Дали некогаш сте размислувале за трошоците за ангажирање на нов вработен? HR професионалците честопати зборуваат за трошоци поврзани со флуктуација на работната сила, но малкумина можат со точност да кажат колку чини пополнувањето на едно работно место. Па, колкав е вистинскиот трошок за ангажирање на нов вработен?
Трошокот за ангажирање на нов вработен е важен индикатор за ефикасноста на работењето на едно HR одделение. Но, честопати се случува пресметката на тој трошок да е поголем предизвик дури и од регрутацијата на самиот вработен. Зошто е тоа така?
Најпрво, трошокот за вработување во вашата компанија зависи од вашата индустрија, локацијата, типот на позицијата, рокот за пополнување на работното место и други бројни фактори.
Потоа, следуваат надворешните фактори кои во најголемиот број случаи не можат да се предвидат па може да резултираат со различен трошок за вработување дури и кога станува збор за едно исто работно место.
Но, кога веќе ќе решите да ангажирате нов вработен, ова се некои од трошоците што може да ги очекувате.
Трошоци за регрутација на нов вработен
Пред да започнете со регрутирање, потребно е да осмислите опис на работно место. Доколку се работи за ново работно место во вашата организација, пишувањето на описот на работното место може да биде доста комплицирано.
За да го напишете описот, прво треба да ги идентификувате основните специфичности на работното место, а потоа и вештините потребни за нивното извршување. Исто така, ќе треба да одредите и опсег на плата која одговара на позицијата.
Не можете да прескокнете ниту еден од овие чекори, а можеби ќе ви треба повеќе време за да ги завршите. Описот на работното место не е важен само за пронаоѓање на вистинскиот кандидат, туку и подоцна кога ќе треба правилно да го распоредите новиот вработен.
Пред да ја одредите платата, потребно е да ги знаете неопходните вештини кои се задолжителни за кандидатите од првиот работен ден и оние кои ќе ги стекнат подоцна на работното место.
Врз основа на нив, но и на пазарните услови, треба да одредите опсег на плата кој вашата компанија е подготвена да го понуди за отворената работна позиција.
Ако понудите прениска плата, ќе ги изгубите квалификуваните и искусни кандидати. Обратно, доколку понудите превисока плата, може да ги налутите вашите помалку платени вработени кои работат на слична позиција.
Доколку имате внатрешен регрутер, тогаш трошокот ја вклучува неговата плата за работното време кое го поминува за да ја пополни позицијата. Во случај да користите надворешен регрутер или хедхантер, трошоците може да бидат уште поголеми. Во просек, трошоците за регрутациски услуги може да ја достигнат месечната плата на новиот вработен.
Поевтина варијанта е доколку објавите оглас на портал за огласување, но во овој случај ќе ви бидат потребни интерни ресурси за да ги процесирате, анализирате и контактирате потенцијалните кандидати за вработување.
Трошоци за обучување на нов вработен
На секој нов вработен му е потребна обука, па дури и на тој што е експерт во вашата индустрија. Вашиот нов вработен треба да научи како функционира вашата компанија и кои се очекувањата што вие како работодавач ги имате од него.
Генерално земено, колку е поголема платата и поодговорна работата, толку повеќе време и пари ќе ви бидат потребни за обука на вработениот.
Овие трошоци не го вклучуваат само времето кое му е потребно на вашиот нов вработен да ги научи своите работни задачи, туку и времето на другите вработени за да ја обезбедат потребната обука. Важно е да се знае дека тие вработени не можат најефикасно да ги извршуваат своите работни задачи додека трае обуката на новиот вработен.
Па, колкави трошоци за обучување на новиот вработен треба да очекувате?
Една студија проценува дека ќе потрошите 38% од годишната плата за да го обучите новиот вработен. Дури и да станува збор за вработен со големо искуство, секогаш ќе имате трошоци за обука.
Кога се работи за нова позиција во вашата организација, можно е да искусите повисоки трошоци за обучување на вработениот поради тоа што не постои некој друг вработен кој би можел да го води и да му помага на новиот вработен.
Зошто е важен трошокот за вработување?
Трошокот за пополнување на едно работно место е важен индикатор за ефикасноста на вашиот HR сектор.
Благодарение на тој индикатор ќе може да го предвидите буџетот за сите идни вработувања што ќе ви помогне да го намалите ризикот од појава на непланирани трошоци.
За крај, овој индикатор може да ви помогне да ја согледате реалноста во вашето HR одделение и да ги насочите ресурсите во вистинска насока со цел оптимизирање и подобрување на целиот процес на вработување.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.