Белгија го има најсложеното законодавство во светот кога станува збор за управување со човечки ресурси, откри најновата студија на Групацијата ТМФ.
Извештајот за човечки ресурси и плати под наслов „Навигирање на комплексните барања во бурни времиња“ покажа дека постои значителна разлика помеѓу земјите ширум светот кога се работи за комплексноста на законите поврзани со управувањето со човечки ресурси.
Според извештајот, Белгија се смета за најсложена земја во однос на овие закони и тоа поради неколку фактори. Највпечатлив од нив е фактот што вработените кои работат во иста индустрија подлежат на различни политики во зависност од регионот каде што работат. Дополнително ниво на комплексност додава тоа што одредени правила се однесуваат на различни сектори во еден ист регион.
Покрај овие два диспаритети на ниво на регион и индустрија, Белгија е една од осумте јурисдикции во ЕМЕА регионот каде вработените добиваат редовно задолжително покачување на платата. Понатаму, исплатата на 13-та плата или бонус за привремен вработен / изведувач е стандардна политка во повеќето индустрии додека истото е случај само во четири други земји од ЕМЕА регионот.
Исто така, вработените во Белгија добиваат и исплата за годишен одмор во износ од 92% од нивната месечна плата, со што вкупниот број на годишни исплати и пресметки за вработените со „бела јака“ е 14, а оваа земја е и единствената држава во ЕМЕА регионот каде платните списоци мора да бидат доставени на повеќе јазици.
По Белгија, следните најсложени земји за управување со човечки ресурси се Малезија, Кина, Боливија и Франција. Сите четири земји ги поврзува силниот систем на социјална заштита. Задолжителните бенефиции, како што се придонесите за социјална заштита / домување или стоматолошка здравствена заштита, се вистински диференцијатор кога се прават договори и политики за плати.
Спротивно на тоа, наједноставната земја за управување со човечки ресурси е Чиле, а веднаш потоа се САД, Малта и Британските Девствени острови благодарение настепенот на слобода кои ја имаат компаниите. Во овие држави, поволностите од типот на додаток за патување се многу ретки, а зголемувањето на платите не е законски дефинирана обврска.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.