Колумна на м-р Христина Лозаноска – професионален коуч за развој на лидери и сопственик на ВИТА ИНСТИТУТ за едукација, менаџмент консалтинг и коучинг.
Менаџерите во една компанија, од високиот, средниот и линискиот менаџмент не се консултанти на сопствениците или генералниот менаџмент на компанијата за да предлагаат решенија во деловното работење. Од нив се очекува да носат одлуки и да преземаат одговорност во рамки на овластувањата и одговорностите на нивната позиција. Корпоративното управување наметнува стандарди на вистински менаџмент критериуми во компаниите, и не остава простор за дилеми дали треба генералниот менаџмент да ги делегира овластувањата надолу, ниту обратното, менаџерите од пониските нивоа да ја избегнуваат одговорната улога во компанијата.
Матрица на одговорности и овластувања
Сеуште, во компаниите не секогаш има воспоставен вистински стратешки менаџмент и корпоративно управување со јасно утврдена Матрица на одговорности и овластувања. Пример на матрица на одговорности е RACI – responsible, accountable, consulted and informed, (одговорен, отчетен, консултиран и информиран). Оваа матрица дава јасни рамки на менаџерското одлучување во рамки на деловното работење за сите нивоа на менаџмент, како и насоки за соработката меѓу секторите и менаџерите кои треба да бидат вклучени за заедничка работа пред донесување на одлуката.
За повисок тип на одлуки, кои согласно матрицата на одговорности ги носи генералниот менаџер или бордот на директори, секој надлежен менаџер треба да понуди најмалку две предлог решенија со претходно извршена анализа и симулација на исходот, а секако во тие случаи се преземаат и задолжителни координативни активности во стратешкото менаџирање за да се обезбедат сите информации од другите менаџери кои треба да придонесат за подобри предлог решенија кон високиот менаџмент.
Сепак, и покрај потребата од интерна соработка, многу значајно е на крајот да се знае јасно кој треба да ја донесе одлуката и да преземе одговорност и отчетност за истата, кој треба да го контролира процесот, кој треба да биде консултиран, и кој треба да е вклучен во размената на информации.
Корпоративен календар
Календарот на корпоративните состаноци има за цел да ги овозможи сите потребни типови на состаноци во текот на годината кои ќе ја овозможат меѓусекторската комуникација, вклученоста на сите менаџери во стратешкото планирање и управување во рамки на нивните надлежности/ бизнис процеси кои ги водат. Овој календар ги формализира состаноците и менаџерската соработка за потребите на стратешкото управување, додека оперативните состаноци останува да ги одредат самите менаџери согласно дејноста и барањата на бизнисот, преку кои се наметнува потребната динамика. Преку корпоративниот календар се обезбедува текот на стратешкото бизнис планирање, но и потребната следливост, известување и контролинг.
Корпоративен коучинг
Компаниите кои се клиенти на ВИТА ИНСТИТУТ за корпоративен коучинг, често во своите барања како главни цели ги наведуваат зајакнување на менаџерската структура и подобрување на меѓусекторската комуникација. Во ситуации кога имаат јасно дефинирана матрица на одговорности, работиме коучинг на ”soft” делот, корпоративната култура и вредности, зајакнување на лидерските капацитети и лидерските принципи при управување со луѓето и спроведување на интерната комуникација.
Стратешки менаџмент и ХР консултантство
Но, доколку нема матрица на одговорности истото не е доволно и затоа предлагаме дополнителен проект во делот на стратешкото управување и ХР менаџментот, со цел поставување на бизнис процеси во корпоративното управување кои ќе ги разграничат овластувањата на менаџерите од сите нивоа. Притоа поставуваме инфраструктура на носители на активности во стратешкото управување, матрица на одговорности, календар на корпоративно управување и систем за управување со перформанси и систем за наградување.
Систем за управување со перформанси и наградување на менаџерите
Посебен акцент во рамки на корпоративното управување се става на личната менаџерска одговорност. Терминот empowerment или давање на авторитет да презема акции и контрола, значи зајакнување на менаџерите и се однесува токму на давања на овластувања за одлучувања и преземање на лична одговорност при деловното работење согласно позицијата.
Матрицата на одговорности е поврзана со системот за управување со перформанси, плати и наградување на менаџерите, ранговите на плати се поставуваат врз основа на оваа матрица и споредбата со надворешниот пазар на трудот.
Наградувањето на менаџерите е согласно нивните перформансите, договорени во бизнис планирањето кое се симнува на индивидуално ниво, како би можеле да се измерат годишни перформанси и согласно постигнатите резултати да се добие соодветниот менаџерски бонус или награда.
За оваа цел потребно е претходно да се постават бонус шеми, кои ќе бидат дел од ХР политиките и практиките на компанијата. За да се дефинира годишниот бонус на еден менаџер се гледа во кој бонус план (шема) е неговата позиција, и колкава му е успешноста во реализацијата на целите. Секако целосниот финансиски успех на компанијата се зема како предуслов за исплаќање на бонуси за предметната година.
Главно, без горенаведените предуслови како што се: матрица на одговорности и овластувања на менаџерите, спроведено стратешко бизнис планирање, претходно поставени ХР практики за бонус шеми, извршено мерење на перформансите на менаџерите и спроведен финансиски контролинг, наградувањето на менаџерите не може да биде објективно!
Кога наградувањето не е објективно, мотивацијата и ангажираноста не се секогаш гарантирано на посакуваното ниво!
За авторот:
Христина Лозаноска е Бизнис коуч & Менаџмент консултант/ Сопственик на ВИТА ИНСТИТУТ, со искуство во развој на лидерството и трансформација на организациска култура. Експертизата на Христина е во областа на организацискиот развој, воспоставување на ЧР системи, како и дијагностика и развој на корпоративна култура.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.