Предавања и дискусии на темата булинг ќе се организираат во осумте основни училишта на територијата на Општина Центар во рамки на „Крени глас против врсничкото насилство“, општествено одговорната кампања на „Макпетрол“. Како дел од овие активности, компанијата ќе испечати и едукативен материјал на темата за учениците од шесто до деветто одделение.
– Ако се знае колку распространет е проблемот со врсничкото насилство и како тој им влијае на децата, оваа кампања се обраќа на целата наша заедница. Секој којшто сака, односно има желба да се вклучи во оваа кампања, може да го стори тоа преку каналите на социјалните мрежи, но и директно воспоставувајќи контакт со нас. Сите што се заинтересирани да дадат свој придонес во овој општествено одговорен и едукативен проект, се добредојдени тоа да го направат. Ние ќе ја дадеме потребната поддршка, без разлика дали се работи за образовни или за други институции. Како што докажува примерот со Општина Центар, отворени сме заеднички да работиме за да дојдеме до квалитетни и долгорочни решенија на проблемот со врсничкото насилство – вели Марија Јосифовска-Спасовска, член на Управен одбор и директор во „Макпетрол“.
Во општинските основните училишта „Кочо Рацин“, „Коле Неделковски“, „11 Октомври“, „Јохан Хајнрих Песталоци“, „Димитар Миладинов“, „Гоце Делчев“, „Св. Кирил и Методиј“ и „Киро Глигоров“ во следниов период ќе се одржат едукативни предавања, проследени со дискусија за врсничкото насилство. Со цел успешна реализација на овие активности „Макпетрол“ и Општина Центар денес потпишаа меморандум за соработка.
Освен што ќе добијат едукативен материјал, учениците ќе имаат можност од стручни лица, психолози што работат на проблематиката, да го добијат потребното знаење. Дополнително, тие ќе бидат запознаени и со платформата https://kreniglas.mk, каде што покрај за нив, има информации и за родителите и за наставниците, како и интерактивни содржини и можност за анонимно споделување искуства со булингот.
– Врсничкото насилство е сериозен проблем за кој ние како локални самоуправи под чија надлежност се основните училишта имаме одговорност да ги преземеме сите мерки и активности за поголема безбедност на децата во образовните установи. Секое игнорирање на меѓуврсничкото насилство може да остави трајни последици по личноста и семејството. Затоа Општина Центар ја подржува оваа кампања на „Макпетрол“ со цел да ги доближи до учениците знаците на врсничко насилство и да ги охрабри учениците да зборуваат и да пријавуваат. Упатувам порака за отворена комуникација на родителите и стручните служби со децата бидејќи тоа е најдобриот начин да ги заштитиме. Да ги охрабриме децата да зборуваат, да зборуваме и ние, да реагираме и да ги заштитиме“ – изјави градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Уште од најрана возраст, децата во Македонија се соочени со физичко, вербално, како и психичко, социјално и сајбер-насилство. Сето ова може да се дефинира како булинг, односно врсничко насилство. Оваа тема е исклучително значајна за целото општество и со цел да го крене интересот на јавноста за неа, но и да се најдат начини и пристапи за решенија, „Макпетрол“ ја отпочна општествено одговорната и едукативна кампања „Крени глас против врсничкото насилство“.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.