Интервју со Елена Инадеска-Аврамовска, HR Менаџер во Singular
За тие што не ја познаваат, Елена Инадеска-Аврамовска е HR Менаџер кој комплетно ужива во комуникацијата со луѓе, но исто така важи и за огромен љубител на внатрешен ентериер, уметнички слики и цвеќиња. Како HR Менаџер работи веќе 7 години, и тоа во Singular – интернационална компанија која што специјализира во развој на софтвери наменети за игри на среќа, чие седиште се наоѓа во Малта, но има свои канцеларии во Тбилиси, Грузија и тука во Скопје каде што таа е одговорна за сите активности поврзани со HR. За разлика од повеќето HR професионалци кои доаѓаат од светот на психологијата, таа има завршено маркетинг студии и е магистер по комуникации, а специјализираното знаење во овие области и помогнало да стане тоа што е денес.
Но позади секоја успешна приказна се крие љубов кон самата работа, искуства и професионални достигнувања, а искуството на еден HR професионалец како Елена е дефинитивно нешто што сметаме дека е вредно да се сподели во рубриката Љубов кон HR на 24HR.
Да започнеме од почеток, што ја натера Елена да се вљуби во HR како професија?
Предизвикот. Луѓето би се изненадиле колкав предизвик е да се најде вистинската личност која има и соодветно техничко знаење и одлики што се вклопуваат во културата на компанијата. Во мојот случај тоа е Singular, во која што комуникацијата и тимскиот дух се исто толку важни за успехот како и техничката спремност на еден кандидат за вработување. Секогаш бараме кандидати што можат да се вклопат во нашата компаниска култура и коишто, пред сè, се желни да учат, да напредуваат и да растат заедно со нас. Во Singular секогаш важи квалитетот над квантитетот и за тоа не правиме компромис.
Секако, тука лежи и друг голем предизвик за еден Менаџер за човечки ресурси: да се создаде средина каде што се развиваат и индивидуалните амбиции и тимската работа. Не се сметам себеси за типичен менаџер бидејки не верувам во методите “by the book” – сметам дека секој поединец, тим и компанија има специфичен начин на функционирање. За еден HR менаџер важно е да знае како да ги препознае овие уникатни карактеристики, а тоа е нешто што не може да се прочита и научи некаде, туку треба да го имате во себе. Меѓутоа, токму поради тоа ја сакам мојата работа. Самото креирање на услови за вработените да се вљубат во својата работа е она што ме тера мене да се вљубам во мојата.
Од каде почнавте и како изгледаше вашата кариерна патека?
Во Singular сум од самиот почеток, буквално од првиот ден од отварањето на канцелариите во Скопје пред точно 7 години. Тоа ми даде можност да бидам дел од создавањето на стандардите, како и дел од промените на истите согласно потребите на компанијата и трендовите на пазарот.
Меѓутоа, јас всушност почнав како General Affairs, па постепено мојата улога од грижа и менаџмент за канцеларијата во Скопје премина во грижа и развој на тимот, односно на вработените и компанијата. Сега работам постојано на подобрување и пронаоѓање на нови начини за мотивација на вработените.
Навистина ми е важно вработените да бидат мотивирани во работењето, но притоа и да се забавуваат! Пред коронавирусот имавме тематски дружења во канцеларија и супер тим билдинзи, но за жал сега тоа е одложено сè додека условите не го дозволат тоа. Сепак, тоа не нè спречува во организирање разни активности што можат да се прават од дома, како онлајн дружби и тренинзи.
Кое е вашето најголемо HR достигнување?
Моето најголемо достигнување е Singular. Како што кажав и претходно, во Singular сум уште од првиот ден. Успеав да изградам нешто од почеток што и седум години подоцна е успешно и сè уште напредува. Започнавме како тим од шестмина, а денес тој тим брои над 50 луѓе во Скопје, и 150+ на ниво на цела компанија.
Навистина сум горда што тимот на Singular креира софтвер кој секоја година освојува различни признанија и награди на светско ниво во iGaming индустријата. Нашиот тим во Скопје има можност директно да работи на развојот на овие продукти од креаирање на идејата до реализација.
Токму со растењето на моите одговорности во Singular, растев и јас како личност. Всушност, може слободно да се каже дека Singular ме направи да сум тоа што сум денес.
Што би им порачале на сите кои размислуваат за кариера во HR?
Пред сè, да бидат трпеливи, упорни и желни за сопствениот раст и развој, но и за тој на вработените и компанијата. Јас во Singular секогаш чувствувам дека тука припаѓам, а според мене тоа е клучно за која било позиција – да имате позитивен став и да сакате да одите на работа во таа околина. Токму тогаш може да станете тоа што ќе посакате. Доколку го имате тоа чувство на припадност и грижата за вработените и компанијата ви е на прво место, тогаш сте на правиот пат да станете HR менаџер.
Елена Инадеска-Аврамовска за порталот 24HR:
„Порталот 24HR е перфектна комбинација од HR искуства и инспиративни приказни каде што секој може да дознае нешто повеќе за тоа што значи да си вработен во HR, како и да биде во тек со различните пристапи кои може да се заземат во оваа област.
Навистина ми е мило што ја имав оваа прилика да разговарам со тимот на 24HR. Искрено се надевам дека моето искуство и став на оваа тема ќе ја разбуди желбата кај потенцијалните HR менаџери да работат на најдобрата верзија од себеси и да им помогнат и на своите тимови во истото.“
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.