Започнуваме со рубриката „Љубов кон HR“ која ќе опфати серија интервјуа со најголемите имиња од HR индустријата кои ќе ни ги откријат причините и мотивите за нивната љубов кон луѓето. Серијалот го отвораме со Билјана Чкламовска, одговорна за човечки ресурси и менаџер за правна усогласеност и етичко однесување во Novomatic AG.
Која е Билјана Чкламовска?
Legal/HR/ Compliance Manager, одговорна за човечките ресурси на три компании на австриската интернационална компанија Novomatic AG во Македонија (ХТЛ Македонија, Мастербет и МА Гаминг) и Менаџер за правна усогласеност и етичко однесување за Новоматик компаниите во Македонија. Во Новоматик работам од 2010 година, речиси од самиот влез на Новоматик во Македонија.
Хонорарно предавам „Правни аспекти на човечките ресурси” на Академијата за човечки ресурси Clear View.
Моето работно искуство е шаренолико. Почнав да работам како приватен претприемач и водев своја фирма 6 години, потоа работев во јавна администрација 10 години, на разни позиции во АВРМ. Во тој период, 8 години, истовремено бев Претседател на Синдикатот на АВРМ, и основач и претседател на САДУ (Синдикатот на администрација и државна управа). Сега волонтерски работам како надворешен синдикален правен советник и член на мрежата на правници NETLEX, формирана од ITUC (International Trade Union Confederation).
Од сите овие претходни искуства преку многубројни обуки, се стекнав со компетенции за успешно управување со луѓе.
Што е тоа што ве натера да се вљубите во HR како професија?
По вокација сум Дипломиран правник. Правото е разновиден и широк спектар од прописи и правила од разни области и јас од почетокот не знаев во кој правец да се насочам и остручам, единствено знаев дека не сакам да бидам адвокат. Моето вработување во АВРМ, и изборот за Претседател на синдикатот, некако спонтано ме определи кон проучување на пакетот закони поврзани со работното право.
2010 беше мојата година со големо „Г”, година на пресврт. Мојата одлука, да напуштам „сигурна работа на државни јасли” во АВРМ и да започнам да работам за новооснована компанија – ХТЛ Македонија, македонската подружница на Новоматик, беше заснована на предизвикот – стартап компанија. Ми беше понудено активно да учествувам во поставување на нејзините „темели”,што значеше креирање на политики и стратегии за остварување на целите на организацијата, да креирам комплетна правна документација и можност да создаваме и да отвараме нови работни места. Истовремено со понудата бев предупредена, дека ако не покажеме резултати, Австријците ќе го повлечат вложениот капитал. Сепак го прифатив ризикот и вредеше.
Истата година почнав да го предавам модулот „Правни аспекти на ЧР” на Академијата за човечки ресурси. Сето тоа заедно беше прекрасен спој на мојата професија и компетенции со моите лични афинитети и карактерни особини.
Иако сум правник и работам и општи правни работи, работните обврски од областа на човечки ресурси ми станаа поинтересни, и уште повеќе од тоа, работата ми стана љубов.
Како изгледа еден ваш вообичаен работен ден во Новоматик?
Претходно споменав дека освен човечки ресурси, работам и на правни работи и на правна усогласеност (compliance), така што работниот ден ми проаѓа за миг, но кога го работиш тоа што го сакаш, уживаш нели?
Работата со човечки ресурси ме исполнува најмногу, работа со луѓе никогаш не е еднолична, секој ден се случува нешто ново и различно. Во овие 10 години не сум имала ниту еден ден еднаков на претходниот, особено затоа што почнавме од нула, а денес македонското Новоматик семејство брои 1700 вработени.
Во почетокот правев се сама: регрутација, селекција, обуки, административна логистика, интерни акти… сега секоја оперативна компанија има свој посебен сектор за човечки ресурси, така што јас сега сум фокусирана на стратегиски ЧР менаџмент, на обуки и развој и мотивација на вработените, односно на спроведување на политиките на матичната компанија Новоматик АГ од Австрија.
Новоматик АГ е мултинационална компанија со свои подружници во 50 држави на сите континенти, освен Австралија, и со овеќе од 30.000 вработени, таа е европски лидер со препознатлив бренд во областа игри на среќа, а својот брз раст го има постигнато за само 40 години од своето основање од 1980 година, благодарение на тоа што има воспоставено корпоративна култура на највисоко ниво и што посветено се залага за општествено одговорно работење. Општествената одговорност на Новоматик подразбира строго почитување на законите на државите во кои делува, на внатрешните прописи и правила, фер односи спрема конкуренцијата, грижа за клиентите, заштита на животната средина, а на прво место се нејзините вработени.
Тие политики се спроведуваат адекватно и кај нас, а мојата вклученост во тие процеси е директна. Една од моите обврски е спроведување на Програма за одговорно коцкање, на која нашата компанија е особено горда затоа што е прва во својата дејност која почнала да ја спроведува со цел заштита на играчите на игри на среќа од патолошка зависност од коцкање. Во оваа програма е вклучено информирање на клиентите, обука на вработените, бесплатна психолошка помош и поддршка од стручно лице и бесплатна линија за помош.
Бесплатната линија за помош (на која одговарам јас) е наменета освен за клиентите, и за секој еден вработен во нашата компанија кој сака да пријави било каква неправилност, со тоа што и анонимните пријави се земаат во обзир. Укажувачите на неправилности се заштитени од виктимизација, а кршење на работнички права и мобинг се забранети зборови.
Внимание над целосната усогласеност на нашето работење и нашите акти со законската регулатива и со интерните правила на етичко однесување регулирани во Кодекс, е моја должност, бидејќи сум одговорна пред Новоматик за сите 4 наши компании.
Сето ова значи постојано следење на релевантните закони и законските измени, на политичката ситуација во државата, следење на флуктуацијата на вработените, константно мерење на нивната ефикасност, ефективност и задоволство, излезни интервјуа, секојдневни разговори на линијата за помош и непосредно, и на крајот поднесување на редовни извештаи за сето тоа во Секторот за ЧР, Секторот за усогласеност и Секторот за општествена одговорност на Новоматик.
Вашата индустрија важи за една од најпогодените од пандемијата на Ковид-19. Какви чекори презеде Новоматик за да ги намали ефектите од кризата?
За жал така е. Нашите подружници беа целосно затворени со Одлука од Владата уште од 15ти март и таа ситуација сеуште трае.
Не бевме затекнати со појавата на коронавирусот, затоа што од матичната куќа во Австрија, добивме препораки со мерки за заштита уште од почетокот на февруари 2020, кога овде сеуште мислевме дека тоа е некоја болест таму далеку од нас. Од таму ни беше препорачано да формираме кризен штаб во кој освен менаџментот, мораше да има по еден човек од финансискиот сектор и од секторот за правни работи и човечки ресурси. Објектите за игри на среќа ги затворивме, а за луѓето од администрација создадовме услови за работа од дома.
Секторот за техничка поддршка продолжи да работи со полна пареа во текот на целиот период, бидејќи спроведовме акција за целосна дезинфекција на сите наши подружници (Автомат клубовите Адмирал и Астра) и детално чистење и дезинфицирање на секој еден наш автомат.
Сите мерки што беа преземени и кои ќе бидат преземени, првенствено се спроведуваат со фокус на одржливост и се засноваат на фактот дека после кризата, ќе дојде време кога ќе се обидеме да иницираме успешно рестартирање, заедно со нашите вработени.
Што значеше тоа за вработените и нивните работни места?
Бидејќи со Уредба ни е забранета работата постоеја неколку опции: да го употребиме механизмот „vis major” и со одлука да им исплаќаме на сите вработени 50% од основицата, или сите на сите вработени што се на определено време да им го откажеме договорот на определено време и да и ги упатиме на паричен надомест во АВРМ. Сепак, веќе долго време посветено работиме градејќи се како општествено одговорна компанија, почитувајќи ги особено законските и човековите права на нашите вработени, така што ги отфрливме овие две опции како несигурни за нив, свесни што значи кризата за секое семејство. Кризниот штаб направи пресметка на финансиските резерви и одлучивме да им обезбедиме сигурност на нашите вработени и да ги задржиме сите 1.700 вработени во Групацијата НОВОМАТИК (Адмирал, Астра и Казино Фламинго Хотел), да не отпуштиме ниту еден вработен на ниво на цела групација во нашата земја, без оглед дали се работи за вработени на определено или на неопределено време. Морам да истакнам дека дури и оние што сами дадоа изјава за отказ, пред да се случи вонредната состојба, беа задржани на работа доколку тоа го бараа. Проценивме дека желбата за зачувување на колективното здравје и доброто на нашите вработени е поголема од неопходноста за профит и намалување на месечните буџети. Сите овие месеци нашите вработени примаат целосна основна плата без никакви задршки иако седат дома и не работат.
Во декември 2019 година добивме престижна награда за Унапредување на човековите права во бизнисот, од ЕУ Проектот за промоција на општествено одговорни бизниси и мислам дека со ваквиот кризен менаџмент таа награда во потполност ја оправдавме.
Во исто време, ги завршивме подготовките за рестартирање во рамките на нашата групација. Нашите оперативни подружници се подготвени, повторно да ги отворат своите локации во секој момент, но во овој поглед – од сегашна перспектива – очекуваме почеток со работа на крајот на на јуни или барем во почетокот на јули. Во овој контекст, заштитата на вработените и клиентите игра многу важна улога.
Најважно од се ни е тоа што ниту еден наш вработен досега не бил позитивен на Ковид 19, и што сите наши вработени се заштитени и безбедни.
Како вашата компанија директно се вклучи во борбата против Ковид-19?
Целата Новоматик групација се вклучи во борбата против Ковид 19, на светско ниво под слоганот: WE CAN DO THIS!
Матичната НОВОМАТИК АГ не само што обезбедува поддршка во оваа област, со своите концепти и упатства, туку произведува и заштитна опрема како што се панели за социјално растојание и помага во набавка на заштитна опрема, како што се заштитни маски или средства за дезинфекција, за вработените и клиентите.
Македонската групација веднаш го стави целосно на располагање на државата својот објект, Казино Фламинго Хотел-Гевгелија со сите свои ресурси, со 17 апартмани и 42 соби, од кои една за лица со посебни потреби, како место за изолација или карантин според сите највисоки епидемиолошки стандарди, со потребниот персонал, исто така донираше 2.000 кг. храна и подготвување на 1500 оброци на ден.
Освен тоа одвоивме буџет од 200.000 евра за донации за помош и поддршка на нашето здравство за што поуспешно справување со настанатата ситуација. За таа цел, дониравме најмодерни болнички кревети и друга медицинска опрема во неколку македонски болници: Градската Општа болница „8-ми Септември”, за болниците во Гостивар, Гевгелија и Охрид, како и во ЗУ Институт за трансфузиона медицина.
Дали сметате дека Ковид-19 ќе остави белег врз начинот на работа во вашата индустрија?
Едно е сигурно, овие месеци неработење ќе резултираат со големи загуби што значително ќе се одразат на билансот на успех на крајот на оваа година. Искрено се надеваме дека светот ќе се справи со оваа пандемија и се ќе се врати во нормална состојба, но дотогаш најверојатно ќе работиме со намален капацитет, почитувајќи ги мерките за социјално дистанцирање. Како и да е, ќе настојуваме да излеземе од оваа криза посилни.
Каде го гледате HR-от во иднина?
Борбата против опаката болест, ја истакна неопходноста од постоење на Сектор за човечки ресурси со професионалци обучени меѓу другото и за кризен менаџмент, во секоја компанија што држи до себе и до својата репутација на пазарот.
Современиот менаџмент на човечки капитал го гледам првенствено како линк помеѓу работниците и работодавачот, но и како стратегиски партнер на секоја модерна компанија, која се стреми да биде бренд работодавач. Професионалците за управување со човечки ресурси мора добро да ги балансираат меѓусебните односи помеѓу нив, да ги држат во добра кондиција меѓучовечките односи, да се справуваат ефикасно со конфликтите и да учествуваат во креирањето на корпоративната култура, да се посветат на нејзиното доследно почитување и спроведување, бидејќи само така ќе обезбедат здрава работна клима. За таа цел, тие мора да се љубопитни, да ги запознаат одлично бизнисот и индустријата во кој делуваат, работните процеси и да се грижат вистински за луѓето кои работат во неа.
Кажете ни нешто повеќе за CLEAR VIEW ACADEMY?
Во контекст на претодното прашање ќе се надоврзам овде. За да некој стане успешен ХР Професионалец, тој мора да поседува освен soft skills, како што се храброст, љубопитност и човекољубие, и силни компетенции и образвоание. Тие мораат да се едуцираат и надградуваат постојано за да можат да ги промените и трендовите, бидејќи само така ќе може да ги предвидат идните потреби од човечки капитал на компанијата и да станат вистински партнери во остварување на корпоративните цели.
CLEAR VIEW HR ACADEMY е прва академија за продуцирање кадри од областа управување со човечките ресурси, во нашата земја. Таа започна како ЦС Глобал ХР Академија, подоцна се ребрендираше во Клиар Вју, а оваа година повторно е биде ребрендирана во „Семос Бизнис Тренинг Центар”, но ние предавачите сме истите, ХР професионалци со над 10 годишно практично искуство и знаење кое несебично го даваме. Оваа академија стана вистински расадник на ЧР професионалци и од неа, можам со гордост да кажам, досега излегоа веќе 10 генерации ЧР луѓе, од кои повеќето си го најдоа своето место во светот на човечките ресурси.
Академијата се состои од следниве 9 модули: Стратегиски менаџмент, Регрутација и селекција, Правни аспекти на ЧР (мојот модул), Обуки и развој, Мотивација на вработени, Перформанс менаџмент, HR Audit I HRIS и Англиски за ЧР Професионалци. Се слуша цела учебна година, 9 месеци, по еден модул во еден викенд од секој месец. Предавањата се интерактивни, се одвиваат преку презентации и вежби, а ние предавачите ги пренесуваме своите знаења преку лични искуства и практични примери.
Кога ќе се стекнат со сертификат, нашите слушатели, обично многу бргу наоѓаат вработување, но не се оставени сами на себе. Секоја генерација е поврзана меѓусебно во вибер група, каде што споделуваат искуства, а ние сме им целосна поддршка во надминување на предизвиците со кои се соочуваат.
Што мислите за порталот 24HR.MK?
Искрено се израдував на отворањето на овој портал. Текстовите што се објавени досега се одлични, напишани од високо едуцирани професионалци. Затоа ви благодарам што ме поканивте да го направиме ова интервју, навистина сум почестена.
Сметам дека овој портал му беше многу потребен на македонскиот медиумски етер, и дека освен што ќе придонесе кон промовирање на нашата професија, ќе има и едукативна вредност за младите ЧР ентузијасти.
Браво за идејата! Ви посакувам успех и огромна читаност.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.