Младите не се мрзливи – туку не сакаат да бидат искористени

од 24HR

Колумна на Трајанка Кимова-Специјалист за човечки ресурси

Колку пати сте слушнале: „Младите денес не сакаат да работат“?

Оваа реченица се повторува речиси како навика, но вистинското прашање не е дали младите сакаат да работат – туку дали сакаат да бидат третирани фер.

Во ера на постојан развој, достапност на информации и отворени граници, младите луѓе не бегаат од работа – бегаат од работни места каде што нема почит, нема перспектива и каде што се очекува да дадат сè, а да добијат ништо.

Што навистина сакаат младите?

Младите генерации не бараат бесплатни ручеци и лежерни работни денови. Бараат:

јасни услови на работа,поддршка од претпоставените,простор за раст и најважно – вреднување на нивниот труд, знаење и време.

Во многу компании сè уште постои старата логика: „И ние сме работеле по 10 часа за минималец – и тие нека се помачат“. Но тоа не е менталитет на развој – тоа е менталитет на стагнација.

Искористување ≠ посветеност

Младите не се мрзливи. Тие се посветени кога имаат смисла зошто нешто го прават, кога чувствуваат дека се дел од нешто поголемо и кога нивниот труд е препознаен. Но кога се третираат како заменлива алатка, логично е да изберат друг пат.

Да ги осудуваме младите дека „не сакаат да работат“, е најлесниот изговор. Потешко е да се прашаме:

Дали им нудиме соодветни услови?

Дали ги слушаме и ги вклучуваме во донесување одлуки?Дали ги мотивираме или ги уценуваме со плата и страв?

Време е да го промениме размислувањето

Ако сакаме здрава економија, иновативни компании и вистински раст, мора да престанеме да ја демонизираме младината. Наместо тоа, да почнеме: да инвестираме во нивна едукација и менторство,да градиме култура на доверба и почит и да разбереме дека повеќе не живееме во време кога „трпението е злато“, туку кога трпението завршува онаму каде што завршува и достоинството.

Младите не се мрзливи. Тие се храбри, способни и свесни – и токму затоа не сакаат да бидат искористени.

А токму тие се нашата иднина.

Автор:

Трајанка Кимова

Специјалист за човечки ресурси

Професионално усовршување во HR Академија – Creative Hub

anakimova9@gmail.com

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...