Потратага по инспиративна HR приказна овој понеделник не одведе во Хаг, Холандија каде со регрутерот Моника Костовска разговаравме за нејзината љубов кон човечките ресурси!
Македонија создава HR кадри кои се конкурентни и на глобално ниво. Вистински доказ за тоа е Моника Костовска која веќе извесен период работи како регрутер во холандската компанија TFC Professionals & Executives. Повеќе за Моника, нејзината љубов кон човечките ресурси и кариерната патека и достигнувања прочитајте во најновото интервју во рубриката „Љубов кон HR“ на 24HR.
Која е Моника Костовска?
Моника e психолог кој работи во областа на регрутација и селекција на менаџмент кадри за големи холандски компании. Луѓето се мојата пасија и најголема енигма, уште од времето кога почнав да се спознавам себе и да сфаќам дека единствениот систем кој успеваме да го контролираме, подобруваме, и прилагодуваме на светот сме ние, самите.
Животниот пат ме однесе во големите организации во кои имав можност да ја согледам комплексноста на спојувањето на многу личности во еден екосистем. Возбудата од сложеноста на процесот на вклопување различните личности во една средина и предизвикот да се направи успешна, долгорочна сторија од сето тоа ме донесе природно до позицијата на регрутер и кариерен советник, а за да биде предизвикот уште поголем, фокусот го насочив кон топ менаџмент кадри.
Како човек кој е по дефиниција ориентиран кон постигнувањето на резултат, секогаш во духот на тимската работа во тим со победнички став, кој поставува оптимални цели и е насочен кон поставувањето на стратегијата за најефикасно постигнување на целта, сметам дека мојата успешност лежи во мојата свесност за моето автентично делување. Знајќи ги своите добри страни и слаби точки, секогаш се ориентирам кон тоа за што сум најдобра, и се опкружувам со луѓе кои се најдобри во областите кои за мене се предизвик.
Што ве натера да се вљубите во човечките ресурси како професија?
Луѓето и можноста да имам удел во нечија среќа 😊 Кога го завршив образованието како психолог полн со ентузијазам и инспирирана од така убава наука како психологијата, размислував каде најмногу би можела да се пронајдам како професиналец. Сфатив дека работата генерално одзема една третина од секојдневието на човекот, и доколку можам да делувам таму, би имала импакт врз подобрувањето на состојбата на луѓето во значаен удел од нивниот живот. Појдов во кариерното патување инспирирана да делувам во внатрешниот дел на HR како мотивација на вработени, развој на вработени и слично, но на пат целата комплексност на бизнис светот ме заинтригира уште повеќе и најдов огромна поврзаност на бизнисот со моите лични карактеристики. Регрутацијата која јас ја работам е хибридот помеѓу хуманиот дел од работата со луѓе и бизнис mindset-от кој мораш да го поседуваш за да бидеш успешен во дејноста. Можноста да ги спојам овие две мои страсти ме натера да се вљубам во слободата на HR како професија, во која секој може да го искреира своето специфично место под небото.
А, да, и бројките, тие се мојата трета страст. Употребата на податоци за креирање на трендови и подобрување на успешноста на работата е исто составен дел од работата на еден регрутер, кој мене ме води во уште еден нов свет, полн со „аха“ моменти и можност за правење најоптимална проекција за уште подобри резултати.
Мислам дека е лесно да се забележи во мојата страст за зборување за убавината на мојата работа колку сум вљубена во неа 😊
Од каде почнавте и како изгледа вашата кариерна патека?
Почнав од најкомплицираното, се разбира 😊 После успешно завршени студии и успешно завршен проект на УСАИД на кој бев ангажирана веднаш по дипломирањето, а во кој оспособувавме професори да ги развиваат способностите за влез на пазар на труд на лица со попреченост, направив рефлексија за да одлучам во кој дел од применетата психологија најмногу се пронаоѓам. Како што веќе напоменав, веднаш знаев дека тоа се луѓе во организации. Како да го направиме она значајно време кое луѓето го поминуваат на работните места поквалитетно и поисполнето. Оттука почна мојата патека во HR и сфатив дека ми требаат двата аспекти – теорија и пракса. Во однос на теоријата, поради квалитетот на наставата, практичноста на пристапот и можноста да се вмрежам со најдобрите HR професионалци на македонскиот пазар ја избрав HR Академијата на Clear View. Ден денес сметам дека тоа беше најдобриот налив на знаење, самодоверба, ентузијазам и верба кој го добив од тимот на предавачи и прекрасната група со која заедно учев. Од практичниот аспект, поради достапноста, морав да изберам компанија во мојот роден град во кој живеев во тој момент, Тетово. Ги истражив компаниите и одлучив да ја контактирам компанијата која имаше најголем HR сектор и од каде знаев дека имам што да научам, компанијата Ecolog International. Земајќи предвид дека секогаш сум сакала да го градам својот пат проактивно без да очекувам надворешни изненадувања, преку опциите на LinkedIn го исконтактирав директорот на Секторот за регрутација објаснувајќи му дека сакам да бидам дел од нивната компанија како практикант бидејќи сакам да учам HR. Веднаш следниот ден бев повикана на разговор, каде отворено ми се објасни дека во моментот немаат отворена работна позиција, но мојот ентузијазам и пристап ги предизвикал да ме побараат и да ја слушнат мојата приказна. За два дена бев дел од нивниот тим како практикант – за мене посебна можност да учам во компанија која брои многу илјади вработени насекаде низ светот, а за нив предизвик да ја исконтролираат мојата љубопитност.
За време на ангажманот како практикант проактивно иницирав активности во одделот на регрутација, каде работев генерално на регрутација на странски кадри и поврзување со универзитетите во Македонија за влезните позиции, и во интерната Академија на Ecolog во која обучувавме кадри за дефицитарните позиции на теренските единици. За седум месеци се почувствував спремна да излезам на пазарот на труд, и добив неколку работни понуди. Се заблагодарив на Ecolog за сето знаење кое ми беше несебично дадено и можноста да се учи во таква комплексна и софистицирана средина, и решив да го продолжам својот пат. Но, поради фактот дека не бевме спремни да се разделиме уште, добив работна понуда и од нивна страна и останав да го водам делот за интернационална регрутација и обуката Train the trainer како дел од Академијата, како и специјализираната, моја искреирана психолошка програма за работа со едукантите во Академијата. После една година успешна соработка, мојата љубопитност мораше да се прошири на поголеми простори, па се префрлив на работа на холандскиот Executive маркет преку компанија FrontwiseGroup. Таму, работев заедно со тимот на холандскиот клиент на истражување на пазарот, наоѓање на топ-менаџмент кадрите и нивно водење низ процесот на пронаоѓање на следниот кариерен чекор. Холанскиот маркет и многу поголем и попредизвикувачки, но после определен период одлучив да пристапам кон нешто што секогаш ми беше страст и желба да го истражам – македонскиот ИТ маркет. Како дел од регрутацискиот тим на компанијата Symphony Solutions, две години активно се соочував со сите предизвици на македонскиот ИТ маркет. Специфичните пристапи на регрутација, дефицитарниот кадар, но и светски квалификуваните професионалци кои Македонија ги продуцира беа изворот од кој многу учев во тие две години. Исто, како дел од проактивната регрутациска стратегија на Symphony Solutions, преку креирање и одржување на професионални тренинзи, оспособив огромен број на технички кадри од ситре три локации (Полска, Украина и Македонија) како да вршат интервјуа на потенцијални колеги за нивните тимови. Прекрасно искуство исполнето со патувања, тренинзи, луѓе, интервјуа и пред се’, забава.
Пред крајот на претходната година и по 5 години од моето искуство на македонскиот пазар дојде време за повторна рефлексија на која одлучив дека е време за поголеми предизвици. И тука сум, сега, повторно на Холандскиот маркет но сега од местото на случувањето, Хаг, Холандија, каде заедно со TFC Professionals & Executives работам на креирањето на кариерниот пат на врвни топ менаџмент имиња од приватниот сектор на најголемите градови во Холандија (Хаг, Ротердам, Амстердам и Утрехт). Заедно со мојот тим ги констрираме борд структурите во големите корпорации од флоралната, прехрамбената, телеком индустријата но и многу други индустрии кои проактивно се соочуваат со ова предизвикувачко време. И морам да признаам – предизвикот е голем, ама задоволството по успешно завршената работа, која по моменталната динамика на маркетот е брза и ефикасна, е неизмерно!
Кое е најголемото HR достигнување на Моника?
Од колоритниот пат кој досега го поминувам достигнувањата ми се од различна природа – број на регрутирани кадри за одредено време, екипирање на невозможни тимови (како Кетеринг тим од Кореа за проект во Куваит), одржани обуки и посетеност на мои настани, и сите успеси ми се посебно драги. Но како психолог кој работи во оваа сфера, за мене посебен успех е предизвикот пред кој бев исправена во една од ситуациите како дел од тимот на Ecolog International – да направам интервју со лице кое има значителна попреченост во слухот и говорот. Преку примена на интегративен пристап во кој користев експресивен говор за да можеме да примениме читање од усни, користење на пишан материјал, и претходно подготвени обрасци на прашања и технички тестови, успеавме да го спроведеме интервјуто со кандидатот без потреба од трето лице олеснувач на процесот. Тоа е достигнување пред кое имав најмногу трема, на кое ми докажа дека навистина сум го нашла моето место под небото.
Што би им порачала Моника на сите кои размислуваат за кариера во човечки ресурси?
HR е област која нуди можност за индивидуална интерпретација и согласно со тоа, многу многу можности. Доколку имате страст да работите со луѓе или за луѓе, само осмислете го аспектот кој вам би ви пружил најголема можност за автентично остварување и од кој ќе можете да направите повеќе за луѓето, и HR сферата ќе биде тука да ве поддржи со рамка во која вие ќе си го искреирате вашиот пат!
Се разбира, пристапот е индивидуален и прилагодлив, избирате дали сакате да бидете дел од поструктурираните делови на HR или од оние кои јас ги нарекувам „хумани“ кои овозможуваат повеќе спонтаност и непредвидливост, но не заборавајте на доверливоста на процесот и грижата за луѓето кои се главни начела во оваа област!
Моника Костовска за порталот 24HR:
„24HR е прекрасно место на кое се сплотуваат сите HR ентузијасти од маркетот и се споделуваат мислења, искуства, знаења и сите корисни работи кои не прават побогати како фела. Секогаш моето Go to место за освежување на знаењето и анализирање на пристапите, особено во случаи во кои сме исправени пред предизвици како периодот сега, и во кој најмногу на дело се гледаат нашите способности. Прекрасна иницијатива!“
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.