5 прашања за Ковид-19 кои кандидатите ќе ви ги постават на интервју

од 24HR

Интервјуто за работа не е еднонасочна улица. Покрај регрутерите, прашања може да постават и кандидатите, а со помош на добиениот одговор ќе се обидат да ја креираат првичната слика за нивниот потенцијален работодавач. Едно од тие прашања несомнено може да се однесува и на Ковид-19.

Во време кога Ковид-19 непрекинато се шири насекаде во светот, HR-от е одговорен за заштита на вработените, поставување на политики, правна усогласеност и одржување на мотивирани, ангажирани и продуктивни вработени.

За вработените и лицата кои бараат работа, личното здравје и натаму е приоритет. При изборот на работодавач, тие преферираат компании кои ќе ја имаат предвид нивната лична безбедност, сигурноста на работното место и стабилноста на приходите.

Токму затоа, регрутерите треба да бидат отворени за прашања поврзани со начинот на кој компанијата се справува со Ковид-19. За да ви помогнеме подобро да се подготвите за интервјуто и да не оставите ништо на случајноста, издвоивме неколку прашања кои може да ги очекувате од кандидатите, а се поврзани со Ковид-19.

Какви безбедносни мерки презеде вашата компанија за да ги заштити вработените од Ковид-19?

Ова е најчестото прашање кое ќе го добивате од кандидатите во врска со Ковид-19. Важно е да знаете дека кандидатите преферираат да работат во општествено одговорни компании кои во вакви вонредни ситуации ги ставаат луѓето пред профитот.

Ако вашата компанија била опфатена со забрана за работа поради мерките за спречување на ширењето на Ковид-19, бидете сигурни дека ќе го искомуницирате тоа со кандидатите. Покрај тоа, кажете им како сте успеале да се адаптирате на новонастанатата ситуација и дали сте подготвени за некои слични сценарија во иднина.

Кандидатите сакаат да знаат и кои мерки сте ги презеле како работодавач со цел да го заштитите здравјето на вработените и нивното потенцијално изложување на коронавирусот.

Од набавка на заштитна опрема и средства за хигиена до реорганизација на начинот на работа, бидете сигурни дека ќе ги искомуницирате сите чекори кои вие како компанија сте ги презеле за да го заштитите здравјето на вашите вработени.

Дали ќе имам опција да работам од дома доколку ситуацијата со коронавирусот се влоши?

Во случај на влошување на ситуацијата и повторно воведување на забрана за движење, кандидатите сакаат да знаат дали вашата компанија е отворена за работа од дома.

Доколку вашата компанија веќе има искуство со работа на далечина, можете да им објасните на кандидатите како изгледа целиот тој процес на адаптација и како се одвиваат секојдневните работни процеси кога вработените не се наоѓаат во иста канцеларија.

Дали отпуштивте вработени поради пандемијата? Ако одговорот е да, дали им помогнавте да пронајдат нова работа?

Начинот на кој компаниите постапија со своите вработени во изминатите три месеци ќе има долготраен ефект врз нивниот бренд на работодавач. Од таа причина, кандидатите ќе сакаат да знаат дали во вашата компанија имало отпуштања поради пандемијата. Дури и вешто да го избегнете одговорот на ова прашање, кандидатите можат многу лесно да стигнат до оваа информација.

Поддршката на највредниот ресурс на компанијата – нејзините луѓе – во случај на отпуштање е голема одговорност. Поддршката која ќе им ја пружите на вработените кои ќе останат без работа зборува многу за културата на компанијата, како и за нејзините вистински вредности.

Што ќе се случи доколку се заразам со Ковид-19 или ако треба да бидам во карантин?

Како нов вработен, секој ќе сака да знае каква е процедурата во вашата компанија доколку некој вработен се зарази со Ковид-19, развие симптоми или мора да се грижи за член на своето семејство кој е заразен со Ковид-19.

Како ги поддржувате вашите нововработени кои работат од дома?

Вие како HR одделение треба да имате план за поддршка на менталното здравје и благосостојбата на вработените кои работат од дома. Како ќе изгледа процесот на воведување во работата? Како новиот вработен ќе се запознае со своите колеги? Каков е вашиот план за поттикнување на тимска работа? Сите овие прашања може да ги очекувате од љубопитните кандидати кои ќе сакаат да знаат како ќе изгледаат првите неколку месеци од нивното работење во вашата компанија.

 

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...