четврток, јануари 8, 2026
Почетна НовостиОва се најдобрите компании за работа во 2021 според Glassdoor

Ова се најдобрите компании за работа во 2021 според Glassdoor

by 24HR

Glassdoor ја објави листата на најдобри места за работа во 2021 година, а на самиот врв се наоѓаат технолошките компании кои се лидери во поглед на ангажманот на вработените, флексибилноста и можностите за напредок.

Софтверската компанија Salesforce се најде на врвот на листата на најдобри работодавци за 2021 година која ја објави платформата Glassdoor. На скала од 1 до 5, рејтингот на Salesforce изнесуваше 4.5.

Потоа, следат Microsoft и Abcam со 4.4, а по нив на листата се најдоа и Google, Softcat, GTB, Apple, Bella Italia, SAP и Facebook.

Листата е составена врз основа на инпутот од вработените кои на Glassdoor оставаат анонимни повратни информации за компаниите оценувајќи ја нивната работа, работната средина и третманот како работодавач.

Salesforce беше прогласена за победник во Велика Британија поради својата семејна култура, посветеност кон диверзитет и инклузија, широкиот спектар на поволности и бенефити за вработените и импактот на извршниот директор.

Всушност, тоа беше единствената компанија која што се појави на сите пет листи според земји, вклучувајќи ги Франција, Германија, САД и Канада.

Од друга страна, и покрај огромната штета што ја претрпе угостителскиот сектор поради пандемијата, четири ресторани успеаја да се пласираат во најдобрите 50, и тоа Bella Italia, Nando’s, Wagamama и Greggs.

Bella Italia се искачи од 45-тата во 2020 година на осмата позиција благодарение на својот забавен и пријателски тим, семејното чувство, добрата плата, бакшишот и попустите.

Други сектори чии компании постигнаа високи резултати беа финансии и производство.

Кристијан Сатерленд-Вонг, извршен директор на Glassdoor, вели дека очекувано коронавирусот има големо влијание на годинашната листа.

„Ковид-19 е главниот проблем со кој се соочуваме во моментов и од него е погоден секој работодавач. Годинешните победници докажаа дека дури и во вонредни околности, компаниите треба да ги поддржат своите луѓе“, изјави тој.

„Културата предводена од мисијата, транспарентното лидерство и можностите за кариера се секогаш обележја на победниците за најдобри места за работа. Оваа година, исто така, гледаме исклучителни работодавци чиј приоритет е здравјето, безбедноста и благосостојбата на нивните вработени“, додаде Сатерленд-Вонг.

Најголем пад на списокот во 2021 година имале Cisco Systems, од 13-та на 44-та позиција, Shell од 20-та на 50-та позиција и GlaxoSmithKlina која бележи пад на 46-та од 29-та позиција.

Дел од победниците за 2020 година кои годинава не се најдоа на листата се Hiscox, Topps Tiles, EasyJet, Nike, O2, Rolls Royce и Unilever.

Related Posts

Leave a Comment