Овој понеделник 24HR ве инспирира со HR приказната на Катерина Стојановска – глобален HR експерт за европскиот, американскиот и азискиот пазар.
Катерина Стојановска е HR професионалец од Македонија кој успеа да се пробие на светскиот пазар. Кога ја прашавме да ни каже нешто повеќе за себе, таа ни откри две свои верзии. Во кратката верзија Катерина е bona fide член на неофицијалната заедница составена од млади девојки кои сакаат да го освојат светот со својот ум и труд. Од друга страна, во подолгата верзија таа е космополит во своите верувања, истрајна во своите цели, хедонист во своето секојдневие, своевиден амбасадор за важноста на човековата самоедукација, личност која чита по 50 книги на годишно ниво, основач на блог за здрава исхрана, обична девојка која речиси сите свои утра ги стартува насмеана и личност која е особено горда на вредностите кои ја навигираат во животот.
За нас во 24HR да се разговара со Катерина беше огромно задоволство, а целиот тој разговор го преточивме во едно убаво интервју во рубриката „Љубов кон HR“.
Што ве натера да се вљубите во HR како професија?
Во HR професијата се вљубив кога станав свесна за два факти и нивната поврзаност, еден општествен и еден психолошки.
Општествен факт е дека работните професии и нивното успешно извршување од страна на луѓето се основата на секое растечко општество, а психолошки факт е енормната важност што ја има работата врз чувството за самовредност на секој поединец.
Можноста барем во мал дел да придонесам во спојување на луѓето со оние работни места на кои ќе се чувствуваат најреализирано, на кои ќе напредуваат, во кои ќе бидат вреднувани, а истовремено и ќе додаваат вредност – за мене е од огромно значење. И притоа замислете, со тоа тие луѓе стануваат лостови на целиот општествен, па дури и светски раст!
Големата слика или мојот butterfly ефект со кој давам придонес во светот, а преку кој истовремено и јас растам како човек. Тоа е причината поради која уште од прв момент знаев дека HR е професија во која сакам да ги инвестирам своето време и енергија.
Од каде почнавте и како изгледаше вашата кариерна патека?
Студирав на државниот Економски факултет во Скопје и за време на студиите посетував најразлични пракси кои во тоа време не беа задолжителни и ги наоѓав и посетував целосно самоиницијативно. Целта ми беше да пробам да функционирам во различни области кои имаат поврзаност со моите студии и да утврдам каде најдобро ќе се идентификувам.
Прелистувајќи ја ,,Златна книга” во раце, почнав да пишувам мејлови и да се јавувам по телефони во многу компании и да прашувам дали можеби имаат потреба од привремена летна помош во деновите кога нивната работна сила е редуцирана поради годишни одмори. Потенцирав дека сакам да учам и не барам никаков надомест. И да знаете, постојат феноменални луѓе кои се спремни да подадат рака некому кој е желен за учење, и покрај тоа што немаат обврска да го сторат тоа. Таквите и ден денес ги споменувам.
Сè на сè, посетував четири пракси кои на мое изненадување и среќа завршија како платени, а дел и со понуда за вработување. За мене сите беа вредни затоа што ме научија како функционираат организациските заедници. Ме научија и дека сакам да работам со луѓе, како и дека упорноста, трудољубивоста и искреноста се вредностите кои треба да ги негувам и понатаму во животот.
Пред 7 години, веднаш по завршувањето на студиите, се вработив во мала фирма за сметководство и консултантски услуги каде што за првпат започнав официјално да навлегувам во областа на HR. Научив да изработувам плата за други 150 мали компании, го водев целиот работен циклус на нивните вработени, соработував со многу луѓе и ги развив моите нумерички и аналитички способности преку многубројни анализи, извештаи и самостојно решавање на проблеми. Заминав побогата со лекција дека сакам да работам и со луѓе, но и со бројки. Сфатив дека бројките ќе бидат мојата алатка преку која ќе можам да ја објаснам вредноста на луѓето на раководителите на компаниите, или поточно, на оние кои најчесто размислуваат во бројки.
Моето следно искуство беше германскиот гигант во автомобилската индустрија – Кромберг и Шуберт, каде научив дека го сакам интернационалниот mindset на работење и каде што за првпат добив желба глобално да ги проширам своите знаења и оперативни искуства.
Во следниот период се запишав на Академија за менаџмент со човечки ресурси, почнав со работа во белгиската компанија за производство на автобуси – Ван Хоол, а истовремено и почнав да работам како freelancer на странски проекти од сите области на HR што започна неверојатно многу да ме исполнува. Тогаш сфатив дека моето знаење од оваа област и мојата креативност можат да бидат од огромна корист во многу места на светот, истовремено. Сфатив дека мојот butterfly ефект може да биде многу поголем отколку што бил досега.
Тоа ме доведува до денешниот момент – сега работам како глобален HR експерт за европски, американски и азиски пазар преку глобалната платформа за таленти Upwork. Моментално работам full time за компанија од Холандија, а веќе долго работам и на проект на една американска асоцијација за човечки ресурси. Наскоро ќе се вклучам и на проект на компанија од Естонија, така што – only sky is the limit. 🙂
Кое е вашето најголемо HR достигнување?
Тоа што веќе извесен период странските компании сами ми се обраќаат на Linkedin, Glassdoor, Fiverr или Upwork со цел да ми предложат некаква соработка. Може да се работи за консултантска услуга, придонес на нивен блог со мое размислување за некоја HR област, за изработка на план за регрутации, план за годишно буџетирање, проект менаџмент на HR проекти, имплеметација на HR системи, воведување или ревидирање на системи за performance management, изработка или ревидирање на професионални биографии и слично. Добро сработената работа, професионалноста и знаењето се најдобрата препорака за оној којшто ужива во своето работење.
Што би им порачале на сите кои размислуваат за кариера во HR?
HR е дефинитивно една од поубавите професии која нуди исклучителни можности за развој. За жал, нашата земја уште долго ќе заостанува во перцепцијата на оваа професија и глобалните HR трендови кои се менуваат од година во година и носат фантастични придобивки за компаниите кои ги следат, но затоа ние сме тука да поттикнеме промена. Можеме да дознаеме што повеќе за светските позитивни практики, да се обидеме да имплементираме дел од нив и во компаниите од ова наше поднебје и со тоа да го трансформираме класичниот HR во светски HR. Колку повеќе нè има, толку подобро.
Катерина Стојановска за порталот 24HR:
„Одлична платформа за афирмација на HR која ќе послужи за вкрстена едукација и меѓусебно запознавање на сите ентузијасти од оваа област.“
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.