Секое среќно реализирано вработување на иден колега го доживувам како успех

од 24HR

Интервју за љубовта кон човечките ресурси со Биљана Талевска, Специјалист за човекови ресурси и регрутација во „Аксапта Мастерс“.

Биљана Талевска е Специјалист за човекови ресурси и регрутација во „Аксапта Мастерс“, Microsoft Gold Partner и една од водечките ИТ компании во земјава. Слободното време сака да го поминува во одмор и „дружба со себеси“ бидејќи смета дека тоа е неминовен елемент на среќното живеење и успешно функционирање во концептот кој е замислен како модерно општество. Сака природа, фотографија и филм, а ни откри и дека честопати знае да ја поттикне својата креативност и да наслика нешто.

Биљана е човек што верува во разноликоста на секое ниво на егзистирањето, особено на професилнално поле. Таа смета дека секој треба да работи на препознавање, негување и развивање на сопствените потенцијали без оглед колку тие понекогаш изгледаат спротивставено, затоа што од инстанца на нашето идно јас, може да создадат единственост, нов квалитет и професија во светот.

Како се вљубивте во HR-от како професија?

Мојата љубов кон HR како професија се роди можеби децении порано, кога уште не бев свесна за нејзиното постоење, но препознавајќи ги можностите во блиската, тогаш едукативна средина, и следејќи ги како сигнали што треба да ги прифатам во тој момент, особено преку подвизите во хуманитарни организации, затоа што работата со луѓе и можностите за помагање на другите беше тоа што сакав да го правам и пред сопственото професионалното ориентирање.

Од каде почнавте и како изгледа вашата кариерна патека?

Студиите на Институтот за психологија дефинитивно се темелот на мојата денешна професија, која понатаму помина низ повеќе призми и насоки, од кои едно беше искуството на Клиниката за Психијатрија. Таму усовршив психодијагностика и процес на личносно профилирање, работејќи секојдневно во тим со врвни професионалци, што, пак, ми помогна подоцна да прифатам еден интересен предизвик и уште пред кај нас да биде актуелна работата со клиенти на далечина / онлајн. Зборувам за искуството како „Тренер за животни искуства и самотерапија” преку веб-страници, што нудеа психолошка поддршка на клиенти на подрачјето на САД. Но, реалноста во нашиот регион, особено пред десеттина години беше малку поригидна во однос на имплементација на применетата психологија во секојдневното функционирање или пак, во бизнис-светот, па моите кариерни чекори беа по малку зачинети со љубопитност и експериментирање во професионалното оформување. Така, ги конкретизирав сопствената афирмативност, љубовта кон пишаниот збор и литературните претходници, со комуникациските и презентациски вештини и претходни обуки во едно прекрасно новинарско искуство и работа со медиуми, каде што видов дека психологијата како наука и тоа како е применлива!

Како човек што постојано ги следи промените што се наметнуваат како неминовен предизвик, со експанзијата и развојот на ИТ-индустријата во регионот, се препознав како профил што одлично би се вклопил во професијата регрутер и со голема радост ги прифатив можностите за развој што таа ги нуди. Најпрво работев како регрутер за ИТ-профили во самостојна агенција за регрутација, а потоа веќе како дел од „Аксапта Мастерс“, компанија специјализирана за работа со ЕРП-решенија за големи светски индустрии, конкретно за работа со Microsoft Dynamics 365 – решението. Менаџерскиот тим ми ја даде довербата во целосниот придонес во поставување на процесите за селекција и регрутација, кои се темелат на следење на светските трендови во ИТ-компаниите и веќе утврдените практики и принципи на психологијата и психодијагностиката, со што заеднички и во континуитет работиме на градење на тим кој во секое време може да одговори на предизвиците во светот на бизнисот, конкретно големите светски индустрии корисници на платформата на Microsoft за големи решенија. Истовремено, едно од најголемите задоволства во текот на работењето ми претставуваат обуките за лични вештини кои ги спроведуваме на интерно ниво втора година по ред, како една од основните алатки во работата со млади луѓе и нивната професионална систематизација.

Кое е вашето најголемо HR достигнување?

Како достигнување го сметам секое среќно реализирано вработување на иден колега во кого сум препознала способност за остварување на неговите / нејзините потенцијали преку градење на заедничката визија за „Аксапта Мастерс, компанија која успешно функционира благодарение на политиката на препознавање и посветување особено внимание на човечкиот фактор и личните капацитети.

Што би им порачала Биљана на идните HR професионалци?

На идните HR-професионалци би им препорачала да веруваат во своите потенцијали и во уникатноста на сопственото постоење, да не заборават на основните принципи врз кои се темели нашата професија, ако воошто можам да унифицирам дека секторот за Човекови Ресурси опфаќа една професија, што е друга и поширока тема за дискусија, каде би направиле разлика не само помеѓу квалитетот на едукација во кадарот, туку и во неговата различност и потребата за дистинкција. Во секој случај, професионалците од овој сектор не треба да заборават дека истиот постои да биде во функција на добродетелство на секое ниво, без оглед во кое поле на индустрија ќе се насочат и со каков тип на професионалци ќе имаат можност да работат. Секако, образованието и едукацијата на секојдневно ниво и постојаната работа на себе се основните алатки потребни за сигурното чекорење кон сопствените успеси.

Биљана Талевска за порталот 24HR:

24HR порталот го читам со посебна љубопитност, особено затоа што наидувам на разноликост на профили и искуства матично произлезени од нашето поднебје и култура, што сметам дека е есенцијано потребно за колективно, заедничко препознавање на недостатоците во професијата и нивно подобрување преку воспоставување на универзални позитивни практики.

0 коментар
2

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...