Колумна на Викторија Јордановска основач и мастер тренер во Vienna International Academy of NLP (VIANLP)
На почетокот на годината ми се случи нешто што ме измести од мојот еквилибриум на дисциплина, ред и структура. Дозволете ми да бидам јасна овде, ваквите случки не мора да бидат негативни – може да ни се случи и многу пријатна работа и сепак да внесе хаос во нашиот живот.
Оваа состојба на хаос ме заинтересира – како можам да ја искористам? Што може да ми донесе? Па така, решив да направам мало истражување на темата и истовремено си дозволив себеси да ги почувствувам придобивките кои ми ги донесе состојбата на хаос.
Зборот „хаос“ потекнува од грчкиот збор „Каос“, што значи „празнина“. Математичарите велат дека хаосот е тешко да се дефинира, но човек лесно може да го препознае кога ќе го види или почувствува – тоа е состојба на тотален неред и збунетост.
Бидејќи како човечки суштества ја сакаме предвидливоста, имаме природна желба да го контролираме и уредиме хаосот што не опкружува. Ги планираме нашите денови, недели, па дури и години. Некои дури прават и 5-годишни планови. Но, вистината е дека животот е многу непредвидлив и колку и добро да планирате, не можете да го испланирате неочекуваното.
„Живееме во една манифестирана идеја за тоа што треба да биде форма и во нашето постоење се обидуваме по секоја цена да го одбегнеме хаосот, а тој е многу реален дел од нашите животи; нашето одбивање да го прифатиме хаосот како составен дел од нашето постоење, мислам дека е една од најголемите грешки што ја прави нашата цивилизација.“ Дејвид Боуви
Па, што може да ни донесе хаосот?
Со сигурност ни носи непредвидливост и изненадување. Неизвесност, но и новитет. Креативност. Иновации. Спонтаност. Возбуда. Нови идеи. Можности. Радост.
„Без хаос, ние сме премногу стабилни за да се реорганизираме. Премногу сме нефлексибилни за да се прилагодиме и промениме“, вели Ashli Akins во
нејзиниот ТЕД говор „Креативноста на хаосот“.
Таа исто така вели „…она што е возбудливо во таа точка на хаос, е тоа што во тој момент имаме најголем потенцијал за креативност“.
За да го прифатиме хаосот и да ги почувствуваме неговите придобивки, треба да направиме една работа, што не е така лесна – но, е возможна! Треба да се откажеме од контролата.
Кога ќе пуштиме, почнуваат да се случуваат мали чуда во нашиот живот.
- Престанете да планирате сè и бидете отворени за непланираното.
- Ослободете се од очекувањата од другите или од ситуациите, вие можете да се контролирате само себеси.
- Престанете да контролирате или да се оптоварувате како другите ве доживуваат или како тие се однесуваат, тоа е нивна работа.
- Пуштете го минатото, тоа е таму да ве информира.
- Престанете да ја предвидувате иднината, не можете! Наместо тоа, со раширени раце пречекајте ја неизвесноста. Тоа е крајната слобода
Кога ќе дозволиме животот да се одвива природно, сè станува лесно.
„Мора да имате хаос во себе за да може да родите ѕвезда што танцува.” Фридрих Ниче
За крај…
Мојата порака за месец Фебруари е:
Допуштете му на хаосот да влезе во вашиот живот и бидете отворени за она што ќе ви го донесе.
* Оригиналниот текст објавен на Англиски јазик, како и други едиции, можете да прочитате на следниот линк: https://vianlp.com/the-self-expedition-monthly-newslette
За авторот:
Викторија Јордановска е основач и мастер тренер во Vienna International Academy of NLP (VIANLP). Како Бизнис Коуч и Тренер за „меки” или човечки вештини таа работи на создавање системи на извонредност преку развој на внатрешните ресурси. Нејзината експертиза вклучува извонредност во комуникација, лидерство, градење тимови со високи перформанси и системски интервенции.
Од 2014 година живее во Австрија и работи на меѓународно ниво фокусирајќи се на развивање на човечкиот потенцијал што е во секој од нас. Нејзиниот холистички пристап кон коучинг и обука вклучува НЛП техники, системско размислување, применета психологија, нов код и методологијата Points of You, во комбинација со нејзиното долгогодишно искуство во различни индустрии. Овој системски пристап го поддржува растот на поединецот и севкупната организациска виталност во сите видови системи, без разлика дали се приватни, јавни или глобални корпоративни системи.
LinkedIn профил: https://www.linkedin.com/in/viktoria-jordanovska-372885/
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.