Интервју со Борис Панов, Operations Manager во Superior Dispatch Service
Борис, ти си еден од одговорните на секторот кој стои во самото име на компанијата. Дали тоа значи дека Dispatch секторот е најголем и најважен во целата организација?
Дека Dispatch секторот, или како ние си го нарекуваме Operations, е најважен во целата организација не би рекол, но факт е дека со овој сектор започнува сѐ ова што го градиме со години. Според мене, сите сектори во Superior Dispatch Service се подеднакво важни и тесно поврзани меѓу себе. Поради таа причина нашата приказна е поразлична и успешна. Од друга страна, самото име Operations дава до знаење дека станува збор за главната операција која се одвива на пат, така да нашата работа ја опфаќа целата организација при транспортот од точка А до точка Б.
Терминот dispatcher многу често се користи за секој што работи со камиони во САД. Што поточно прави еден dispatcher во Superior Dispatch Service и што значи да се биде дел од вашиот тим?
Во самата организација на Operations не постои позиција класичен dispatcher. Структурата е хиерархиски поделена на 3 позиции во еден тим. Тимот се состои од Fleet Manager, Load Booker и Track&Trace coordinator. Секој од нив има дневни обврски и одговорности кои се рамномерно поделени според позицијата. За самите шофери ова значи дека наместо само еден човек, за нив се грижат тројца, но за организацијата во нашиот сектор ова значи многу повеќе. Секој нов вработен се впушта во многу помалку ризична средина, каде што силната основа која ја добива за време на обуката во првиот месец систематски ја надградува пред да се впушти во нов и поодговорен предизвик. Со самото тоа, секој вработен без разлика на позицијата, постепено се надградува и има голема можност за раст.
Дека својата работа си ја работиш беспрекорно сведочат многу статии и видеа, па така пред неодамна на твојот LinkedIn профил беше признат од страна на Flexport како топ 50 највлијателни луѓе во транспортната индустрија на глобално ниво. Како се случи ова?
Активно ја користам социјалната мрежа LinkedIn во последните 2 години. Содржината која ја споделувам е поразлична од тоа што го нуди платформата, па затоа моите постови или ‘мемиња’ добиваат реакции и големо внимание од едни од највијателните личности во светот на логистиката. Причината за тоа верувам дека е поради фактот што сите моментални проблеми и ситуации во светот на логистиката ги преведувам со наједноставниот и универзален јазик на мемињата кои ги разбираат дури и луѓето кои воопшто не се вклучени во оваа дејност.
Со Flexport се започна кога Ryan Petersen, CEO на компанијата, сподели мој LinkedIn пост на социјалната мрежа Twitter. Потоа бев контактиран од тимот на Flexport, но не ми беше дадено до знаење дека нешто ќе се случи. Денот кога беше обjaвена листата беше прилично турбулентен ден за мене на работа. Не знаев што се случува сѐ додека не почнав да добивам честитки од пријатели кои исто така се најдоа на таа листа. Ова признание само дополнително ми ја зацврсти кариерата во оваа индустрија и ми овозможи уште поширока публика.
Од каде доаѓа твојата инспирација и колкав дел од денот ти одзима тоа?
Јас сум вработен во Superior Dispatch Service веќе 5 години, па претпоставувам дека инспирацијата за сите постови ми доaѓа од искуството и ситуациите во кој сум се наоѓал секојдневно во индустријата. Инаку се трудам содржината што ја споделувам да биде што е можно поедноставна и со самото тоа можете да дојдете до заклучок дека еден пост не ми одзема повеќе од 3-4 минути додека биде спремен за објава. Кога подготвувам пост, точно знам што ми е идејата, и точно знам што треба да барам за да дојдам до потребната содржина.
Да можеш да бираш помеѓу мемињата и транспортната индустрија, од кое би се откажал прво?
Факт е дека ако го немав целото искуство, кое го имам стекнато во Superior Dispatch Service, немало никогаш да се случат и мемињата. Тие две работи одат заедно. Доколку не си дел од транспортната индустрија, нема да постои инспирација за постови. Така што, размислувам само како да најдам време и за двете, а не да се откажам од едното.
Извадок од најпопуларните мемиња на Борис
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.