Колумна на Весна Коруноска, Менаџер за човечки ресурси во Лакталис Македонија
Чудна реченица – Тоа не е моја работа. Од никогаш не сум ја сакала. Тој што ја изговара, сака да се заштити од работна задача што е надвор од неговиот опис на работно место, често, надвор и од неговото поле на познавање. И, мисли, безбеден е. Зошто би работел нешто што не го работел до вчера? Што и не знае баш најдобро како се прави? Што може да го одработи некој друг? И, да, најчесто е така. Со тоа завршува притисокот да се одработи нешто повеќе. Но, знаете што друго завршува? Можноста да се научи нешто ново. Да се стекне искуство во поле, дотогаш непознато. Да се добие увид во работата на некој друг. Да се покаже интерес за повеќе, желба за учење, отвореност за нови нешта.
Велат, новите генерации (Z), не сакаат да работат нешта што не се нивна работа. Го завршуваат денот во 16:00, без оглед на тоа дали работните задачи се завршени, дали има нешто итно, значајно… Не верувам јас во тоа. Генерацијата што доаѓа се прекрасни деца. Не можете да ми кажете дека некој што со саати играл компјутерски игри, некој кој со трпение на стогодишен старец се враќал по петнесетти пат на истото ниво, додека не научи како да го совлада “главниот”, денес нема трпение за важни нешта. Можеби само не умееме да разговараме со нив…
Измислиле и термин, Quiet quitting. Тивкото откажување не е “тоа не е моја работа”. Тивкото откажување е “тоа ВЕЌЕ не е моја работа”. И, не им го припишувајте само на генерацијата Z. Тивкото откажување го има во сите генерации, на сите работни позиции, без оглед на искуството, знаењето, стажот. Луѓето се откажуваат од работи што претходно ги работеле, кога ќе сфатат дека никој не ни забележал дека тоа го правеле. Дека никому не значело. Дека не биле соодветно пофалени, наградени, дека немале никаква поддршка и сатисфакција ради работата што ја работеле, па, разочарани, продолжуваат да работат на LOW BATTERY и да го завршат само тоа што е минимално неопходно.
Познато? За жал, безброј тивки откажувања имаме на секој чекор. Детето кое со мерак ги црташе своите омилени јунаци од приказните, ги сокри боичките и блокчето, затоа што воспитувачката во градинка, ама баш ниеднаш, не го пофали пред другарчињата. Девојчето кое со нетрпение го очекуваше следниот излет, за да игра фудбал со братучедите, никогаш не се осмели да побара да ја запишат да тренира во локалниот фудбалски клуб, бидејќи фудбалот не е за жени, нели. Студентот кој по третпат го запишуваше истиот предмет, наместо да побара помош и дополнителни часови од предметот, се откажа од факултетот, бидејќи татко му му кажа дека очигледно, не е тој за учење, нека не го троши времето залудно. Жената која ги правеше најмеките кифлички на светот, сега купува од маркет – никој немал ни еден убав збор за нејзиниот труд.
И, така. Луѓето се откажуваат од она што им било битно, што им носело радост, што ги правело единствени, поинакви, само затоа што средината, кругот на луѓе околу нив, не била спремна да ја признае и слави различноста. Се договориле истите дека сѐ што не е исто, не е нормално, и, тивко, со игнорирање, направиле да исчезне.
Социјалните мрежи го поддржуваат истото. Различните се исмеваат. Се игнорираат. Се прават групи, кланови, кои смислата на своето постоење ја гледаат во организиран напад на други индивидуи, не размислувајќи притоа какви последици може да има тоа врз младиот човек кому сето тоа му се случува.
Потребна е сериозна доза на зрелост (кои некои луѓе, за жал, никогаш не ја достигнуваат), за да можеш да го избираш својот пат, своите желби, своите верувања, сето она што те прави Ти, одново и одново, без оглед на средината околу тебе.
Не зборувам дека откажувања не треба да постојат. Се откажуваме во моментот кога веќе не вреди. Кога задоволството од постигнатиот резултат е помало од трудот и напорот вложен тоа да се постигне. И, толку. Не се откажуваме затоа што Марија од Финансии смета дека нашиот труд не е доволно добар. Ни дека Игор од Логистика се смее на нашата грешка. Ни дека некој таму, на Тик-ток, Твитер или не знам веќе каде, кој своето име го сокрил зад псевдоним, го исмева нашиот емотивен пост. Никој од нив не е битен.
Ако се откажуваме, се откажуваме јасно и гласно (аман од тишини!). Затоа што ние така сакаме, не затоа што некој таму смета дека не сме доволно. Или сме премногу. Или… ма, небитно, кому е грижа што тие луѓе мислат!
Да се вратам на почетокот – премолчувањето на она “Не е моја работа”, ме научило на многу нешта – од сметководство, учев за продажба, од продажба на домашен пазар, учев за извоз, паралелно вежбав комуникација со сите тие странци кои во тоа време беа заинтересирани за нашето сирење, но, од “Не е моја работа”, немаа со кого да разговараат и од кого да побараат понуда, паралелно учев за формирање на цени, примена на INCOTERMS во работењето, соработка со шпедиции, инспектори, возачи на камиони (кои освен својот, ниеден друг јазик не зборуваат, а нема кој да им објасни каде е царината, на која температура се мести термостатот на контејнерот и тн.), како се комуницира со потенцијален купувач, како со должник, а како со добавувач, и во сето тоа – стотици луѓе, карактери, процеси, случувања..
Сакам да кажам, сѐ она што денес ќе прифатите да го научите и сработите, ќе ве формира на еден сосем нов, поинаков начин, ќе ви отвори нови врати и нови хоризонти, ќе ве созрее во личност која од почетокот на светот и векот се чекало да станете. На крај, ќе можете да си кажете – Вредеше. А тоа е убав подарок, од себе, за себе.