Интервјуирањето на кандидатите е најважниот дел од секој процес на вработување. Токму затоа, голем број регрутери и менаџери за вработување се прашуваат како треба да биде структуирано интервјуто и колку долго треба да трае.
Вистината е дека не постои формален одговор во однос на ова прашање. Понекогаш прекраткото интервју може да ве лиши од можноста да ги откриете сите вештини на кандидатот, и обратно, доколку интервјуто трае премногу долго, може да се соочите со недостаток на време за да ги интервјуирате сите кандидати.
Обично, интервјуата лице в лице имаат тенденција да траат не помалку од 30 минути. Меѓутоа, многумина ќе се сложат дека половина час не е доволно за ниту една од двете страни да остави добар прв впечаток. На крајот на денот, вие сакате да се осигурате дека ќе вработите кандидат кој целосно ќе се вклопи во вашата компанија.
Иако постојат разлики во зависност од позицијата и индустријата, повеќето интервјуа за работа траат помеѓу 45 минути и 1 час. Ова треба да обезбеди доволно време и флексибилност за обете страни да се запознаат едни со други.
Но, она што функционира за еден бизнис може да не функционира за друг. Времетраењето на интервјуто, исто така, зависи и од сениоритетот на самата позиција, како и од вкупното време што вие и вашиот тим го имате на располагање за пополнување на одредено работно место.
За да одлучите колку долго треба да трае интервјуто во вашата компанија, еве неколку работи кои треба да ги разгледате:
Пред интервјуто
За да остават добар впечаток, кандидатите често пристигнуваат пред договореното време. Затоа е важно да се осигурате дека вие или член од вашиот тим ќе има време да го пречека и поздрави кандидатот пред да започне интервјуто.
За време на интервјуто
Имањето на јасна претстава за структурата на интервјуто ќе ви овозможи полесно да го диктирате целокупното времетраење на интервјуто.
Ако интервјуто се состои само од серија на прашања засновани на компетенции, времетраењето на интервјуто ќе биде прилично конзистентно кај повеќето кандидати. Доколку направите симулација на интервјуто со некој од вашите колеги ќе можете да процените колку навистина ќе трае тоа.
Помалку формалните интервјуа честопати помагаат да се добие подобар увид за кандидатот. Ако преферирате порелаксиран стил на интервјуирање, секогаш треба да планирате дополнително време кое ќе зависи од тоа како се развива разговорот.
Во одредени индустрии, компаниите бараат од кандидатите да ги демонстрираат своите вештини за време на традиционалното интервју лице в лице. Доколку вклучите какви било задачи, тестови или формални презентации, бидете сигурни дека ќе го пресметате потребното време за нивно извршување.
Исто така, бидете сигурни дека голем дел од кандидатите ќе имаат некоја нејаснотија во однос на работата. Затоа, многу е важно на крајот на интервјуто да одвоите време каде тие ќе ви ги постават своите прашања.
После интервјуто
Откако разговорот ќе заврши, размислете дали на кандидатот треба да му се покаже уште нешто. Дали ќе го запознаете со вашиот тим или пак ќе сакате да му ги покажете вашите канцеларии? Имајте во план дека дури и кратката прошетка или запознавање одзема време.
Колку подобро го испланирате вашиот процес на интервјуирање, толку подобро ќе оцените колку долго ќе трае интервјуто – што ќе ви овозможи перфектен процес на вработување.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.