Ме радува што сè повеќе компании стануваат свесни за важноста на својот најважен ресурс – луѓето!

од 24HR

Интервју со Весна Коруновска, Менаџер за човечки ресурси во Лакталис Македонија

Весна Коруновска е едноставен човек, со многу желби, планови, соништа, со прецизни рокови, анализи, пресметки, предвидувања и претпоставки и се она што на една мајка на двајца тинејџери, од една, и деловна жена, од другата страна, ѝ е потребно во секојдневниот живот. Димпломиран економист кој својата кариера ја градел низ повеќе оддели, од секој земајќи делче искуство, парче знаење, контакти со убави луѓе од кои учела, за да ја создаде денешната Весна, менаџер на Човечки ресурси на Лакталис Македонија.

Што ве натера да се вљубите во човечките ресурси?

Човечки ресурси е, за Македонија, прилично нова професија. Ме радува тоа што, во последно време, се повеќе компании вклучуваат HR сектор, значи дека и помалите компании стануваат свесни за потребата од посветување посебно внимание на својот најважен ресурс – човекот. Често знаат да кажат “Ахаа, па ние имаме Кадрово”. HR е многу повеќе од тоа. HR е комплетна функција која води грижа за обезбедување на најдобрите кадри, нивен развој, едукација, но и создавање на тимови кои функционираат. Можете да имате екипа составена од најдобрите и најстручните луѓе на пазарот, но ако не успеете да создадете хемија меѓу нив, нема да имате тим. И нема да ги постигнете резултатите кои ги сакате. Таа магија, таа љубов со која вработените во HR се грижат за составувањето на тимот, таа прецизност на која и часовничар би позавидел во склопувањето на стотиците запчаници кои треба совршено да функционираат за да работи часовникот, е причината зошто си ја сакам работата.

Од каде почнавте и како изгледаше вашата кариерна патека?

На новите вработени кои прашуваат за можностите за напредување во Лакталис, често им кажувам дека во целата досегашна кариера не сум ја променила компанијата, но затоа, во рамките на таа иста компанија, сум била на пет различни позиции. Од првиот работен ден, како шалтерски работник, преку Сметководство, до шеф на Продажба, раководител на Администрација на купувачи, па до менаџер на Човечки ресурси. Сите позиции ме довеле во контакт со различни луѓе, карактери, со различни процеси, работни задачи, со различни аспекти на работењето во еден од најкомплексните деловни системи – млечната индустрија. На сите кои ја започнуваат сега својата кариера, им го препорачувам истото – не чекајте совршена прилика, започнете да чекорите и создадете ја својата кариерна патека, таму каде никој пред вас не поминал. Трудот, посветеноста, лојалноста, амбициозноста, никогаш нема да останат незабележани и ненаградени.

Кое е вашето најголемо достигнување во областа на човечките ресурси?

Годинава што изминува стави акцент на она што и без здравствената криза, треба да е приоритет број еден за секоја компанија, а тоа е безбедноста и здравјето на луѓето. Сите останати аспекти на работењето стануваат небитни кога е загрозен тој, основниот – луѓето да се вратат дома, по истекот на работното време, здрави и сигурни. Ова ни беше и ќе ни остане врвен приоритет во функционирањето на секој оддел и секоја единка. Благодарение на сите мерки за заштита кои навремено се преземаат на работното место, како и препораките за однесување на вработените надвор од него, посебно сум среќна што бројот на отсуства предизвикани од повреди на работното место или болести е на минимум и се надевам дека така и ќе остане во иднина. Безбедносниот и здравствениот аспект е еден од клучните параметри кои се следат на дневно/неделно/месечно ниво и благодарение на тоа, свеста кај вработените е на прилично високо ниво.

Што би им порачале на сите кои размислуваат за кариера во човечки ресурси?

Кариерата во Човечки ресурси е предизвик, без оглед што сте завршиле од формално образование. Ниеден ден не е ист со претходниот, затоа што најважниот ресурс со кого работите се луѓето, а луѓето (без оглед на популарните изреки и мислења) се менуваат, зреат, растат. Ќе ви треба многу љубов, лична зрелост, стабилност, емоционална интелигенција да проникнете во психата на луѓето и да го откриете она што е најдобро во нив, да ги разберете нивните желби и стравови, да пронајдете што ги движи и мотивира, за кого и со каква цел имаат волја да се разбудат наутро и да го напуштат креветот за да дојдат на работното место.

Од друга страна, ќе треба да го разберете бизнисот во кој работите, секоја негова функција, секоја процедура, меѓусебната поврзаност и зависноста на одделните сектори. Ќе ви треба познавање на финансиите, трошоците и нивната оптимизација, средината во која работите, пазарот на труд. Ќе ви требаат сите делчиња од сложувалката, за да ја склопите во глава целата слика. Само така ќе можете да бидете најдобар сервис за сите функции во компанијата, да обезбедите соодветни кадри за потребните позиции и да го помогнете растот, како на поединците, така и на компанијата во целост.

Весна Коруноска за порталот 24HR:

Порталот 24HR.MK е задолжителна лектира за сите кои работат во Човечки ресурси, но и пошироко – за сите оние кои работат со луѓе, кои секојдневно се среќаваат со проблеми, прашања, предизвици поврзани со човекот како најзначаен ресурс, за сите сопственици на бизниси, менаџери, раководители на сектори, директори. Освен содржините кои ги нуди, претставени на високо, професионално ниво, порталот придонесува кон запознавање на луѓето од струката, што е од голема важност за една професија во развој, како што е Човечки ресурси.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...