Интервју со Бошко Гочевски – Менаџер за регрутинг во Superior Dispatch Service.
Штипската компанија Superior Dispatch Service која со своите услуги го освојува американскиот пазар, полека но сигурно го освојува и македонскиот пазар на таленти. Моментално брои повеќе од 70 вработени кои всушност работата ја добиле без работно искуство, а амбициозните планови за раст гарантираат дека за кратко време тој број ќе биде испишан со три цифри.
И за да дознаеме повеќе за начинот на вработување во оваа компанија и нивната успешна приказна, го пронајдовме вистинскиот човек со кого треба да разговараме – тоа е Бошко Гочевски, Менаџер за регрутинг во Superior Dispatch Service, кој во кратки црти ќе ни објасни зошто оваа компанија се разликува од однос на другите работодавачи од истата бранша.
Superior Dispatch Service е една од ретките компании каде што работното искуство не е пресуден фактор за да ја добиете работата. Што треба да поседува еден кандидат за да му се приклучи на вашиот тим?
Дејноста со која што Superior Dispatch Service се занимава е релативно непозната за пошироката јавност, па многу често кандидатите знаат да се исплашат од „непознатото“ и воопшто да не пробаат. Од друга страна, има кандидати кои бегаат од зоната на комфорот, па сакаат и веруваат дека можат да успеат во нешто за кое допрва треба да почнат со обука. Оваа спремност да се чекори по непознати патеки е еден од најважните фактори кои треба да ги има еден кандидат за да се приклучи на нашиот тим.
Што се случува доколку некој кандидат кој ги исполнува бараните услови одлучи да аплицира во вашата компанија. Кои се идните чекори што ги презема секторот за човечки ресурси?
Кандидатот ќе биде повикан на разговор во најкус можен рок. После разговорот чекаме повратен емаил во кој кандидатот се изјаснува дали и кој ден би сакал да почне. Доколку тој датум нѝ одговара нас, кандидатот ќе биде повикан да почне со обука.
Колку време трае и како изгледа едно вообичаено интервју за вработување во Superior Dispatch Service?
Во Superior Dispatch Service немаме класични интервјуа. Она што другите го гледаат како интервју, кај нас е информативен разговор низ кој ги претставуваме индустријата, културата во компанијата како и дел од работните обврски за позицијата за која што кандидатот аплицирал. Тоа трае околу 30 минути, меѓутоа, многу често трае многу пократко, а и многу подолго, ако ни падне жал да прекинеме добар разговор.
Дали верувате дека постои „вработување на прв поглед“, односно момент кога уште од првата средба знаете дека некој кандидат е тоа што го барате за во вашата компанија? И дали досега сте го искусиле тоа?
Апсолутно! Едно “здраво“ или ракување некогаш знаат да бидат пресудни, а камоли еден триесетминутен разговор.
Кој е најкраткиот временски период за кој сте вработиле некој кандидат?
Имавме ситуација каде една девојка ја прашавме кога може да почне со обука, а таа одговори: Ајде да не губиме време да одам дома, па пак да се враќам. Можам уште сега да почнам!
Се разбира дека не започна уште во тој момент, но тој ден беше петок, а таа почна наредната недела во понеделник. Сѐ уште е во компанијата и прави чуда!
Како изгледа првиот работен ден на новиот вработен? Дали постои иницијална обука и после колку време вработениот може самостојно да ги извршува своите работни задачи?
Првиот работен ден се разбира дека е релативно поопуштен и служи како период за адаптација во однос на средината во која кандидатот наеднаш се нашол. Обуката, од друга страна, почнува уште од првиот ден и трае еден месец. Во овој период бараме од кандидатот да се претвори во „сунѓер“ и да ги впие сите информации кои му се потребни да почне самостојно да си ги извршува работните обврски. Досега, еден месец се покажало како повеќе од доволно долг период за обука и повеќето се веќе спремни самостојно да работат после две недели. Меѓутоа, што си е сигурно – си е сигурно. Ако не е повеќе, тогаш е помалку.
Кои се следните скалила по кој може да се искачи еден нов вработен?
Секој сектор има различна структура. Она што е најважно е дека никој не останал со иста позиција или исти примања повеќе од шест месеци. Доколку има таков случај, тоа значи дека сме згрешиле некаде при селекцијата. Ние сакаме амбициозни луѓе, кои се жедни да освојуваат нови висини.
Што би им порачале на сите кандидати кои сакаат да станат дел од Superior Dispatch Service?
Аплицирајте на hr@superiordispatchservice.com, дозволете нѝ да ве контактираме и покажете нѝ низ разговор дека доколку се одлучиме за вас, во иднина ќе имаме лидер кој знае да направи разлика.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.