Регрутација во 5 чекори: Како Амазон го одбира идеалниот кандидат за вработување?

од cedo

Процесот на вработување во Амазон е неверојатно конзистентен во рамките на сите глобални канцеларии на компанијата. Без оглед на работното место или локацијата, секој кандидат за работа во Амазон го поминува истиот процес на регрутација кој се состои од пет чекори. Притоа, кандидатите се вреднуваат врз основа на карактерот и лидерските способности, а не само врз основа на квалификациите и образованието.

Амазон важи за една од ретките компании која може да му парира на еден Фејсбук или Гугл како идеално место за секој што бара работа. Освен тоа, Амазон е препознатлив и како една од најригорозните компании кога станува збор за вработување. Тешките прашања и загатки кои се поставуваат на самото интервју се специфични по тоа што ги содржат 14-те есенцијални принципи на лидерство кои се дел од корпоративната култура на Амазон, а тоа и овозможува на компанијата со голема сигурност да ги одбере вистинските кандидати.

Во оваа статија, ќе се обидеме да ви доловиме како изгледа процесот на вработување во една од најголемите компании во светот – од почеток до крај.

 

Чекор 1: Контакт од регрутер на Амазон

 

Постојат два начина преку кој Амазон доаѓа до потенцијални кандидати за вработување. Едниот е преку пребарување на кандидати на социјалната мрежа LinkedIn, а вториот е преку класичен оглас за вработување. Доколку вашиот профил одговара на некоја отворена позиција во компанијата, и во двата случаи ќе добиете порака или e-mail од регрутер на Амазон со термин за телефонски разговор.

 

Чекор 2: Прв телефонски повик

 

Првиот телефонски разговор трае од 15 до 30 минути, а за тоа време регрутерот ќе ви поставува прашања за вашата биографија. На овој начин, тие се обидуваат да го измерат вашиот интерес за работата и да проценат дали сте добри за истата. Во оваа фаза се поставуваат и прашања од типот: која е вашата очекувана плата, дали сте подготвени да се преселите и други слични прашања.

Под претпоставка дека нема “црвено знаме“, следниот чекор е регрутерот да предложи термин за телефонско интервју.

 

Чекор 3: Телефонско интервју

 

Во Амазон може да имате од едно до три телефонски интервјуа. Првото може да биде со менаџерот за човечки ресурси или со некој постар член на тимот во кој треба да работите. Тие ќе ви постават прашања во врска со вашата биографија, како и неколку прашања од бихејвиорален аспект. Ако сте аплицирале за техничка позиција како што е софтвер инженер, треба да бидете подготвени да одговорите на прашања кои се однесуваат на алгоритми, структура на податоци и програмирање. Доколку станува збор за некоја пониска техничка позиција, може да добиете и онлајн тест каде што ќе ги покажете вашите способности. Ако ја поминете оваа фаза, следува интервју лице в лице.

 

Чекор 4: Интервју лице в лице

 

Откако успешно ќе ги поминете телефонските интервјуа, ќе бидете поканети на интервју во канцелариите на Амазон. Меѓутоа, ова е тоа што е познато како “јамка“ во Амазон.

Неколку дена пред вашето интервју, регрутерот ќе ви обезбеди распоред и листа на вработени кои ќе ве интервјуираат. Вообичаено, тоа се 4 до 6 лица. Еден од нив ќе ја има улогата на т.н „bar raiser“, односно обучен експерт за интервјуа кој ги живее и дише принципите на лидерство во Амазон. Неговата улога е да се увери дека следното ново вработување ќе ги зголеми просечните перформанси на вработените во Амазон. Таа личност има моќ да стави вето на вашето вработување.

Инаку, Амазон во своите интервјуа ја користи добро познатата STAR метода (ситуација, задача, акција и резултат) преку која вработените на кандидатите им даваат задача во која тие треба да имплементираат одреден принцип на лидерство. Потребно е детално да се опише проблемот и да се објасни како тие би го решиле истиот. Само решенијата кои се базираат на реални податоци и статистики можат да го издвојат вистинскиот кандидат од мноштвото апликанти.

 

Чекор 5: Официјална понуда

 

Во рок од една недела по направеното интервју, ќе ве контактира регрутерот од Амазон. Ако не добиете понуда, тоа ќе биде брз повик бидејќи политиката на Амазон е да не дава повратни информации во врска со интервјуто. За да аплицирате повторно, ќе треба да почекате да поминат шест месеци, но во одредени ситуации, регрутерот може да процени дека ќе бидете добри во некој друг сектор па ќе ја задржи вашата биографија и ќе ве контактира доколку пронајде друго соодветно место за вас во рамките на компанијата.

Но, доколку Амазон ви понуди работа, регрутерот ќе ви ги соопшти сите детали и ќе го слушне вашиот фидбек. Откако ќе заврши процесот на преговори и ќе ги дефинирате условите, тие ќе ви ја испратат целата документација за да го ставите својот потпис и да започнете со работа.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...