Дали сте исплашени од помислата дека вашите вработени се активни на LinkedIn? Не би требало!
Наместо да бидете исплашени дека можеби се таму за да пронајдат нова работа, подобро би било да погледнете на работите од друг агол – дека тие всушност ја претставуваат вашата компанија во најдобро светло.
Вашите вработени се продолжена рака на вашиот бренд – на LinkedIn па и на секое друго место. Еве што може дополнително да направите за да им овозможите на вработените да блеснат на LinkedIn и да помогнат во создавање на уште подобра слика за вашата компанија како работодавач:
Направете професионална фотографија за секој вработен
Ангажирајте професионален фотограф на неколку часа и кажете му да помине половина или цел ден во вашата компанија за да направи професионални фотографии за секој вработен. Ова ќе им заштеди време и пари на вработените и ќе им даде до знаење дека секој од нив го претставува имиџот на компанијата, а тие ќе го ценат тоа. Единечното фотографирање може да биде исклучително скапо, но со ангажирање на фотограф на подолг временски период, можеби ќе успеете да ја намалите цената и да им приредите на вработените навистина убава атмосфера. Овие фотографии потоа вработените ќе можат да ги постават на своите LinkedIn профили.
Прочитајте > Како LinkedIn да „регрутира“ за вас
Дизајнирајте брендирана насловна фотографија за профилот на вработените
Дали ја забележувате насловната (cover) фотографија позади сликата на профилот на вашите вработени? Претпоставуваме дека станува збор за стандардна сина позадина, односно насловна фотографија поставена автоматски од LinkedIn која нема никаква врска со вашиот бизнис. Вие можете да ангажирате графички дизајнер – ако веќе немате – за да направи прилагодена фотографија со логото на вашата компанија или елементи на брендот и да ги охрабрите вашите вработени да ја користат. Бидете сигурни дека оваа фотографија ќе ја поставите и на профилот на вашата компанија на LinkedIn.
Охрабрете ги вашите вработени да бидат активни на LinkedIn
Ако имате членови на тимот кои пишуваат блогови на вашата корпоративна веб страна, охрабрете ги да ги споделуваат тие текстови и на LinkedIn или можеби да објават некој авторски текст на самата платформа. Ако немате блог, размислете да го користите LinkedIn како простор за дистрибуирање на текстови од експери и раководители во вашата компанија со цел да ја споделат нивната експертиза за индустријата и трендовите на пазарот.
Поттикнете ги менаџерите да пишуваат препораки на LinkedIn
Сигурни сме дека некои од вас нема да се согласат со оваа идеја. Зошто да им помогнеме на вработените да се вработат на некое друго место, нели? Погрешно. Освен со зголемување на платата, не постои подобар начин да се награди напорната работа, лидерството и придонесот на вработените во организацијата од јавните пофалби додека вработениот сè уште е дел од вашиот тим. Едно е менаџерите од минатото да напишат препорака подоцна, а друго е доколку тоа го направат тековните менаџери. Ова испраќа силна порака до сегашните вработени и сите оние што размислуваат да аплицираат за работа во вашата компанија. Затоа, охрабрете ги вашите менаџери јавно да ги пофалат вработените на LinkedIn.
Прочитајте > LinkedIn нуди бесплатни курсеви кои ќе ви помогнат попродуктивно да работите од дома
Исполнете го LinkedIn профилот на вашата компанија со содржина
Одржувајте ја вашата корпоративна страница на LinkedIn со постојано објавување на нови содржини. Споделувајте текстови напишани од вашите вработени, статии за вашата индустрија или, уште подобро, за вашата компанија, и соопштенија за унапредувања и нови вработени. Охрабрете ги вашите вработени да ги читаат и споделуваат објавите на вашата корпоративна страна. Поентата е да покажете дека вашата компанија не само што се занимава со одличен бизнис, туку е и одлично место за работа. Вашите вработени несомнено можат да ви помогнат да ја раскажете таа приказна на LinkedIn.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.