Како ќе изгледа пазарот на трудот во 2021 година? Дали ќе се вратиме во нормала или остануваме во неизвесност? Прочитајте кои се 7-те работи кои ќе го променат барањето работа во 2021 година.
Пандемијата на Ковид-19 влијаеше на секој аспект од нашите животи, вклучително и начинот на кој работиме и бараме работа. Со појавата на вакцините почнуваме да го гледаме светлото на крајот од тунелот, но се чини дека во првите неколку месеци од 2021 година и натаму ќе преовладува одредено ниво на неизвесност, со оглед на тоа што некое време ќе ги чувствуваме бранувачките ефекти на 2020 година.
Ако сте еден од многуте луѓе кои во моментов бараат работа или планираат наскоро да ја започнат потрагата по своето ново работно место, еве што треба да знаете за пронаоѓањето на работа во 2021 година според порталот The Muse.
Историските трендови за вработување веројатно нема да важат
Во изминатите години, вообичаено гледавме пикови на почетокот на новата година и повторно на есен, додека за време на летото и годишните одмори работите се одвиваа побавно. Но, можеби тоа нема да биде случај во 2021 година.
„Веројатно нема да можеме да се потпреме на претходните модели за вработување“, вели Шарлет Бисли, аналитичар за работно место во Fit Small Business, компанија за дигитални услуги за сопственици на мали бизниси. „Некои индустрии кои не се толку погодени од пандемијата, сè уште може да доживеат слични трендови за вработување како и претходните години, но на почетокот на годината ќе видиме трендови на опаѓање во индустриите кои не успеаја да се прилагодат на рестрикциите поврзани со Ковид-19“.
Од друга страна, Бисли е оптимистична за вториот и третиот квартал во новата година бидејќи верува дека масовната достапност на вакцината ќе ги укине ограничувањата за патување, одење на вечера и дружење.
Клучните индустрии ќе бидат во подем
„Трендовите за вработување најверојатно ќе се разликуваат во зависност од индустријата и големината на компанијата“, смета Неепа Парих, менаџер за кариерни услуги во Springboard. Според неа, поголемите компании кои имаат доволен обрт и индустриите во подем, како што се технологијата и здравството, може да забележат пораст на вработувањето на почетокот на годината, додека помалите бизниси и оние во силно погодените индустрии од пандемијата, како што се угостителството и туризмот, може да почекаат за нови вработувања до лето.
Ова значи дека 2021 може да биде година во која ќе излезете од зоната на комфор во вашата индустрија или ќе направите чекор напред во кариерата – особено ако сакате да ги зголемите шансите да пронајдете нова работа или ако веќе размислувате за кариерна промена.
Експертите велат дека ова се индустриите каде што ќе имате најголеми шанси за вработување: технолошка индустрија, здравство и здравствена технологија, финтек, е-трговија, кориснички услуги и обновлива енергија.
Привремената работа, фриленсингот и хонорарната работа ќе бележат раст
Во време на несигурна економија, компаниите честопати се потпираат на привремени вработени и професионалци кои се ангажирани исклучиво на проекти. Во следниот период, голем број компании ќе бидат претпазливи во врска со новите вработувања, но во исто време ќе мора да внимаваат да не останат без вработени од кого зависи извршувањето на работата. Сето ова значи дека ќе видиме повеќе огласи за работни места кои спаѓаат во категориите привремени, хонорарни или фринелс ангажмани.
Привремената работа има свои добри и лоши страни. Од една страна, таа може да биде обесхрабрувачка ако еднствените работни места кои што можете да ги најдете не гарантираат ангажман после извесен период или, уште полошо, ако не нудат здравствено осигурување (особено клучна придобивка во овие денови). Но, од друга страна, постои можност привремената работа да се претвори во нешто постојано во иднина. Плус, хонорарното работење може да биде одличен начин за учење на нови вештини, стекнување на искуство и влегување во нова индустрија.
Работата од дома ќе остане актуелна
Пандемијата го промени начинот на кој многу работодавци размислуваат за работата од дома и тешко е за очекување дека бројот на луѓе кои работат во канцеларија за брзо време ќе се врати на нивото пред 2020 година. Но, тоа не значи дека воопшто нема да се вратиме во нашите канцеларии.
Најверојатно, некои компании ќе прифатат далечинска работа во нивните следни поглавја, други ќе сакаат да ги видат вработените назад во канцеларија, а трети ќе бидат повеќе за хибриден и флексибилен модел на работа. Во меѓувреме, многу организации ќе продолжат да ги спроведуваат своите процеси за вработување од далечина, без оглед на тоа каков став ќе заземат за далечинската работа на долг рок.
Диверзитетот, еднаквоста и инклузијата ќе добијат поголема важност
Една голема светла точка на пазарот на трудот во 2021 година ќе биде трендот кон диверзитет, еднаквоста и инклузијата на работното место. Бисли, која е и автор на извештајот за трендовите на вработување кои ќе влијаат на жените и малцинските групи во 2021 година, предвидува нагорен тренд во практиките за регрутирање и вработување во однос на диверзитетот, еднаквоста и инклузијата на секое ниво во организациите.
Регрутацијата ќе го продолжи трендот на автоматизација
Тимовите за регрутација сè повеќе се ориентираат кон автоматски системи кои им овозможуваат полесно да управуваат со приливот на апликации. Тоа значи повеќе системи за следење на апликации и чет-ботови кои ќе може да одговорат на најчесто поставуваните прашања на кандидатите, да поставуваат основни прашања за скрининг, па дури и да закажуваат интервјуа.
Кандидатите, исто така, може да очекуваат да видат поголема автоматизација во процесот на интервју. „Компаниите сè повеќе користат претходно снимени интервјуа за да ги проверат кандидатите, а некои дури и развиваат вештачка интелигенција за да ги прегледаат тие интервјуа, да регистрираат клучни зборови и да ги следат изразите на лицето. Тоа ниво на технологија е сè уште во фаза на развој, но дефинитивно доаѓа“, вели Тод Бавол, извршен директор на Integrity Staffing Solutions.
Некои од овие нови технологии можат да скенираат и мотивациски писма, па дури и разговори преку чет за да пронајдат клучни зборови кои ќе ги користат за да утврдат дали кандидатот одговара за позицијата на која се пријавил. Што значи дека прилагодувањето на материјалите за барање работа на самите работни места ќе биде поважно од кога било.
Поголема конкуренција
Со невработеноста и подемот на работата од дома, некогаш плиткиот базен со апликанти сега се продлабочи. Ова значи дека во моментов повеќе луѓе аплицираат за едно работно место од претходно. Исто така, тоа значи дека на кандидатите ќе им биде потребен подолг временски период за да пронајдат работа.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.