од овие програми е искуството на вработените (EX). Силната организациска култура се мери преку ангажираноста, мотивацијата и задоволството на луѓето. Доколку го мериме искуството на вработените пред и по извршените активности, истото ќе ни каже дали инвестициите се вложени на вистинскиот начин.
Во ВИТА ИНСТИТУТ за едукација, менаџмент консалтинг и коучинг, користиме методологија Quintaum, развиена во Словенија и меѓународно призната, за следење и подобрување на искуството на вработените. По воведувањето на нови лидерски програми и практики и подобрување на системот за управување со перформанси, една продажна компанија забележа 25% зголемување на задоволството на вработените, што директно се одрази на намалување на одливот на кадри и зголемување на продуктивноста.
Клучна порака
Вистинската трансформација се огледа во културата која лидерите ја создаваат, поддржуваат и ја живеат секојдневно. Само кога лидерите стануваат пример, организацијата може да доживее одржлива промена која носи вредност и за луѓето и за бизнисот.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.