Ноември секогаш носи некоја посебна атмосфера во компаниите. Работната година е при крај, празниците се приближуваат, а сите некако чувствуваме дека е време да направиме пауза и да погледнеме наназад. Овој период е особено важен за тимовите за човечки ресурси бидејќи е време кога треба да се направи рамнотежа помеѓу завршување на задачите, одржување на мотивацијата и градење чувство на заедништво во организацијата.
Време за рефлексија
Пред крајот на секоја година вреди да се погледне што е направено и што можело да биде подобро. Добра пракса е HR тимовите да организираат кратки разговори, анкети или тимски состаноци каде што вработените можат отворено да кажат што им се допаднало во текот на годината, а што би сакале да се промени. Ова не е само алатка за собирање податоци, туку начин да им покажеме дека нивното мислење има тежина и дека организацијата се развива заедно со нив.
Како да ја задржиме мотивацијата?
Во овој период честопати се чувствува замор. Темпото е високо, а вниманието е насочено кон завршување на сите обврски до крајот на годината. Токму затоа, малите гестови имаат големо значење. Пофалба за добро завршена работа, неформален тимски ручек или ден без состаноци можат значително да го подобрат расположението. Важно е да не се заборави човечката страна на работата бидејќи луѓето реагираат на внимание, искреност и поддршка, а не секогаш на формални награди.
Ова е и момент кога вреди да се преиспитаат буџетите за новогодишни подароци. Наместо класични пакети или симболични предмети, компаниите можат да размислат за нешто што навистина ќе има смисла за вработените, како на пример, дополнителен слободен ден, ваучер за искуство или заедничка активност што гради тимски дух. Понекогаш е подобро помалку средства да се вложат во нешто што создава вистинска емоција и благодарност, отколку во класичен подарок што брзо ќе се заборави.
Подготовка за новата година
Ноември е идеално време да се започне со размислување за наредната година. Освен финансиските и оперативните планови, вреди да се разгледаат и темите поврзани со развојот на луѓето: обуки, внатрешна комуникација, програми за благосостојба или нови начини за мерење задоволство и ангажираност. Кога HR тимот влегува во јануари со јасна визија и план, целата организација тоа го чувствува.
Во овој процес е корисно да се вклучат и самите вработени. Тие најдобро знаат што им недостасува во секојдневната работа и што би сакале да се подобри во организацијата. Едноставна анкета, отворена дискусија или тимска сесија може да даде вредни идеи од предлози за обуки, до начини како да се унапреди комуникацијата или тимската динамика.
Кога HR тимот ги слуша луѓето и потоа ги вградува нивните предлози во плановите, тоа испраќа силна порака: дека организацијата не планира само „за“ нив, туку заедно „со“ нив. Таа транспарентност создава доверба и чувство на заедништво уште пред да започне новата година.
Кога HR тимот влегува во јануари со јасна визија и план, кој е резултат на заеднички искомуницирани цели меѓу вработените, HR и раководството, целата организација тоа го чувствува и уважува!
Празничен дух со мерка
Ноември е месец кога се подготвуваме за славење и дружење, но не сите вработени празниците ги доживуваат на ист начин. Некои се уморни, други се под стрес, а трети можеби едноставно сакаат тивок крај на годината. Затоа е важно HR тимовите да најдат рамнотежа: да се создаде топла и пријатна атмосфера, но без притисок. Малите хуманитарни акции, заедничкото украсување на канцеларијата или едноставно споделување моменти на благодарност можат да направат многу повеќе отколку големи, наметнати прослави.
Крајот на годината не мора да биде само бројки и извештаи. Тоа е момент кога вреди да се забави чекорот, да се види колку е направено и да се препознае трудот зад секој резултат. Ако организацијата влезе во новата година со искрена благодарност и доверба во луѓето, новиот почеток доаѓа полесно и со повеќе смисла.
Доколку преземете содржина (статија или оглас) од 24HR задолжително наведете „Извор: 24HR“ на крајот на статијата со hyperlink кој ќе води од преземената содржина. Преземањето на интервјуа не е дозволено. Повеќе за условите за користење е наведено тука.

