Колумна на Ана Салтирова Давидовски – Менаџер за човечки ресурси во АМСМ, NLP Тренер и Коуч и автор на детската интерактивна книга „Благодарам“.
Кои се здравите прашања кои треба да си ги постави организацијата за да може да расте, а со себе да ги понесе и своите вработени. Како организацијата да знае на кое скалило е и кое е следното скалило кое стабилно ќе ја води кон визијата.
Зошто организацијата, секторот што го водам ги има резултатите кои што ги има и од каде да почнам со подобрување на истите?
Роберт Дилц кој активно работи на развој на НЛП-то (неуро-лингвистичко програмињање) кој е автор на многу книги, тренер и консултант во ова поле свој придонес има дадено и преку логичките нивоа или пирамидата на Дилц (слика 1). Во текстот кој следува ќе се обидам да дадам мое видување како јас ги разбирам и како верувам дека може да ни бидат водилка во насока на снимање на моменталната состојба и стабилно зачекорувајќи во посакуваниот правец. Ова е само еден од начините како може да се користи пирамидата на Дилц.
Интересното во оваа пирамида е тоа што секое наредно ниво на пирамидата дава одговор на прашањето „Зошто е тоа така?“, почнувајќи од подножјето на пирамидата и движејќи се нагоре.
Во базата на пирамидата е окружувањето или што организацијата има, ова можеме да го видиме во форма на резултатите кои ги постигнува. Какви се финансии, како оди работата. Ако се запрашаме Зошто е тоа така?, одговорот ќе можеме да го најдеме на второто ниво каде се преставени однесувањатаили што организацијата прави. Логично е дека она што го прави секојдневно директно резултира со она што го има како резултат. За мене посебно интересно е кога некои организации/сектори/луѓе прават работи кои се контрадикторни од резултатите кои ги посакуваат, а притоа не можат да го согледаат магичниот круг во кој се имаат вовлечено.
Кога повторно ќе го поставиме прашањето Зошто е тоа така?, одговорот ќе го најдеме на третото ниво – нивото на способности. Ова ниво дава одговор на прашањето како организацијата избира. Зависно од тоа кои способности и се на располагање, на тој начин се прави избор, на тој начин се носат одлуки за тоа како ќе се однесува во секоја конкретна ситуација. Кога повторно ќе го поставиме прашањето Зошто е тоа така? Зошто го избира тоа што го избира?, одговорот ќе го најдеме на четвртото ниво – нивото на вредности/верувања. Секоја организација е идеално структурирана да ги добива резултатите кои верува дека се можни за неа. За да добиеме увид Зошто е тоа така? Зошто верувам во тоа што верувам?, да се осветли овој дел и да се добијат појасни увиди се качуваме на петтото ниво – нивото на идентитетот – Која е организацијата/Кој сум јас?. Одговорот на ова прашање е директно зависен од верувањата/вредностите на организацијата. Со што организацијата се идентификува. Повеќе од јасно е дека кога организацијата верува дека е немоќна и дека постојано прави грешни чекори ќе има различни резултати од организацијата која верува дека е моќна и ги презема вистинските чекори. Првата постојано ќе се губи во лавиринтот кон успехот додека другата по овој или оној обид ќе го најде патот.
На самиот врв од пирамидата се наоѓа мисијата, а се дава одговор на прашањето зошто организацијата постои. Ова е ниво кое што не го искачуваат сите организации. Ова ниво е достапно за организациите кои гледаат подалеку од личниот профит и завршната сметка. Ова ниво е резервирано за организациите кои со своето работење прават додадена вредност кон окружувањето и позитивни промени со своето дејствување, а финансиите им се следствен резултат не цел сама за себе.
Овој брз преглед на логичните нивоа ни овозможува на поинаков начин да погледнеме на нашето дејствување во насока на негово разбирање а потоа и негово планирано менување. Пред се ни овозможува подобро да разбереме зошто ги имаме резултатите кои ги имаме. Потоа ни овозможуваа да разбереме што треба да промениме како би добиле поинакви (посакувани) резултати. Ако не сме задоволни со она што го имаме/правиме (првото и второто ниво) логичките нивоа не упатуваат дека треба да ги менуваме избори кои ги правиме. Ако сите избори кои ги правиме се еколошки проверени (според НЛП) а сеуште не ги имаме резултатите кои ги посакуваме, треба да ги протресеме вредностите/верувањата кои ги имаме, да провериме дали имаме некое верување кое не ограничува т.е. не нѐ подржува на патот кон успехот. Сите организации работат на истиот пазар во истото окружување, но ги немаат истите резултати, затоа е потребно сестрано и длабоко да размислиме што успешните прават, како успешните размислуваат, за да го моделираме нивниот успех. Ако сакаме поинакви резултати, треба да преземеме и поинакви чекори. Правејќи го она што постојано го правиме ќе ги добиваме резултатите кои што ги имаме, е една од аксиомите во НЛП-то. И Алберт Анштајн зборувал дека проблемот не можеме да го решиме на нивото на кое што е креиран.
Покрај тоа што логичките нивоа можеме да ги користиме на ниво на организација, сектор исто така можеме да ги користиме и на ниво на вработени, како подобро да ги разбереме вработените за да го охрабруваме и подржиме нивниот развој. Да согледаме каде се и каде треба да одат (согласно визијата) и структурирано да ги трасираме патот.
Оваа структура секако може да не подржи и на лично ниво, нејзината универзалност и примена посебно ме воодушевува. Ви посакувам успех во промените.
За авторот:
Ана Салтирова Давидовски е социјален работник кој има магистрирано на менаџмент на човечки ресурси, работи како Менаџер за човечки ресурси во АМСМ, NLP Тренер и Coach, Тренер за меки вештини. Таа е член на Управниот одбор на Македонската асоцијација за човечки ресурси, една од иницијаторите за формирање на огранокот за коучинг при Македонската асоцијација за човечки ресурси и активна е на повеќе проекти за развој на човечките ресурси во Македонија и промоција на професијата. Автор е на детската интерактивна книга „Благодарам“ преку која методологијата на NLP ја доближи до најмалите. Последниот проект на кој страсно работи е кампањата „Личен избор“ која има за цел свесна промена на фокусот на мислата со јасна цел за враќање на доброто расположение повторно во мода, преку која има и бесплатни материјали наменети за родителите.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.