Интервју за љубовта кон човечките ресурси со Јасмина Антиќ Атанасовски – експерт за човечки ресурси со повеќе од 15 години постојана работа со луѓе и лиценциран советник за кариера, тренер и ментор во повеќе области.
Под нејзиниот профил на LinkedIn ќе прочитате “Full-stack HR Professional” што е всушност спојка која алудира на нејзината професија и индустријата во која најмногу се пронаоѓа. Таа е вистински експерт за човечки ресурси со повеќе од 15 години постојана работа со луѓе, претежно во технолошки и ИТ компании, лиценциран советник за кариера, тренер и ментор во повеќе области, а од неодамна и Blog Contributor за порталот 24HR. Денес, во рубриката „Љубов кон HR“ ве запознаваме Јасмина Антиќ Атанасовски и нејзината HR приказна.
Како настана љубовта помеѓу Јасмина и човечките ресурси?
Како средношколка, додека патував накај училиште со автобус, секој пат кога ќе го видев Собранието на РМ си посакував еден ден да бидам пратеник кој ќе помогне во унапредувањето на нашата држава од секој аспект 😊 . Бев (и сеуште сум) вљубеник во медицината, а сакав да се запишам на студии за социјална работа и политика. На крај, до ден денес, јас сум дипломиран правник без ниту еден ден стаж како правник 😊 . Додека студирав, сфатив преку многу практична работа дека всушност јас „немам желудник“ за правничката професија.
После повеќе годишното живеење во Франција и по враќањето во Македонија, некако природно дојде моментот да се насочам комплетно кон претприемништвото и создавањето на сопствен бизнис. Во тој период многу вложив во неформалното образование и до ден денес постојано учам и сметам дека личното вложување во овој капитал е неизбежен кога зборуваме за напредување на човекот во секоја смисла. Една од навиките кои ги имам одамна е секој пат да споделувам огласи и информации за можно вработување со мои пријатели и познаници. Така, во една прилика пред очи ми се појави оглас за Менаџер за човечки ресурси во една ИТ компанија. Кога го прочитав описот и одговорностите на работната позиција заклучив дека години наназад јас постојано работам голем дел од наведеното. Во една прилика, непосредно пред случајното појавување на огласот (инаку, не верувам во случајности 😊) еден мој пријател, професор на факултет, во разговор на тема Постдипломски студии, ми посочи дека за мене идеални би биле студии во домен на ЧР или евентуално психологија бидејќи ме гледа единствено во тоа поле. Многу размислував за тоа што професорот ми го кажа, а огласот за работа се појави како нарачан! 😊 Од првиот ден на работа како Менаџер за човечки ресурси, до денес јас сè уште сум во honeymoon со оваа професија. Од секој аспект гледано, ЧР е професијата во која сакам да се пензионирам! Фактот дека можеме да придонесеме во развојот и успехот на еден бизнис, а притоа со поддршката и помошта да се случуваат промени и на индивидуално ниво кај секој вработен е неверојатен мотиватор за секој кој е дел од ЧР секторот и ја работи оваа професија со љубов.
Од каде почнавте и како изгледаше вашата кариерна патека?
Јас работам од моите 16 години. Сум работела на многу позиции од кои сум стекнала многу работно и животно искуство. Никој не ме тераше да работам од дете, напротив, но секогаш имав огромна поддршка од моите родители да го одам мојот личен пат, а тоа за мене значеше постојано барање на нови предизвици. Кога сите одеа на одмор- јас работев, кога сите почнаа да излегуваат по кафичи- јас работев и учев 😊
Кога започнавме со сопругот со градењето на нашите семејни бизниси започна и моето ненамерно градење како професионалец во областа на човечките ресурси. Од изборот на секој член од тимот, до негово вклопување, тренинг и обука, како и долгорочна мотивација- сето ова беа мои задолженија, како и административната работа која беше исклучиво само моја обврска. Со официјалното започнување на позиција Менаџер за човечки ресурси фокусот беше насочен само на сегментите од ЧР, а не на бизнисот во целост. Во тој момент сфатив дека имам практично знаење, но ми недостасуваше теоретското, па така се запишав на Академија за ЧР, како и на многу други обуки во доменот на ЧР, се запознав со одлични колеги- исклучителни професионалци кои несебично со мене споделуваа многу практики и за ова сум им преблагодарна! Убавината и предноста за мене тогаш беше што сѐ што поминував како теорија, имав прилика да го применам веднаш во пракса и тоа во ИТ сектор, во компанија во која тогаш немаше сектор на човечки ресурси и беше моја обврска и одговорност тој сектор да започне да се гради. Брзината со која работите се случуваа, промените на дневно ниво, предизвиците и можностите кои секојдневно беа пред мене придонесоа мојот развој како професионалец во овој домен да се случува со вртоглава брзина. Денес фокусот ми е во регрутацијата, креирањето на процеси и политики во рамки на неколку компании кои се мои клиенти, а кариерното доусовршување го гледам во насока на аналитиката на податоци во ЧР врз основа на што би се донесувале поверодостојни и исправни одлуки кои би биле предвидливи, а во корист на бизнисот и вработените.
Кое е вашето најголемо достигнување во областа на човечките ресурси?
Моето најголемо достигнување? Хмм, успехот на секој „мој човек“, надминувањето на нивните лични граници и стравови, нивниот личен и професионален развој, надминати конфликти, унапредувањето на многу процеси – сето ова е за мене достигнување!
Насмевката кај задоволниот вработен е најголема сатисфакција и успех за секој кој работи во секторот за човечки ресурси. На крајот, задоволните вработени придонесуваат и во успехот и достигнувањата на бизнисот. Едно без друго не оди 😊
Што би им порачале на сите кои размислуваат за кариера во човечки ресурси?
Кариерата во човечки ресурси подразбира да сте добар слушател, правник, психолог, продавач, родител, другар, колега, подреден, надреден… Ние во ЧР имаме многу шешири кои ги менуваме многу пати во текот на работниот ден.
Би порачала секој кој се гледа себеси во овој сектор добро да размисли како би се носел/ а со ваква динамика, колку и како таа динамика ќе има позитивно влијание на него/ неа како човек бидејќи оваа работа не се работи со негативна енергија. Емпатијата, трпеливоста и истрајноста треба да бидат едни од главните одлики на секој во ЧР.
И на крајот, ова е кариера која нема „врв“ во нејзиното градење, постојано се учат нови работи, динамиката често е како да возите со 200 км/ч, понекогаш на автопат, а некогаш и на ридско – планинска велосипедска патека 😊
Што мислите за порталот 24HR?
24HR е место кое нѐ поврзува сите професионалци во доменот на човечки ресурси. Размената и споделувањето на мислења, ставови и практики е наједноставниот начин за учење и меѓусебна поддршка и помош, а 24HR ни го овозможува тоа на многу едноставен начин. Благодарна сум што се креираше ваков портал, место каде што можеме и да дадеме и да земеме знаење.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.