Интервју со Горан Кацарски за љубовта кон човечките ресурси

од 24HR

Професионалец, ентузијаст за човечки ресурси и човек кој секоја организација би посакала да го има… запознајте го Горан Кацарски и неговата HR приказна во рубриката Љубов кон HR на 24HR.

По вокација е магистер по право од областа на корпоративното право, а на професионално поле вистински ентузијаст за човечки ресурси со нешто повеќе од 4 години професионално искуство во професијата. Непоправлив оптимист, поддржувач на вработените и нивен мотиватор во секоја смисла, а динамичен, желен за иновации и промени од секаков вид кога станува збор за работните предизвици. Но и покрај своето искуство, себеси се смета за прилично нов во областа на човечките ресурси кој благодарение на своето животно искуство добро се снаоѓа во односите и комуникацијата со луѓето. Денес издвојте неколку минути од вашето драгоцено време и прочитајте ја инспиративната HR приказна на Горан Кацарски во рубриката Љубов кон HR на 24HR.

Што ве натера да се вљубите во човечките ресурси како професија?

Како и голем број мои колеги можам да кажам дека конекцијата со човечките ресурси дојде крајно непланирано. Како коорпоративен правник во една голема компанија се наметна обврската некој да се грижи за потребите, сатисфакцијата и напредокот на вработените, и истиот да биде мост меѓу менаџментот и вработените. Првично откако започнаа тие „дополнителни обврски“ забележав дека почнав да ги работам со поголема сатисфакција од останатите, и тука сметам дека се роди таа искра што ме натера да се доквалифицирам и пренасочам во HR.

Од каде почнавте и како изгледаше вашата кариерна патека?

Мојата кариерна патека започна во долгогодишен семеен бизнис, од кој од најмала возраст многу научив за луѓето и работата на луѓето во услови на мотивација и демотивација, реалната вредност на тимската работа и дека кога се вработените задоволни и мотивирани, тие ја носат работата, а не сопственикот.

Потоа, по завршувањето на правните студии краток период посветив во нотаријатот за конечно да се стабилизирам како правник со голем дел на одговорности од областа на човечките ресурси, за кои ќе бидам искрен и ќе нагласам дека со оглед на вреднувањето и актуелноста на човечките ресурси тогаш, не знаев воопшто дека спаѓаат во доменот на HR одговорности. Меѓутоа работејќи делумно во областа на човечките ресурси со тек на времето започна да ме привлекува широкиот делокруг на работи во кои е вклучен HR-от, анализирањето, вклученоста во планирањето на деловните политики, слободата во работењето, запознавањето на нови луѓе преку разни интервјуа и регрутација и секако влијанието на HR-ите во креирањето на стратегиите и целите на компанијата. Денес можам слободно да кажам дека ситуацијата е целосно променета, со тоа што главните обврски доаѓаат од HR-делот, а „дополнителните“ обврски се од правна природа.

Голема предност од денешна перспектива претставува тоа што уште од млади години бев вклучен во семејниот бизнис и научив да ги согледувам работите и од аспект на сопственик и од аспект на вработен.

Кое е вашето најголемо достигнување?

Не би можел да издвојам некое посебно достигнување за да го наречам најголемо. Имало идеи и стратегии за кои требало подолго време да се согледаат за да се имплементираат и самото тоа им давало одредена тежина, меѓутоа живееме во време со брзо темпо и предизвикот за постигнување на нови цели се почесто го конзумира времето предвидено за сатисфакција и давање на значење и признание на постигнатите цели.

Која е вашата порака за сите кои размислуваат за кариера во човечки ресурси?

Имајќи ја во предвид актуелноста и вредноста на HR како професија која непрестано се зголемува, би рекол дека за многу кратко време ќе застане рамо до рамо со IT професијата, на сите кои размислуваат за HR кариера би им препорачал дека доколку напредокот и сатисфакцијата на останатите вработени им претставува задоволство како нивниот личен напредок тогаш HR e дефинитивно можност за вас. Сметам дека ова е професија за луѓе кои пред се се отворени, емпатични, комуникативни, луѓе кои сакаат динамика и интеракција, добри се во проценката на способностите и вештините на вработените и најважно да успеваат да ги мотивираат. Би им порачал дека ова е време на константно доусовршување и никогаш не е доцна за нови почетоци и цели.

Ризикувајте, не се плашете од промени и нови предизвици, и што почесто напуштајте ја комфорт зоната во вашиот живот.

Што мислите за порталот 24HR?

Благодарение на 24HR конечно имаме портал за една актуелна проблематика кој може да се каже дека е и пред времето со оглед на актуелноста на HR професијата во светот И ЗА ПРВ ПАТ не мораме да читаме портали на српски или англиски јазик за да дознаеме нешто ново или да се доедуцираме во нашата професија.

0 коментар
4

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...