Современите кризи на духот, апатијата и безизлезноста што на секој чекор се чувствуваат во нашето оптоварено секојдневие, налагаат да трагаме по одговорите на важните животни прашања и да го насочиме нашиот фокус кон нив. Општеството речиси и да не нуди одговори и помош за ваквите состојби, дури постои и стигматизација за овие теми. Тоа е една од причините за нарушеното духовно здравје кај голем дел од популацијата, евидентно веќе и кај младата популација.
За прашањата како да се пристапи кон проблемот, што претставува тој проблем, како да го уредиме животот според сопствените желби, но и кои проверени методи да ги следиме за водење исполнет живот, одговор дава новата книга „Инспиративна вистина“ од авторот д-р Орде Ѓорѓиоски, во издание на „Антолог“, која веќе може да се најде во сите книжарници каде што се продава литература од оваа издавачка куќа, но и на популарните веб сајтови за набавка на ваква литература.
Главната идеја во книгата е да се разоткрие вистината за анксиозноста, како тема што сè повеќе станува актуелна, ако се земе предвид фактот дека огромен број луѓе имаат потреба да бидат советувани и насочени за успешно справување со состојбата. Во услови кога човек се чувствува изгубен во лавиринтите на привидната „безизлезност“ и немоќно бара помош да се справи со тешкотиите, повеќе од потребно е некој да му даде поддршка, да го потапка по рамото и да му каже дека тоа не е само негова лична борба, тоа е секојдневна борба на илјадници други луѓе, кои што, како и него, трагаат по вистината и се запознаваат самите себе. Книгата базира на проверени искуства и е своевиден дестилат од најдобрите понудени насоки од страна на брилијантни писатели и научници. Едноставно, книгата создава можност за забрзано и ефикасно разбирање на главните прашања поврзани со оваа состојба, така што, нуди алтернативи за апатијата во која запаѓаат луѓето и прибегнувањето кон медикаменозни терапии или непреземањето ништо. Книгата помага и го забрзува процесот на учење. Четивата се кратки и го задржуваат фокусот на читателот. Меѓутоа, она што го прави ова дело примамливо, е неутралниот пристап во нудењето помош и поддршка за разбирање и справување со состојбата и можноста читателот да го направи изборот самостојно. На ниту едно место не може да се сретне крајно радикален пристап, што на било каков начин ќе го иритира читателот и ќе го натера да размислува дека станува збор за новокомпонирана холивудска приказна. Во второто поглавје, авторот се впушта во филозофска расправа за најважните прашања што логично се наметнуваат кај личноста што западнала во ваква кризна состојба. Тука се прашањата за водењето живот со полн капацитет, за отворениот ум, за „безбедните“ зони, за смирението, иднината на умот, вербата, надежта и повеќе други. На повеќе места во текстот провејува заложбата за самопотврдување преку активизирам или заземање во врска со важните животни прашања, излегување од комфорната зона и изложување без задршки за остварување на сопствените идеали и цели. Во врска овие и други прашања, авторот го презентира сопствениот став, избалансиран до совршенство, за повторно да се остави на читателот да ги интегрира и компарира сопствените искуства и впечатоци и да извлече поучни заклучоци што ќе го одведат на посакуваниот пат. Во третата глава, авторот нуди повеќе методи за трансформирање на апатијата и безизлезноста во лични победи и врвни резултати, достигнувајќи ја највозвишената состојба – племенитоста на духот.
Во резимето, авторот завршува со следните зборови: „Дали овие зборови ќе го најдат патот до нечие срце или ќе бидат веднаш отфрлени, не е толку важно. Основно е дека јас и на овој начин дејствував, обидете се и вие!“
За авторот:
Д-р Орде Ѓорѓиоски е роден и живее во Прилеп. Дипломирал и магистрирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје со висок просечен успех. Докторирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје на областа деловно право. Докторирал и на Економскиот факултет во Прилеп на областа менаџмент. Вработен е во Прехранбена индустрија „Витаминка“ АД Прилеп и ги извршува работните задачи како Директор на правни и општи работи. Има положено правосуден испит, нотарски испит и испит за застапници од областа на индустриската сопственост. Вљубеник е во науката и литературата. Има напишано триесетина научни и стручни трудови од областа на правото и менаџментот. Во 2021 година ја објавил книгата „Креирање систем за наградување менаџери и вработени“, а во 2022 година ја објавил книгата „Инспиративна вистина“, прво негово дело од областа на популарната психологија. Член е на УО на ГС1 Македонија, НО на Пакомак ДОО Скопје, Џудо федерација на Македонија, основач и член на Здружение за трудово и социјално право, Македонска асоцијација на корпоративни правници и други.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.