Дејан Чекаров, ДЕКРА: „15 години градиме цврста доверба помеѓу компаниите и кандидатите“

од 24HR

Интервју со Дејан Чекаров, извршен директор на ДЕКРА, по повод 15 години постоење на компанијата во Македонија.

„Заедно ги достигнуваме целите“ е мотото на ДЕКРА која годинава одбележува 15 години од својата успешна приказна во Македонија за денес компанијата да стане лидер во обезбедување на услуги од областа на човечките ресурси на македонскиот пазар. По повод 15-годишнината на ДЕКРА, 24HR разговараше со Дејан Чекаров – извршен директор на претставништвото во Македонија – кој ни сподели нешто повеќе за почетоците на ДЕКРА, услугите на компанијата и идните планови за развој.

Во 2021 година ДЕКРА одбележува 15 години од своето присуство на македонскиот пазар. Кажете ни како изгледаа вашите почетоци и каде сте сега?

ДЕКРА во Македонија е основана во веќе далечната 2006 година од страна на DEKRA Arbeit Group со седиште во Штутгарт, Германија. Започнавме во едно време кога скоро и да немаше оддели за човечки ресурси – во најдобар случај тоа беа група административци кои беа познати под називот Кадрово. Бевме предводници на еден бран кој постави темели за цела една гранка во подем наречена Менаџмент на човечки ресурси. Новините кои ги воведовме како надворешна компанија која ги поддржува внатрешните ХР процеси, допринесоа тогашните компании да почнат да размислуваат во еден поинаков правец – човечкиот капитал како најважна инвестиција во една компанија. Низ годините растевме и сè уште растеме и се надградуваме, апсорбирајќи знаења и практики, нудејќи решенија кои и ден денес не поставуваат на пиедесталот на оваа гранка.

Вашето мото е „Заедно ги достигнуваме целите“. Кои цели ги достигна ДЕКРА за време на изминатите 15 години?

Главната идеја, генералниот принцип позади успешната работа на ДЕКРА е соработката со нашите клиенти која се базира на партнерство. Отсекогаш сме се стремеле кон тоа да бидеме долгорочна и стабилна поддршка, партнер кој ќе понуди уникатни и практични решенија во сите сфери на менаџментот на човечки ресурси. Истото се однесува и на нашата огромна база на кандидати – професионалниот и отворен пристап кон кандидатите доведе до тоа да огромен број од нив со текот на времето ни станат и клиенти. Гледајќи денеска од оваа перспектива, сметам дека сме го постигнале најважното – довербата од компаниите и кандидатите.

Кажете ни нешто повеќе за луѓето кои стојат позади тимот на ДЕКРА во Македонија?

Тимот на ДЕКРА е навистина една интересна целина. Искусни професионалци, гласни ентузијасти, мотивирани решавачи на проблеми. Весела комбинација на луѓе кои се страствени во она кое го работат. Можам слободно да кажам дека ја имаме таа среќа да нашата компанија е навистина полна со луѓе кои сè уште ги ценат оние вредности кои се поретко се среќаваат, како интегритет, лојалност, посветеност, чесност.

Какви услуги ДЕКРА им нуди на клиентите?

ДЕКРА нуди широк спектар на услуги со цел да ги пресретне различните барања на клиентите од областа на човечките ресурси и да обезбеди иновативен концепт на долготрајно вработување и развој на човечкиот капитал, флексибилна и прилагодена кон клиент регрутација, привремено вработување, подучување и професионален развој, истражувања и анализи на пазарот на труд, и секако креирање на долготрајни партнерства со своите клиенти.

Што е тоа што го правите поразлично во ДЕКРА во однос на другите компании во вашата бранша?

Причината поради која сме она кое што сме денеска – бренд кој е цврсто етаблиран и веднаш препознатлив на нашиот и светските пазари, и прва мисла и контакт на секој кој ќе помисли на менаџмент на човечки ресурси, е секако нашиот професионален и отворен пристап. После 15 години, точно знаеме колку и што можеме, и тоа секогаш отворено го презентираме пред клиентот и кандидатите. Понатаму, изградената мрежа на клиенти и кандидати која е навистина маркантна, и нивната доверба е она на кое сме посебно горди.

Како успеавте да ги привлечете најдобрите луѓе на пазарот?

Најважната карактеристика на целата структура на ДЕКРА во Македонија е секако тимскиот дух, поддршката која секој ја добива, како и секогаш отворените можности за секој да се надгради и научи нешто ново. Можноста да се работи на различни проекти во светот на ЧР, за најразлични клиенти во индустрии кои растат и опаѓаат – сметам дека е идеална средина за луѓе со драјв секогаш да најдат подобар начин, добијат подобра идеја и размислуваат надвор од оквирите кои ги нуди работата во ЧР во останатите компании. Горди сме на луѓето кои биле и сè уште се дел од ДЕКРА, бидејќи секој од нив успеа да не збогати и научи на нешто ново. Исто така, поддржувачи сме на лица кои сакаат да учат и секогаш отворени за соработка со младите кои сакаат преку пракса да го осознаат светот на ЧР.

Дали ДЕКРА е добро место за работа?

Она кое ја прави ДЕКРА посебна е фактот дека тука ќе ве подготвиме и соочиме со сите аспекти на менаџментот на човечки ресурси. И она најважното – ќе учите од know how на луѓе чија експертиза е значајно поширока и пообемна со оглед на фактот дека работеле на најразлични проблеми и барања на клиенти од сите индустрии. ДЕКРА е одлична основа и школо за креативни, мотивирани кадри кои не гледаат граници во она кое можат да го постигнат во областа на човечките ресурси.

Какви се вашите планови за во иднина?

Иако живееме и работиме во време кое донесе огромни предизвици и промени во начинот на кој досега функциониравме, сметам дека успешно се прилагодивме и континуирано имплементираме нови и модерни алатки кои ја прават нашата работа уште поефикасна и поефективна. Успехот на нашата апликација Chat Your Job, на која може да се регистрира корисник според она кое би сакал и е квалификуван да го работи, и можноста соодветната понуда за работа да ја добие на Вибер, СМС, мејл или Whatsapp, не донесе поблиску до профили кои станаа недостапни на пазарот на труд. Уверен сум дека ќе продолжиме со исто темпо и квалитет, и верувам дека ДЕКРА ќе продолжи да биде сигурен партнер за остварување на врвни резултати во областа на менаџмент на човечките ресурси.

0 коментар
1

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...