Зошто сакате да работите во HR?

од 24HR

Колумна на Елена Огненовска-Менаџер на човечки ресурси

Честопати, работејќи во HR и правејќи интервјуа за позиции во човечки ресурси, го поставував прашањето: “Зошто сакате да работите во HR„?  Изненадувачки или не, најчесто одговорот беше: “Затоа што сакам да работам со луѓе, да комуницирам и да им помагам во нивниот развој и раст„. И скоро секогаш имав чувство дека луѓето мислат дека HR е забавно место за работа затоа што секогаш комуницираш, работиш со луѓе и си “the good guy” кој е секогаш тука да излезе во пресрет.  И искрено, ова е прекрасна причина, што го одразува срцето на она што HR ја прави исполнувачка професија.

 Би се согласила дека за да работиш во HR мора да поседуваш добри вештини за работа со луѓе и да бидеш “people person”.  Сите овие се добри квалитети што треба да ги имате бидејќи сигурна сум дека луѓето би сакале да имаат колега од човечки ресурси кој е комуникативен, достапен и секогаш тука за да помогне.  Задоволството да се види како вработените напредуваат и да се знае дека сте придонеле за нивниот успех е еден од најубавите аспекти на оваа работа.  Но, она што навистина сакам да го истакнам овде е дека HR е многу повеќе од ова, а при изборот на оваа кариера, мора да се знаат и оние аспекти кои не се толку “rise and shine” или забавни како што сето тоа изгледа. Или да речеме, HR не е тоа без своите предизвици.

 Работата со луѓе не е толку лесна.  Понекогаш е емотивна и потребна е храброст и голема емпатија, за да се справите со многуте ситуации во кои можете да се најдете.

 Дозволете ми да објаснам преку примери:

 Прво: Ќе има многу моменти кога вие ќе бидете тој што ќе треба да ги пренесе и лошите вести.  Овие моменти се тешки и можат да направат да бидете “the bad guy” во нечии очи.  Како професионалец за човечки ресурси, потребна е храброст и издржливост за да се справите со овие тешки ситуации, додека одржувате професионализам и емпатија.  Да се ​​информира некого за прекинување на работен однос или да се спроведат дисциплински мерки, верувајте ми и не е толку забавно.

 Второ: Работата во човечки ресурси вклучува и доста работа со правни документи и осигурување на нивна усогласеност со сложените законски прописи. Да се има одговорност и свест за резултатите кои можат да се предизвикаат со погрешна акција и какви може да бидат последиците за бизнисот, бара особено внимание на детали и справување со  тешки ситуации.  Понекогаш, дури и наоѓање на единствената можна работа во невозможни ситуации.

 Трето: Работењето со луѓе при регрутирање не е секогаш забавно.  Иако може да биде пријатно, да му кажете на некого дека ја добил работата, ќе ги имате и оние кои ќе треба да ги известите дека не ја добиле истата, што може да биде тешко и за кандидатот и за вас.  Ќе сретнете возбудени луѓе кои се надеваат дека ќе бидат избрани за улогата, но тоа нема да се случи, а нивното информирање и не е толку забавен процес.

 Четврто: Помагањето на луѓето во нивниот раст и развој е еден од најубавите аспекти од работењето во HR, но бидете свесни дека понекогаш HR и тука ќе биде “the bad guy”.  Давањето конструктивна повратна информација (инаку, особено важнa за развојот) или решавањето на проблемите со перформансите може да донесе многу предизвици.  Ова понекогаш бара тешки разговори кои можат да доведат до напнатост, а луѓето често може да се чувствуваат обесхрабрени и да станат одбранбени.  Во ситуации како овие, некои луѓе може да сметаат дека HR е премногу критичен или не е поддржувачки настроен.

 Ќе застанам овде, бидејќи мислам дека веќе ја сфативте мојата поента.

 Како и да е, ќе го заклучам следново: како и со секоја друга работа, така и работата во HR има забавни и пријатни моменти, но и моменти кои бараат многу емпатија, храброст, превземање ризик, управување со чувства и многу повеќе.  Значи, следниот пат кога ќе размислувате за започнување на кариера во HR, бидете свесни дека да се биде “people person” е добра почетна точка, но не ни приближно доволно за да се справите со сите предизвици и одговорности што ги носи оваа позиција.  Направете го вашето истражување, разговарајте со луѓе од областа, научете што повеќе за оваа кариера и размислете дали овие предизвици се оние за кои што сте возбудени да ги преземете.

 И ако на крајот изберете и верувате дека ова е вистинската кариера за вас, тогаш тоа е одлично!  Ќе влезете во динамично и влијателно поле кое нуди многу предизвици, уживање, непроспиени ноќи, среќа и ќе станете дел од групата херои кои значително придонесуваат за успехот и благосостојбата на организациите.  Како што се вели: “There is no Hero without HR.”

 П.С.  Мојата цел не е да обесхрабрам никого, туку да ги охрабрам оние кои бараат предизвици, различности и раст во нивните кариери.  HR го нуди сето ова и повеќе, а штом ќе влезете во ова поле, ве уверувам дека ќе ви се допадне, како и на сите нас!

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...