Фидбек

од 24HR

Пишува Елена Огненовска – специјалист за човечки ресурси

На работното место, повеќето луѓе со своите супервизори и колеги комуницираат лице в лице, така што можноста за обезбедување релевантни повратни информации може да помогне во развојот на ефективни деловни односи и продуктивност на бизнисот.

Повратните информации не само што ја подобруваат комуникацијата, туку и водат до поефикасна менаџерска и организациска работа. И покрај тоа што честопати сме исплашени да примиме повратни информации или дури и да дадеме една, мора да разбереме дека ако сакаме да се развиваме, повратните информации се најдоброто нешто што можеме да го добиеме од нашите колеги и супервизори.

Понекогаш, лицето што ја дава повратната информација може од страна на примателот да биде сфатено на некој начин супериорно па затоа примателот станува дефанзивен. И ова, според мене, е погрешно. Не можеме да очекуваме да станеме подобри или професионално да пораснеме ако не сме во состојба да прифатиме повратна информација за нашата работа. Напротив, понекогаш дури и треба да побараме некоја повратна информација ако сметаме дека ни е потребна.

Фидбекот ќе ни помогне да изградиме доверба и да научиме од сопствените грешки

На пример, ако од вашиот претпоставен ви беше побарано да направите презентација и откако ќе заврши презентацијата, не добиете повратна информација, ќе претпоставите дека сè е добро, бидејќи вашиот претпоставен не кажал ништо. Но, дали претпоставуваме доволно добро за да се движиме напред? Што ако вашиот претпоставен има забелешки за тоа што е добро, а што е лошо во презентацијата? Како некогаш ќе знаете што е тоа што треба да го подобрите или да продолжите да го правите?

Овие и многу други прашања треба да си ги поставуваме секој пат кога не добиваме фидбек за нашата работа. Во нормални услови, нашиот претпоставен треба сам да дојде и да даде одговори на сите овие прашања бидејќи фидбекот е многу важен дел од сетот на вештини на кој било лидер, но дури и ако тој не го стори тоа, нема ништо лошо во тоа ако самите одиме кај него и побараме повратна информација. Потребна ни е повратна информација без разлика дали е позитивна или конструктивна (негативна).

Позитивен фидбек

Позитивните повратни информации се една од алатките што го зајакнуваат позитивното однесување на работното место. Честопати менаџерите и колегите знаат не знаат да дадат позитивен фидбек едни на други или истиот го сметаат за напотребен. Почесто зборуваме за тоа што не е направено доволно добро, отколку за тоа што е направено добро.

Позитивниот фидбек мора да биде специфициран и да влијае на идните задачи. Како во примерот погоре, ако знаеме што е тоа што било добро во презентацијата, истото ќе продолжиме да го правиме и во иднина. Многумина од нас, не само на работното место, туку и во животот, сакаат да се чувствуваат ценето. Значи, кога добиваме позитивен фидбек се чувствуваме ценети и поврзани со тимот и знаеме дека нашиот труд бил забележан. И што е најважно, позитивниот фидбек е, исто така, доста мотивирачки.

Негативен (конструктивен) фидбек

Негативните или конструктивни повратни информации се фокусираат на бихејвиоралните промени кои се деструктивни или на резултатите од перформансите кои не се добри, ниту задоволителни. Поголемиот дел од времето кога добиваме негативни повратни информации се чувствуваме лошо и стануваме дефанзивни и вознемирени. Но, едно нешто што треба да знаеме е дека негативните повратни информации се одлична можност за нас да учиме и да се подобриме.

Ако сме подготвени да прифатиме негативен фидбек, да работиме на него и да се подобриме, ќе бидеме многу повеќе ценети и почитувани на работното место. Тоа покажува дека сме зрели луѓе.

Доколку нашиот менаџер или колега ни даде негативен фидбек, тоа значи дека тие се грижат за нашиот успех и раст во компанијата, затоа што во спротивно, ќе ни дозволат да продолжиме да ги правиме истите грешки. Сепак, ние често не го гледаме тоа на овој начин, особено во моментот кога ни се даваат негативни повратни информации. Честопати, тоа го разбираме како личен напад, поради што може да се појави лутина, негирање и вина. Ова, во никој случај, не води до резултатите што сакаме да се постигнат со таа конструктивна критика.

Затоа, мојот совет е да бидете благодарни следниот пат кога ќе добиете позитивен или негативен фидбек затоа што тоа е само уште еден чекор напред кон вашиот личен раст.

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...