Убаво е чувството да се работи со луѓето и за луѓето

од 24HR

24HR продолжува со серијалот интервјуа со најуспешните HR професионалци во земјава. Овојпат, во рубриката „Љубов кон HR“ имавме чест да разговараме со Стефан Јовановски, Раководител на човечки ресурси во А1 Македонија.

Стефан Јовановски е родител на Стефан и Зое и сопруг на Магда. Најчесто функционира на релација работа – дома, а во слободно време ужива во дружење со луѓе, хортикултура и културата на конзумација на виното. Станува рано, си легнува рано, сака да учи нови работи и со задоволство прифаќа нови предизвици. Ни откри и дека преферира контакт со луѓе кои го инспирираат.

На професионален план, Стефан Јовановски е Раководител на човечки ресурси во А1 Македонија каде, како што вели тој, има привилегија да работи со најдобриот HR тим во државата. Дополнително, учествувал во основањето на Македонската асоцијација за човечки ресурси и во многу нејзини иницијативи, а во 2016 е прогласен за HR Менаџер на годината – престижно признание кое секоја година го доделува истоимената асоцијација.

Но, за да се успее во било што во животот неопходно е да постои љубов кон тоа што се работи, па така започна и нашиот разговор со Стефан Јовановски.

Како се роди љубовта помеѓу Стефан и човечките ресурси?

Па, да ви кажам право, тоа не беше љубов на прв поглед. Мислам дека долго време се борев со економистот во себе и премногу “екселовски” гледав на луѓето и процесите околу мене. Имав среќа да бидам менториран и да работам со најдобрите луѓе од HR професијата во времето кога почнував да се оформувам како професионалец. Голем дел од моите тогашни колеги денес се носители на одговорни функции во домашни и европски компании и понекогаш со дел од нив се сеќаваме на заедничките почетоци.

Од каде почнавте и како изгледаше вашата кариерна патека?

По завршување на факултетот работев 4 години како волонтер во една невладина организација. Таму ги стекнав и првите работни искуства и совладав доста деловни процеси и навики кои не беа вградени во тогашните образовни процеси. После тоа работев 4 години во Финансискиот оддел на една компанија за логистичка поддршка.

Влегов во HR професијата сосема случајно, како дел од процес на регрутација за еден нов Телеком оператор што се појави на Македонскиот пазар далечната 2002. Бев задолжен за плати и бенефиции на првите вработени и со текот на времето добивав нови одговорности. Во тој период имав привилегија да посетувам многу квалитетни обуки од етаблирани консултанти и на разни теми од HR професијата. Како што растеше моето искуство и знаење од професијата, така добивав сè поодговорни функции.

Врвот на кариерата го достигнав во периодот 2013 – 2015 како Директор на сектор за администрација, кој освен HR опфаќаше и уште неколку административни функции.

Стефан Јовановски – Раководител на човечки ресурси во А1 Македонија

Денес работам како Раководител на човечки ресурси во А1 Македонија. Во последниве година дена, како резултат на интензивирање на активностите, бројот на прегледите на нашите огласи е поголем за 39% споредено со истиот период минатата година, а просечниот број на апликации се зголеми за повеќе од 50%. Нашиот LinkedIn канал го следат скоро 100% повеќе корисници споредено со истиот период минатата година. Со нашите HR активности успеавме да се наметнеме на пазарот на трудот како еден од најпосакуваните работодавачи, а нашите иницијативи и практики се пример и инспирација за многу компании.

Учествував во основањето на HR асоцијацијата и во многу нејзини иницијативи. Во еден момент бев избран и за HR менаџер на годината. Деновиве наоѓам голема сатисфакција и предизвик во споделување на знаење и менторирање на млади HR професионалци.

Кое е вашето најголемо HR достигнување?

Мислам дека најголемото HR достигнување ми беше привилегијата и предизвикот да бидам активен учесник во 2 најголеми процеси на спојување/аквизиции на компании во телекомуникацискиот сектор на Македонскиот пазар, во 2009 и 2015. Ретко HR искуство но и процес исполнет со стравови, отпор и лутина за да на крајот резултира со креирање на нова корпоративна култура, зголемување на пазарното учество, пристап до нови технологии и подобро опслужување на корисниците. Напорно и емотивно искуство, но би го издвоил како исклучителен и најспецифичен предизвик со кој би се соочил секој HR професионалец.

Што би им порачале на сите кои размислуваат за кариера во HR?

Би сакал да им порачам дека никогаш нема да им биде здодевно затоа што секој ден е различен и посебен. Предизвиците доаѓаат од целата организација, но и од опкружувањето. Новото време носи една фантастична динамика и налага до секој од нас да учиме, да применуваме нови начини на работа и постојано да ги преиспитуваме довчерашните практики. Убаво е чувството да се работи со луѓето и за луѓето, убаво е да се учествува во создавање на кариера, нови компетенции, подобра и поефикасна организација, поубава работна средина. Секако, крајниот успех во кариерата е лимитиран и од капацитетот на тимот со кој соработувате, а тука јас сум привилегиран да работам со најдобриот HR тим во државата.

Стефан Јовановски за порталот 24HR:

„Во еден момент порталот ми се појави во фокусот и оттогаш не престанав да го читам. 😊

Ги подржувам сите иницијативи кои се во насока на подигање на квалитетот на HR професијата кај нас и кои во исто време служат како платформи за споделување на алатки и практики помеѓу компаниите. На самиот портал има информации за секој сегмент од нашето HR секојдневие, практики од интернационални компании и идни трендови во професијата. Се што можете да посакате!

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...