Интервју со Ирина Кузевска – креативец, уметник и вистински HR професионалец со кого имавме можност да разговараме во рубриката „Љубов кон HR“.
Ирина Кузевска е креативна личност која, пред сè, доаѓа од светот на модата и ја сака уметноста во скоро секоја форма меѓутоа умешноста да се разбере човекот и неговото однесување влијаеше на тоа да студира Психологија и потоа да ја насочи истата кон бизнисите, односно компаниите. Ни откри дека ужива да работи со луѓе, а дома знае да слика на платно, понекогаш својата инспирација да ја стави на хартија и да смислува креативни начини за мотивирање на вработени, Employer Branding идеи и тим билдинг идеи бидејќи тоа е креативниот дел на HR кој таа го сака.
Повеќе за Ирина Кузевска и нејзината HR приказна прочитајте во интервјуто кое 24HR го направи со неа во рубриката „Љубов кон HR“.
Што е тоа што ја натера Ирина да се вљуби во човечките ресурси?
Работата со луѓето и предизвикот да се управува со човечки ресурси на еден професионален, кретивен начин од кој би биле задоволни сите. Исто така, директното влијание во животот на луѓето, секако, на позитивен начин почнувајќи од самата шанса за вработување, па се до грижа за вработените. Самата професија налага да се запознаваме со многу луѓе и тука се создава голема мрежа на контакти и тоа што нашата професија не е статична, во голема мерка се занимаваме со системи / програми што ќе влијаат на луѓето, а луѓето се динамични.
Од каде почнавте и како изгледаше вашата кариерна патека?
Работам од свои 16 години, но за релевантни моменти би го потенцирала работното искуство после завршување на студиите во Битола, се преселив во Скопје каде додека учев за менаџирање со човечки ресурси, работев како Специјалист за Услуга за Корисници на 2 различни проекти, потоа бев одговорна за единствениот салон на Miele во Северна Македонија од продажба, до набавка како и увоз и извоз на нивните производи.
Штом успешно ја завршив обуката за управување со човечки ресурси, после 6 месеци се вработив во регрутеската агенција The HeadHunter, каде аплицирав за пракса, но добив понуда за вработување уште на сам старт. Работењето во регрутерска агенција е доста динамично, сепак регрутирав за различни компании – различни работни позиции. Предизвикот беше да на потенцијаниот кандидат ја претставам одлично компанијата која вработува и обратно, кандидатот на компанијата, така што беше доста интересно секој ден. Дополнително имав и удел во делот за маркетинг кој секако беше ориентиран за привлекување на луѓе и Employer Branding.
Следно искуство е Tigo Finance, каде за прв пат моите обврски како дел од тимот на HR се фокусираа за една фирма, постоечки и секако нов тим на вработени. Компанија која тогаш броеше 115 вработени и беше во експанзија, ме научи брзо да се адаптирам во тоа темпо и да бидам успешна во тоа што го правам. За жал, поради ковид кризата мојот работен однос со Tigo Finance заврши, така што сега работам како Специјалист за човечки ресурси и регрутација во ИТ компанијата Axapta Masters.
Кое е вашето најголемо достигнување во сферата на човечките ресурси?
Со моето разновидно искуство, сум имала постигнувања од различна природа. Од HR би ги навела сите успешни регрутации, остварени во зададениот рок, мојот Outreach и флексибилност кога се работеше за кандидати, но едно успешно вработување кое го остварив во The HeadHunter, чиј живот на тој кандидат се промени драстично на подобро ми е особено драго, бидејќи ден денес после година и пол добивам благодарност од тој кандидат (кој ја заслужуваше работата) и секогаш кога ќе ми се заблагодари и сподели дека е среќен и успешен на работата мене тоа ме исполнува и тоа ми е достигнување.
Транспарентноста и професионалноста и со компаниите и со кандидатите што ја имав во регрутерската агенција, ми овозможија да одредени контакти понатаму ме побараат за соработка или совет или покана на некаков корпоративен настан, сето тоа ми е знак дека сум си ја извршувала работата како што треба.
Што би им порачала Ирина на сите кои размислуваат за кариера во човечки ресурси?
Да се пронајдеме во животот и не е најлесното нешто. На оние кои се сериозно заинтересирани за Човечки Ресурси, ги охрабрувам да се движат во тој правец, да секогаш имаат одредена визија, идеја како би допринеле, не само да се ориентираат на “пишаните” обврски. HR не е само договори и интервјуа, HR е “Human Touch” на сите обврски и комуникации во една компанија. Доколку ги сакате луѓето, ќе ја сакате и работата. Go for it. И најважно, она што ќе сакате да ви стане јасно околу работата, се случува само при работење. Така да само трпение и истрајност.
Ирина Кузевска за порталот 24HR:
„Потребен беше еден HR ориентиран портал каде што е отворен за сите сфери и левели на HR, многу корисни информации од професионалци и одлични теми. Ве читам со задоволство и огромна чест ми е што имав прилика да дигитално поразговараме. Само продолжете со истото темпо!“
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.