ПОМЕЃУ СТРАТЕГИЈАТА И СРЦЕТО:РАЗГОВОР СО ЛИЛЈАНА БОЈКОВСКА ЗА АНГАЖИРАНОСТ, ЛИДЕРСТВО И КОРПОРАТИВНА КУЛТУРА ВО FLEX GROUP

од 24HR

Што добиваме кога ќе споиме рeгрутација, организациска култура, бренд на работодавач и визија за раст – и сето тоа го носи една личност? Добиваме не само HR Mенаџер, туку стратег, комуникатор и носител на културни промени.

За Лилјана Бојковска, Менаџерка за човечки ресурси во FLEX GROUP Македонија, HR не е само процес – тоа е многу силна емоција, начин на живот. Со искуство што ги опфаќа сите аспекти на HR, започна од самиот почеток – од идејата за HR сектор, па сè до креирање и водењето на стратешкиот бренд на работодавачот. Денес, таа е препознатливо лице и клучен столб во идентитетот и брендот на компанијата.

Во компанија која што ја прослави својата петгодишнина, Лилјана не зборува за бројки – туку за луѓето што стојат зад нив. Ова интервју е патување низ нејзината HR филозофија, секојдневните предизвици, малите победи и големата слика: како се гради оддржлива култура во млада, амбициозна и динамична организација, што континуирано расте и се развива.

Вашата професионална биографија не е типично линеарна – сте работеле и во продажба, и во регрутација, и во управување со луѓе. Како овие различни улоги ја обликуваа вашата HR перспектива денес, особено во динамична компанија како FLEX GROUP?

Точно, мојата професионална патека не беше лесна, ниту класична – но токму тоа ја направи автентична. Работата во продажба ми помогна да ја разберам важноста на комуникацијата, брзината во одлучувањето и ориентацијата кон резултати. Работата во ХР со најголем фокус кон регрутацијата ми ги отвори вратите кон HR светот – таму првпат го почувствував влијанието што можеме да го имаме врз нечија професионална кариерна патека. А управувањето со луѓе ми покажа колку е суштински важно да се слуша, да се води со емпатија, но и со јасни очекувања. Во FLEX GROUP сето тоа се спојува – секој ден е комбинација од стратегија, култура, процеси и луѓе. Овде HR не е изолиран од другите функции – туку е активен партнер во растот. Моето разновидно искуство ми помага не само да ги разберам потребите на различни тимови, туку и да градиме заедничка култура што ги надминува класичните граници на улоги и хиерархии.

Во пост што го споделивте неодамна по повод компанискиот роденден, велите дека пет години FLEX не се само бројка, туку симбол на зреење. Кои се, според вас, моментите што најмногу ја дефинираа културата на компанијата – формалните вредности или секојдневните ситни гестови?


Кога кажав дека „пет години FLEX не се само бројка“, навистина го мислам тоа – затоа што зад секоја бројка стојат луѓе, идеи и предизвици. Формалните вредности се важни – тие ни даваат рамка. Но токму секојдневните, ситни моменти се тие што ја оживуваат културата. Во FLEX научивме дека културата се живее. И токму тие искрени моменти според мене се најсилните носители на тоа што сме денес како организација.

Работата во човечки ресурси честопати се доживува како „невидлив мотор“ што ги движи организациите. Што, според вас, е она што добриот HR тим мора да го прави – дури и кога никој не гледа?

Добриот HR тим обезбедува средина каде луѓето се чувствуваат безбедно и мотивирано, преку развивање на политики и процеси што го олеснуваат секојдневното работење, ги решаваат предизвиците пред да станат проблеми и се грижат тимот да има ресурси за да успее, дури и кога тоа не е видливо на површина.

Една од вашите јасни заложби е Employer Branding. Во ера кога сите зборуваат за бренд на работодавач, што значи тоа за вас на практично ниво – и како тоа го гледаат вработените со кои сте имале прилика да практикувате Employer Branding?

Кога ќе споиш искуство и желби добиваш награда за најдобра Employer Branding стратегија за 2023 год 😊, за креирање на оваа стратегија со мојот тим се водевме од иницијативата што и ние самите би сакале да имаме како вработени. Затоа, за нас брендот на работодавач е постојано патување и работа – не само една кампања. Би сакала да додадам и дека оваа година ја добивме наградата за Најдобар работодавач во категорија финансиски друштва, како заокружување на петгодишнината од постоењето на компанијата.

Многу млади луѓе доаѓаат на пазарот со очекувања што се многу различни од порано – бараат смисла, влијание, флексибилност. Од аспект на компанија и лидер, одговарате ли на тие очекувања без да изгубите на структурност?

Апсолутно, новите генерации носат свежа енергија и различни вредности кои го обликуваат начинот на работа. Во FLEX GROUP, се трудиме да одговориме на нивните очекувања за смисла, влијание и флексибилност, без да го изгубиме фокусот на јасна структура и процеси. Структурата не е цел сама по себе, туку е основа која им овозможува на луѓето да бидат креативни и одговорни. Со отворена комуникација и флексибилни политики, даваме простор за личен развој и прилагодување, додека истовремено одржуваме дисциплина што е неопходна за одржлив раст, преку градење на средина каде луѓето не само што доаѓаат – туку сакаат и да останат.

Често HR се сведува на процедури и регулативи. Но вие зборувате за емоции, мотивација, ангажираност. Како го балансирате „тврдото“ и „мекото“ во вашата работа – и каде најчесто се крие вредноста?


HR е мост помеѓу правилата и луѓето. Процедурите ни даваат сигурност и ред, но без емпатија и разбирање, тие се само празни линии на хартија. Балансот се крие во способноста да ги слушнеме луѓето, да го почувствуваме нивниот пулс и да одговориме со посветеност, процедурите служат како основа, а емоциите го движат срцето на организацијата.

Кога ќе погледнете наназад на оваа улога, а и напред кон она што доаѓа – што е нешто што сакате да го оставите зад себе како личен печат? И што би им рекле на младите жени кои сакаат да водат тимови, култури и процеси, но се двоумат дали „го имаат тоа нешто“?

Кога ќе погледнам наназад, сакам да оставам трага на организација која цени луѓе, ги поддржува и ја негува културата на соработка и доверба. Мојата цел беше секогаш да бидам носител на позитивна промена, да ги поврзам луѓето и да им помогнам да го покажат својот најдобар потенцијал.

За младите жени што размислуваат ,,дали го имаат тоа нешто“ – велам:

Верувајте во себе и во својот потенцијал, бидете упорни, учете, градете свој препознатлив имиџ. Водството не е совршенство, туку храброст да се биде автентичен, да се учи од грешките и да се поддржува тимот со отворено срце. Не дозволувајте сомнежот да ве запре – секоја сте посебна на свој начин и вашата уникатност е вашата најголема моќ!

0 коментар
0

Related Posts

Остави Коментар

Веб страната користи колачиња за подобро корисничко искуство. Претпоставуваме дека сте во ред со ова, но како опција можете да не ги користите. Прифати Повеќе...