Опис на работно место: 10 работи со кои ќе ги привлечете вистинските кандидати

од cedo

Описот на работното место e дел од содржината на огласот каде што се сумирани главните одговорности, активности, квалификации и вештини неопходни за извршување на самата работа.

 

Креирањето на привлечен опис е од суштинско значење за привлекување на најдобрите кандидати да аплицираат на вашиот оглас. Според порталот за барање работа Indeed.com, огласите со опис на работно место помеѓу 700 и 2.000 карактери имаат дури 30 проценти повеќе апликации.

Од друга страна пак, за еден опис на работно место да биде ефективен треба да содржи доволно информации кои јасно ќе му кажат на кандидатот дали е квалификуван за работната позиција или не.

Споделуваме неколку совети кои ќе ви помогнат да напишете привлечен опис на работното место кој гарантира повеќе и поквалитетни апликации на вашите огласи.

Изберете јасен и концизен наслов на работната позиција

Кога ќе се одлучите за наслов на работната позиција, обидете се да го изговорите неколкупати во себе. Ако не ви е јасно што значи откако ќе го слушнете, тој е предолг или треба да се промени во нешто помалку нејасно.

Направете најдобра слика за позицијата

Кажете им на потенцијалните кандидати нешто повеќе за вашата компанија, тимот и проектите на кои ќе работат. Ако не ги наведете овие информации, си ги намалувате шансите да ги пронајдете вистинските кандидати за работното место.

Опишете ја работната средина

Дали е бучно или тивко? Работното време ќе го поминуваат во канцеларија или на терен? Овие детали треба да бидат дел од описот на работното место, така што кандидатите веќе ќе знаат што да очекуваат на новото работно место.

Истакнете ги најважните вештини кои ги барате

Бидете сигурни дека ќе ги вклучите најважните 3 или 4 вештини кои ги барате од кандидатите. Ова не гарантира дека нема да добиете апликации од несоодветни кандидати , но секако дека ја намалува можноста да се случи тоа.

Наведете го потребното образование

Во овој дел е потребно да бидете многу внимателни. Размислете дали степенот на образование кој ќе го наведете во описот е задолжителен за работата или се смета за предност. Доколку сакате да земете предвид кандидати кои имаат одреден степен на образвование или еквивалентно работно искуство, не заборавајте да го вклучите и тоа.

Потенцирајте ги дневните обврски

Опишете ги колку што е можно попрецизно дневните обврски за работното место. Кандидатите сакаат да знаат што ги очекува во нивната нова работна средина, а вас ќе ви помогне да добиете апликации од некој што може да ја заврши работата.

Внимавајте на вашите зборови

Кога го пишувате описот на работното место, фокусирајте се на задачите и одговорностите на позицијата, наспроти личните карактеристики на лицето што ќе ја извршува работата. Личните карактеристики се добредојдени, но имајте на ум дека секој може да биде “трудољубив“, а тоа што вам ви треба е вреден вработен што може да ги извршува дадените задачи.

Исто така, водете сметка вашиот речник да биде родово неутрален и да не содржи елементи на дискриминација. Можеби е добро секој пат пред да го дистрибуирате описот на работното место, да побарате совет од правник кој ќе ви потврди дека неговата содржина е соодветна.

Користете ги вистинските фрази

Не заборавајте да употребите интересни фрази и зборови кога давате повеќе информации за задачите и обврските на вашите потенцијални вработени. Доколку сакате да привлечете врвни таленти, потребно е можноста за работа во вашата компанија да изгледа возбудливо, а тоа значи да го доловите нивниот интерес преку описот на работното место.

Јасно опишете што претставува “успех“ на оваа позиција

Секоја позиција има различна дефиниција за успех, па токму затоа треба да им објасните на потенцијалните кандидати каков стандард се очекува од нив да исполнат доколку се приклучат на вашиот тим. Од друга страна, секогаш е добро доколку можете да демонстрирате јасна кариерна патека за напредување на позицијата.

Вклучете компензација

Плата според работно искуство или плата по договор нема да предизвика ист ефект како специфичен опсег или конкретна бројка. За ова, потребно е да ја направите вашата домашна задача и да го утврдите вистинскиот износ кој сметате дека е доволен за кандидат кој ги поседува квалификациите што ги барате.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...