Колку често ја гледате вашата работа како пат кој ќе ви овозможи да станете најдобра верзија од себеси?
Концептот преработка на работното место или job crafting се однесува на сите активни промени што вработените ги прават во рамките на своите работни места кои на крајот резултираат со бројни позитивни исходи, како што се поголем ангажман, задоволство од работата, еластичност и напредување.
Експертите сметаат дека токму преку job crafting работните места можат да прераснат во лаборатории за развој на карактери. Ова е особено важно со оглед на илјадниците часови што веројатно ќе ги поминете на работа, и сето тоа започнува со промена на вашиот пристап кон работата како можност да станете подобра личност, во сите аспекти од вашиот живот.
Иако скоро сите сакаат да се гледаат себеси како чесни и морални човечки битија, една неодамнешна студија сугерира дека многумина од нас не му даваат приоритет на моралот кога се работи за нашиот личен развој. Кога од 800 студенти било побарано да ги рангираат карактерните промени што најмногу би сакале да ги видат во нивните животи, не-моралните црти (како што се дружељубивоста, продуктивноста и креативната имагинација) беа приоритизирани во однос на моралните црти (како сочувство, чесност и општ морал). Додека е возможно овие наоди уникатно да ја рефлектираат социјалната анксиозност, грижата за кариерата или преголемиот фокус на студиите, професорите Исак Х. Смит и Меријам Коучаки веруваат дека многу луѓе пристапуваат кон сопствениот морал со прекумерна самодоверба и самозадоволство што несакајќи го попречува развојот на нивниот карактер. Ова е причината зошто тие ги повикуваат луѓето да развијат морална смиреност и да ја препознаат потребата проактивно да се фокусираат на тоа да станат најдобра морална верзија од себеси – и тоа не само додека се на работа.
Работното место како морална лабораторија
За многу луѓе, искуствата на работното место обезбедуваат огромни можности за развој на цврстината и самоконтролата неопходни за да се избегне примамливото, но неетичко однесување, како што се лажење на клиенти, подмитување, лажирање на трошоци или манипулирање со сметководствени записи.
Сепак, човек со добар карактер не само што избегнува да прави лоши работи, туку и го следи доброто. А работното место служи како уникатно опкружување за вежбање на сочувство и љубезност (дури и кога не се чувствуваме обврзани да го сториме тоа, како што е случај со семејството и пријателите).
Понатаму, на работа можеме да развиеме доблести поврзани со трудољубивост (продуктивност и напорна работа), храброст (да кажеме кога нешто е погрешно) или праведност (на начинот на кој се однесуваме кон подредените и клиентите). Накратко, колаборативните, социјалните, хиерархиските, ориентираните кон резултати, па дури и мотивациските аспекти од нашата работа честопати создаваат средина која е соодветна за да го тестираме нашиот карактер и да ни помогне да ги обликуваме нашите доблести.
Но, за да се искористи целата предност на оваа морална лабораторија, потребно е да се вложи напор од наша страна – потребно е да направиме преработка на работното место.
Како да создадеме работно место кое ќе го обликува нашиот карактер?
Како што првично беше претставено од страна на научниците Ејми Врзесниевски (Универзитетот Јеил) и Џејн Датон (Универзитетот во Мичиген), луѓето можат да ги преработат своите работни места со тоа што прво ќе го променат начинот на кој размислуваат за својата работа (когнитивна преработка), второ, менување на обемот и видот на задачите (преработка на задачите) и, трето, промена на природата на нивните односи и интеракции со другите на работа (релациона преработка).
До денес, повеќето научници и практичари ѝ пристапуваа на преработката на работното место како на средство за градење на позначајна и позадоволителна работа, потенцијално зголемувајќи ги индивидуалните перформанси. Но, Смит и Коучаки сметаат дека треба да се впуштиме во преработка на работните места со цел да станеме најдобра морална верзија од себеси. Па, како да го направиме тоа?
Прво и најважно, направете когнитивна преработка за фундаментално да го промените начинот на кој ѝ пристапувате на вашата работа, согледувајќи ја работата како пат за развој на каратерот. На крајот на секој ден, запрашајте се дали сте подобра личност отколку што се биле кога сте се разбудиле тоа утро. Потоа, на почетокот на следниот ден, запрашајте се што можете да направите за да станете уште подобра личност до крајот на тој ден. На кого можам да му помогнам или да му дадам поддршка? Како можам да придонесам на работа со цел да направам позитивна разлика (на соработниците, на клиентите, на организацијата, на општеството)?
Второ, започнете со преработка на задачите со што ќе ги обликувате вашите дневни активности на начин на кој ќе избегнете етички предизвици, а ќе имате можност да креирате позитивно влијание. Изградете заштитни механизми во вашата рутина за да се заштитите од можни искушенија. Идентификувајте ги задачите што сметате дека прават најголема позитивна разлика и почесто вклучувајте се во нив. Внесете љубезност, самопожртвуваност или друг благороден крај во задачите што ги преземате. Охрабрете се да изградите навика за редовно да го искажувате вашето мислење во вашиот тим или организација (да предлагате значителни подобрувања или да реагирате на неправедност, неправда или дискриминација).
Трето, применете релациона преработка за да изградите силна мрежа на пријатели, колеги и ментори на работа кои ќе ги поддржат вашите напори да ги живеете вашите вредности. За да го избегнете лошото, испратете сигнални до вашите соработници и надредени дека сте силно посветени на етичко однесување на работа и пронајдете ментор кој е подготвен да ве води низ сите етички предизвици. За да го следите доброто, обидете се да ѝ пристапите на секоја интеракција што ја имате со другите луѓе како на можност за градење, воздигнување, поддржување или охрабрување. Поминувајте повеќе време со луѓето што прават да се чувствувате најдобро и ограничете ја интеракцијата со оние што ве влечат надолу (иако понекогаш токму на тие луѓе им е потребна вашата љубезност, сочувство и услуга).
Кога преработката на работното место не е доволна
Секогаш имајте на ум дека одредени работни места, компании па дури и индустрии нема да бидат добро усогласени со вашите лични морални вредности. Сите ние сме во голема мера обликувани од нашето опкружување, па и покрај моќта на преработката на работното место, може да се случи контекстот во кој работиме да го попречи нашиот морален развој.
Затоа, бидете проактивни во однос на пронаоѓање на работа што е во согласност со вашите морални вредности. Кога размислувате дали да прифатите некоја понуда, обрнете внимание на мисијата на организацијата и осигурете се дека сте подготвени да ги прифатите нејзините вредности. Доколку сте во можност, разговарајте со сегашните и идните вработени и прашајте ги како изгледале нивните секојдневни искуства на нивните работни позиции. Прашајте ги со какви етички предизвици се соочиле, доколку ги има, и како нивната работа и компанија им помогнала да растат и да се развиваат како личност. Најважно, запрашајте се себеси дали се тоа луѓето со кои сакате да работите и дали се тие одраз на личноста која се обидувате да станете.
Без разлика дали ја гледате вашата работа само како извор на финансии или како скалило за раст во кариерата, никогаш не одбирајте работно место или компанија која не е во согласност со вашите морални вредности и која не е подготвена да ви овозможи да ја преработите вашата работна позиција на начин кој ќе ви помогне да го развивате својот карактер.
Делови од текстот се преземени од публикацијата Craft a Career That Reflects Your Character на Исак Х. Смит и Меријам Коучаки објавена во списанието Harvard Business Review.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.
1 коментар
После неколку сменети компании и работодавачи можам да кажам дека навистина имав прилика да го поминам патот од светлината кон темнината и назад за да направам разлика и да сватам што е тоа што мене ми одговра како личност, каков работодавец, работна средина и работна филозофија. Се плашам да признаам дека некогаш ќе имам прилика да работам во компанија во која ќе има ментори наместо газди, лидери наместо менаџери, и тимови наместо поединци.